
Архива на апсурдот
Во аналите на македонската бирократска мисла, февруари 2026 година ќе остане запишан со златни букви на глупоста. Иднината на оваа земја не започна со „голем чекор за човештвото“, туку со еден банален, но болен „System Error“.
Пред три недели, токму кога истекуваше рокот за јавна расправа по Националната стратегија за образование 2026–2032, порталот за предлози ener.gov.mk беше „паднат“. Но, додека серверот можеби беше техничка грешка, она што следеше беше системска дијагноза. Кога ентузијастите од Граѓанско-научната космичка агенција (ГНКА) се обидоа, и покрај дигиталниот мрак, да достават предлог за вклучување на вселенските науки во образованието, добија одговор кој звучи како да е излезен од лош превод на „Автостоперски водич низ галаксијата“.
Од Министерството за образование и наука (МОН) за „Слободен печат“ ладнокрвно порачаа дека Стратегијата е за „генерални насоки“ и „инфраструктура“, имплицирајќи дека вселената е премногу специфичен детал за нивните табели. Или, како што брилијантно поентираше насловот на самиот новинарски текст:
„Вселената е преширока за да влезе во Националната стратегија.“
Овој наслов стана нашиот денешен артефакт. Иако МОН не ги изговори буквално овие зборови (тие се премногу зафатени со „формули за финансирање“ за да бидат толку метафорични), насловот ја погоди суштината на нивниот молк: за нив, стратешкиот документ е кутија за чевли, а космосот е слон што не го забележуваат, иако е во собата. А кога некој конечно ќе им го покаже, тие велат: „Преголем е за кутијата“. Логично, нели? Не, финатата е да погледнете надвор од кутијата!

Факти што болат
За да разбереме колку е „широка“ таа вселена за нас, а колку е „тесна“ за другите, да ги погледнеме бројките. Бројките не се бирократи, тие не знаат за изговори.
- 80+: Држави во светот што имаат активна вселенска програма. Ние не сме меѓу нив. Црна Гора е.
- 75+: Држави што располагаат со астрономски опсерватории. Ние не сме меѓу нив. Косово е.
- 2 до 3: Бројот на студенти што годишно се запишуваат на астрофизика при УКИМ. Зошто? Затоа што во средно нема кој да им каже дека тоа е опција.
- 0: Бројот на пати што зборот „космос“ или „вселена“ се споменува во македонската Стратегија (документ од 100+ страници).
Но, најстрашниот факт лежи во самиот текст на Стратегијата. Направивме обдукција на документот и наидовме на парадокс:
- На страна 12 се бараат „Зелени вештини“ и разбирање на климатските промени. Реалност: Климата денес се следи ексклузивно преку сателити. Без вселена, екологијата е само собирање ѓубре во училишниот двор.
- На страна 13 се бара „Вештачка интелигенција (AI)“. Реалност: Глобалниот интернет, GPS системите и податоците што ја хранат AI доаѓаат „од горе“. Ние сакаме софтвер, но ја игнорираме физиката што го овозможува.
Стратегија за земјени црви
Проблемот со контекстот „вселената е преширока“ не е само во неговата комичност. Проблемот е што тој разоткрива еден длабок провинцијализам во срцето на институциите што треба да ја креираат иднината.
Кога МОН вели „тоа ќе се реши во наставните програми“, тие всушност велат „нека се снаоѓаат сами“. Без зборот КОСМОС во стратешката визија, ниту еден директор на училиште не може да оправда набавка на аматерски телескоп. Без тој збор, наставникот по физика кој сака да зборува за Илон Маск или за црни дупки, тоа го прави како „хоби“, а не како дел од системот.
Ова е стратегија за удобно преживување на Земјата. Тоа е стратегија за „земјени црви“ – суштества кои се корисни, кои ја ораат земјата, но кои никогаш, ама баш никогаш, не го креваат погледот нагоре. Аргументот дека „имаме поважни проблеми“ (покриви што течат, немање креди) е токму причината зошто тапкаме во место. Додека ние лепиме плочки во училниците, нашите соседи учат како да истражуваат астероиди. Едното е одржување, другото е развој.

Бирократска суперпозиција: Мачката на Шродингер
На 11.02.2026, ситуацијата е уште помистериозна. ГНКА и нивниот фронт од сојузници – Македонското астрономско друштво, студентите по физика, па дури и Здружението на млади правници – излегоа со јавно прашање: Каде е Стратегијата?
Никој нема податоци во која фаза се наоѓа документот. Тој е во состојба на „бирократска суперпозиција“ – можеби е усвоен, можеби е избришан, можеби е заглавен во некој спам фолдер, жив и мртов, истовремено. Уште потрагично, ниту еден претставник од власта не смогна сили да објасни зошто вклучувањето на космосот е небитно. ГНКА легитимно прашува: Како може изучувањето на најголемиот двигател на технологијата (New Space економијата која вреди трилиони) да биде небитно за македонските граѓани?
Правниците во оваа приказна се клучниот лакмус. Кога правник ќе ти каже дека „правото на знаење за космосот е јавен интерес“, знаеш дека работата станала сериозна. Ова веќе не е молба за астрономска секција; ова е борба против системскиот страв од непознатото.
Небото не се крати
Можеби бирократите се во право. Можеби вселената навистина е преширока за нивните табели и ексел-документи. Но, таа е преширока само за оние кои се навикнати да гледаат надолу, барајќи дупки во законот или во асфалтот. За сите други – за оние 2-3 студенти по астрофизика кои се „системска грешка“ со која се гордееме, за ентузијастите кои во гаражи лемат антени, за децата што сонуваат – вселената е единствената мерка што ја признаваат.
Во Стратегијата пишува дека сакаме да создадеме „компетентни граѓани“. Во 2032 година, не можеш да бидеш компетентен граѓанин на Земјата, ако не знаеш што се случува надвор од неа. Затоа, господа од МОН, ако Стратегијата ви е „тесна“, не ја кратете вселената. Проширете ја Стратегијата. Или, уште подобро – проширете ги вашите умови. Небото над Македонија е истото она небо над Луксембург. Разликата е само во тоа дека ние сме го имале Кокино – мегалитска опсерваторија пред 4.000 години. Денес немаме ништо.