Нови траги за почетоците на Филозофскиот факултет во Скопје

На 16 декември 1920 година во Скопје започнале првите академски предавања на Филозофскиот факултет – настан што денес се смета за почеток на модерното високо образование во Македонија. Тоа е датум што Филозофскиот факултет го одбележува како свој ден, но и датум околу кој долго време постоела непријатна историска тишина: факултетот бил основан во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, како автономна установа поврзана со Универзитетот во Белград, во време кога македонскиот народ не бил признаен како посебен народ.

Токму затоа приказната за Филозофскиот факултет во Скопје не може да се раскаже ниту како едноставна национална прослава, ниту како „туѓа“ историја што треба да се избрише. Таа е многу посложена: институција создадена како дел од државна, културна и асимилаторска политика на Кралството СХС, но која со тек на време станала јадро на македонското високо образование, научен кадар, наставничка елита, библиотечна и музејска инфраструктура и повоена државотворна традиција.

Арно.мк пронајде и претставува еден малку познат, но исклучително важен современ извор: записот за „Философски Факултет у Скопљу“ во Kraljevina Srba, Hrvata i Slovenaca: almanah 1922 (во целост: тука), публикација објавувана во 1920-тите и 1930-тите години, со службени податоци за институциите во тогашната држава. Иако библиографски се води како алманах од 1922 година, конкретниот запис за Филозофскиот факултет е составен според официјални податоци од 3 ноември 1926 година. Дополнително ја споредуваме со други извори од истиот период, меѓу кои алманахот од 1925 година и стенографските белешки на Народното собрание од 1928 година.

Колку што можевме да провериме, овој конкретен извадок досега не бил посебно претставен и анализиран во македонската јавност. Токму затоа тој е важен: не станува збор за подоцнежен јубилеен текст, не за историска реконструкција, туку за административен опис од самото време, направен додека факултетот работел.

Што точно вели алманахот?

Во записот од алманахот стои:

„Во 1920 година е основан Филозофскиот факултет во Скопје, како самостоен завод за универзитетска настава.“

Оваа формулација е клучна. Факултетот не е опишан само како „одделение“ или обична провинциска школа, туку како самостоен завод за универзитетска настава. Истовремено, алманахот прецизира дека за него важел Законот за Универзитетот во Белград, со уредбата на Филозофскиот факултет при тој универзитет и со мали измени во специјалната уредба пропишана за скопската установа.

Со други зборови: Филозофскиот факултет во Скопје не бил самостоен универзитет во денешна смисла, но не бил ни обична подрачна школа. Тој имал сопствена администрација, сопствен буџет и академски совет составен од тројца професори што ги избирал самиот факултет. Наставата траела шест семестри, односно три години. Докторски испити не се полагале во Скопје, но сведоштвата на факултетот имале иста вредност како сведоштвата на Универзитетот во Белград. Наставниците имале плата и ранг на наставници на Белградскиот универзитет.

Оваа нијанса е важна затоа што ја поместува расправата. Ако се каже само дека Филозофскиот факултет бил „дел од Белградскиот универзитет“, се губи неговата автономна позиција. Ако, пак, се каже дека бил „Скопски универзитет“, се преувеличува неговиот правен статус.

Филозофскиот факултет во Скопје, според алманахот, бил самостоен завод за универзитетска настава, поврзан со Белградскиот универзитет, со сопствена администрација, буџет и академски совет; тригодишна настава без докторски испити; сведоштва и наставнички ранг изедначени со Белград; планирани природни науки; делумно непополнети катедри; и Археолошки музеј и Народна библиотека во основање како делови на „Скопскиот универзитет“.

Други извори од 1920-тите

Други современи извори

Покрај алманахот, и други службени документи од втората половина на 1920-тите ја потврдуваат високата институционална позиција на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во Алманахот од 1925 година, Филозофскиот факултет во Скопје е наведен во категоријата „Универзитети, факултети и високи школи“, заедно со универзитетите во Белград, Загреб и Љубљана, Правниот факултет во Суботица и неколку високи школи. Во истиот преглед се наведени само две академии – Српската кралска академија на науки во Белград и Југословенската академија на науки и уметности во Загреб – што дополнително покажува колку мал бил кругот на највисоки научни и образовни институции во тогашната држава.

Дополнителна потврда доаѓа и од Стенографските белешки на Народното собрание на Кралството СХС“ од 1928 година, каде во буџетот на Министерството за просвета се појавуваат буџетски партии означени како „Универзитет у Скопљу“. Во нив се спомнуваат, меѓу другото, контрактуален картограф и хонорарен лектор. Иако тоа не значи дека Скопје имало самостоен универзитет во правна смисла, покажува дека во административниот и буџетскиот јазик скопската високообразовна установа се третирала како посебна универзитетска единица.

Основањето: 2 февруари, 7 февруари или 16 декември?

Постојат повеќе датуми што се поврзуваат со почетокот на Филозофскиот факултет во Скопје.

Уредбата за основање на Филозофскиот факултет во Скопје и Правниот факултет во Суботица била потпишана на 2 февруари 1920 година, а објавена во „Службени новини“ на 7 февруари 1920 година. Затоа во српската историографија и во текстовите на СПОНА често се зема 7 февруари како датум на основање.

Но, во македонската институционална традиција, како и во јубилејните одбележувања на самиот Филозофски факултет, централно место има 16 декември 1920 година, како ден на првиот академски час и почетокот на наставата. И проф. д-р Никола Жежов во својот текст за 105 години Филозофски факултет го зема токму 16 декември како ден на факултетот и како почеток на високообразовната дејност во Македонија.

Во дел од изворите се јавуваат и 20 или 21 декември како датум на почеток на редовните предавања. Најверојатно станува збор за разлика меѓу воведни предавања, редовна настава и институционално одбележување. Затоа најпрецизно би било да се каже:

Факултетот е правно основан во февруари 1920 година, а наставата започнала во декември 1920 година, при што 16 декември е датумот што се одбележува како ден на факултетот.
Програмата: хуманистички факултет со поширока универзитетска амбиција

Алманахот наведува широк спектар предмети што требало да се предаваат на Филозофскиот факултет: философија со педагогија, географија, етнографија, етнографија со етнологија, српски јазик со јужнословенски јазици, останати словенски јазици со нивните литератури, класична филологија, историја на Србите, Хрватите и Словенците со историја на Балканскиот Полуостров, општа историја, византологија, археологија со историја на старата уметност. Овој список се поклопува со податоците што веќе се познати од уредбата и од истражувањата на СПОНА, но не и со текстот на Проф. д-р Ратко Дуев.

Алманахот додава уште еден важен детал: накнадно требало да се воведат катедри за природопис, физика, хемија и математика.

Тоа покажува дека првичната визија не била ограничена само на хуманистичките науки. Во замислата постоела можност скопскиот факултет да се развие во поширок универзитетски центар, со природни науки и со институции што би го надминале класичниот филолошко-историски факултет.

Ова е особено интересно ако се има предвид повоениот развој. Во 1946 година, кога Филозофскиот факултет бил возобновен во НР Македонија, тој имал историско-филолошки и природно-математички оддел. Подоцна од него ќе произлезат и други универзитетски единици, меѓу кои Природно-математичкиот факултет и Филолошкиот факултет.

Службен пресек од 1926: кој предавал на факултетот?

Алманахот е особено вреден затоа што дава пресек на управата и наставниот кадар според службени податоци од 3 ноември 1926 година.

Како декан е наведен д-р Тихомир Остојиќ, редовен професор на катедрата за историја на српската книжевност со југословенски книжевности. Покрај него се наведени и:

д-р Стјепан Куљбакин, контрактуален редовен професор, катедра за словенска филологија;
д-р Радослав Грујиќ, вонреден професор, катедра за историја на Србите, Хрватите и Словенците;
д-р Светомир Ристиќ, вонреден професор, катедра за историја на философијата, логика и психологија;
д-р Мита Костиќ, доцент, катедра за историја на Србите;
д-р Павле Чубровиќ, доцент, катедра за педагогија и методика;
д-р Грга Новак, доцент, катедра за историја на средниот век;
Петар Михаиловиќ Бицили, хонорарен професор, катедра за историја на стариот век;
Николај Љвовиќ Окуњев, хонорарен професор, катедра за археологија и историја на уметноста;
д-р Николај Михајловиќ Бубнов, хонорарен професор, катедра за историја на новиот век;
Милош Ивковиќ, хонорарен професор, катедра за српски јазик;
а должноста универзитетски секретар ја вршел гимназискиот наставник Димитрије Фртуниќ.

Овој список покажува неколку работи. Прво, факултетот имал реален наставен кадар, не бил само проект на хартија. Второ, меѓу професорите имало кадри од различни научни и културни средини – од Србија, Хрватска и руската емиграција по Октомвриската револуција. Трето, Скопје во 1920-тите, преку Филозофскиот факултет, станало место каде што доаѓаат луѓе со европско академско образование и со искуство од универзитети како Харков, Одеса, Петроград, Виена, Прага, Загреб, Белград и други центри.

Факултетот како јадро на библиотека, музеј и научен живот

Еден од најинтересните делови од алманахот е реченицата дека како составни делови на „Скопскиот универзитет“ биле во основање Археолошки музеј и Народна библиотека, со очекување дека наскоро ќе можат целосно да одговорат на својата задача.

Ова е можеби најважното дополнување што го носи новооткриениот извор. Тој покажува дека Филозофскиот факултет не бил замислен само како место каде што се држи настава, туку како јадро на поширок научно-културен систем: факултет, библиотека, археолошки музеј, научни друштва, јавни предавања, студентски организации и издавачка дејност.

Ова се потврдува и во други извори. СПОНА наведува дека околу Филозофскиот факултет се развиле Универзитетска и прва јавна библиотека, Скопско научно друштво, Академско литературно друштво „Његош“, географски и етнографски друштва, Народен универзитет, Музеј на Јужна Србија, студентски дом и други установи.

Проф. д-р Ратко Дуев во интервју за Факултети.мк исто така нагласува дека првата историско-археолошка збирка била сместена на Филозофскиот факултет уште во 1920 година, а во наредните години биле организирани етнографска, зоолошка и геолошко-петрографска збирка. Во рамките на факултетот била отворена студентска библиотека, чија читалница била отворена за сите граѓани; според Дуев, таа не била само универзитетска, туку и прва јавна библиотека во Скопје.

Така, од перспектива на културна меморија, Филозофскиот факултет во Скопје треба да се гледа како една од почетните точки на модерната научна, библиотечна и музејска инфраструктура во градот.

1946: возобнова, не само нов почеток

По Втората светска војна, Филозофскиот факултет бил обновен во сосема нови историски околности. Свеченото отворање било на 29 ноември 1946 година, а првите предавања биле одржани на 16 декември 1946 година – истиот датум што се врзува и со почетокот на наставата во 1920 година.

За разлика од предвоениот период, наставата сега се одвивала на македонски јазик.

Оваа симболична подударност не е мала работа. Таа покажува дека повоените основачи биле свесни за претходниот факултет и дека постоела намера, директна или индиректна, да се воспостави континуитет. Меѓу луѓето што учествувале во обновата имало и поранешни студенти и асистенти од меѓувоениот факултет, меѓу нив Харалампие Поленаковиќ и Јован Ф. Трифуноски.

Како да се именува оваа историја?

Филозофскиот факултет во Скопје од 1920 година не може да се третира како туѓа институција без врска со македонската историја, затоа што токму преку него започнале модерното високо образование, дел од научната инфраструктура, библиотечната традиција, музејските збирки и образувањето на кадар што подоцна ќе се вгради во македонската држава.

Најточно е да се каже дека Филозофскиот факултет во Скопје има два историски почетоци:

Првиот е 1920 година – како автономен факултет / самостоен завод за универзитетска настава, поврзан со Универзитетот во Белград, во рамките на Кралството СХС.

Вториот е 1946 година – како обновена македонска високообразовна институција во НР Македонија, со настава на македонски јазик и со улога во создавањето на првиот македонски универзитет.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *