„Ќе одиме во книжарницата, да гледаме книги“ – Димитрие Дурацовски за скопска „Култура“ во 1973 година

По објавувањето на нашата мапа на скопските книжарници, ни се јави писателот Димитрие Дурацовски со извадок од неговиот роман „Понекогаш се враќаат“ („Арс Либрис“, 2026), во кој се навраќа на книжарницата „Култура“ во Ристиќевата палата во 1973 година.

Од кафе во „Пелистер“ до разгледување на книжарските полици, Дурацовски нè води низ едно младешко сеќавање за желбата по книгите, пријателството и Скопје од пред повеќе од половина век. Со согласност на авторот, го објавуваме извадокот како книжевен прилог кон нашата мапа.


Димитрие Дурацовски

Понекогаш се враќаат

Фрагмент за книжарницата „Култура“ во Ристиќевата палата, 1973 година

Тој Пјер посетуваше настава во одделот за текстил кој го водеше прочуениот дизајнер за текстил и костимограф Ѓорѓи Здравев и кога завршија часовите ме чекаше надвор, понекогаш после наставата шетавме низ Скопје бесцелно. „Ќе одиме некаде?“ ми се обрати Пјер а јас му реков дека ќе одиме во „Пелистер“ ќе седиме таму и ќе гледаме како врват минувачите надвор а после ќе видиме. Така и направивме, низ уличките кои водеа на плоштад стигнавме до „Пелистер“, но пред да влеземе, од трафиката која се наоѓаше покрај влезната врата на ресторанот си купивме по една топла пирошка и така стоејќи пред влезот јадевме. Потоа влеговме и седнавме до високите застаклени прозорци. Бидејќи надвор беше студено, терасата на ресторанот не работеше. Нарачавме по едно кафе, бидејќи тоа ни беше најевтино, келнерот ни донесе и по една чаша минерална вода. Во тоа време се служеше само турско кафе, немаше како сега еспресо, ниту пак нес-кафе. Филџаните беа едни бели, со бочвеста форма со сина линија на работ но беа со дебели ѕидови и ја држеа долго време топлината на кафето. Пјер отпи голтка од кафето, потоа и од газираната вода и наеднаш ждригна.

„Аман бе Перо“ му реков, „Ко некоја свиња си, внимавај малку, меѓу луѓе сме“ а тој ми се извини и запали цигара. Пушевме така, пиевме кафе и гледвме надвор во луѓето што минуваа покрај трафиките на „Нова Македонија“ и на „Тутун“ кои беа наредени на тротоарот пред излогот од ресторанот, некои од луѓето застануваа да купат весник или пакло цигари. Подалеку од трафиките, веднаш зад нив преку патот се наоѓаше Ристиќевата палата во чиј долен дел беше сместена книжарницата на „Култура“ која беше преполна со книги, тој мој мрачен предмет на незаситна желба.

…

И сега седиме со Пјер во„Пелистер“, сркаме кафе и пушиме, гледаме надвор како поминуваат луѓето. Што ми текна наеднаш, му велам на Пјер,

„Ајде стануваме“. Плативме и излеговме надвор, веќе беше многу студено.

„Ќе одиме некаде?“ ме прашува Пјер „Или ќе си одиме секој дома“.

„Ќе одиме во книжарницата“ му велам, „Да гледаме книги“.

Во книжарницата одевме многу често, разгледувавме книги а понекогаш и ќе купев некоја, кога имав пари. Тука работеше еден млад човек со мустаќиња на кого Пјер уште од првиот ден кога го виде му даде име, господин Дибоа. Беше фин и културен човек но секогаш кога ќе влезевме во книжарницата не гледаше со крајна недоверба. Ја префрливме улицата, во тоа време низ неа поминуваа автомобили и влеговме во книжарницата која беше раскошно осветлена, преполна со книги. Зад тезгата на која беа наредени книги седеше господин Дибоа и читаше нешто. Кога влеговме стана и нѐ праша дали бараме некоја конкретна книга или само ќе разгледуваме. „Ќе разгледуваме“ реков и почнав со поглед да ги прегледувам книгите наредени на полиците по ѕидовите. Господин Дибоа не седна туку тргна по нас, секогаш беше на неколку чекори зад нас внимателно гледајќи што правиме. Го чувствував неговиот поглед врз мојот тил, знаев дека дека сме му сомнителни но продолжив да гледам во `рбетите на книгите, да ги читам нивните наслови, некои од нив ќе ги извадев, ќе ги прелистав и ќе ги вратев на место. Сѐ додека не дојдов до една книга од која ми застана грутка во грлото. Тоа беше книгата „До невозможното“ на белградскиот надреалист Ѓорѓе Костиќ за која бев читал во весникот „Политика“ дека излегла минатата година, во која тој на еден својствен мемоарски начин го опишува создавањето на белградската група надреалисти 1930 година со посебен акцент на улогата на Марко Ристиќ кого сите го сметаа за основач на движењето, еден вид белградски Андре Бретон. Подголтнав и ја извадив обемната книга од полицата, отворајќи ја внимателно и разгледуваајќи ја лист по лист. Меѓу текстот имаше и цртежи. Читав на прескок мислејќи дека секако треба да ја купам книгата но се сневеселив кога на празната последна страница ја видов напишана цената. Немаше никаква можност тоа да го направам бидејќи немав доволно пари.

„Те гледам се препотуваш“ ми се обрати наеднаш Пјер, „Толку ли ти значи книгава?“

„Многу ми значи Петре, но за жал не можам да ја имам бидејќи немам доволно пари, а колку што ценам немаш ни ти“ му реков враќајќи ја книгата на место. За цело време господин Дибоа не нѐ испушти од око.

„Добро“ рече Пјер, „Тогаш ајде да си одиме, ќе се снајдеме некако за книгата“.

Јас неволно ја прифатив неговата замисла и некако потиштено излегов надвор. Сонцето веќе беше зајдено и се смрачуваше а ние стоевме пред книжарницата нерешителни.

„Па добро“ рече Пјер, „Ако веќе не правиме ништо да си одиме секој дома, а?“

„Да си одиме“ му реков и секој од нас си замина на својата страна.

…

Наеднаш некој затропа на первазот од прозорецот кој беше ниско поставен бидејќи станот беше на приземје. Под прозорецот стоеше Пјер. Го отворив прозорецот и го прашав што дошол, нели си замина? Но тој само ја крена раката и ми подаде книга која јас ја прифатив.

„Не вели ми ништо, ај чао“ рече и си замина. Го затворив прозорецот, гледајќи ја книгата. Да, тоа беше онаа книга по која подголтнував во книжарницата, „До невозможното“ од Ѓорѓе Костиќ, историјата на белградскиот надреализам. Не сакав да знам како Пјер дошол до книгата но ми се чинеше најмалку веројатно дека ја купил. Но мене веќе не ми беше грижа, книгата ја имав, се испружив на креветот и почнав да ја читам додека топлината од нафтената печка се разлеваше во собата и ме правеше дремлив.

Колку читав не знам, но наеднаш го слушнав оштриот звукот на ѕвончето на влезот како непрекинато во куси интервали неколку пати заѕвони. Скокнав од креветот и веднаш се најдов до влезната врата, мојата соба беше веднаш до влезот на станот. Ја отворив вратата и се стаписав. Пред неа стоеше еден милиционер, книжарот од книжарницата „Култура“ и Пјер.

„Овој е?“ го праша милиционерот Пјер но тој не проговори туку господин Дибоа наеднаш почна да вика:

„Тој е, тој е“. Пјер стоеше со наведната глава. Дали не беа тука или не го слушнаа ѕвончето, брачната двојка станодавци не излегоа од нивната соба но затоа во мојата соба влегоа и милиционерот и книжарот и Пјер. Книжарот, господин Дибоа ја здогледа книгата на нахткасната до креветот и славодобитно ја крена во вис.

„Ви реков дека е тој, дека е кај него а овој малиов крадец по негова наредба ја украде книгава“ му се обраќаше господин Дибоа на милиционерот.

„Стави му лисици, апси го, што чекаш“ му викаше тој мафтајќи со книгата во воздухот. И едновремено, додека милиционерот, на мој ужас ми ставаше лисици, книгата која книжарот ја мавташе во воздухот му испадна од раката и со тресок падна на паркетот отворајќи се, покажувајќи дека е составена целата само од бели празни листови кои не содржеа никаков печатен текст ниту пак цртежи. Во истиот миг додека книгата се отвораше и додека го слушав звукот на затворањето на лисиците на моите зглобови на дланките, во тој еден и единствен миг се пробудив од кошмарниот сон целиот испотен гледајќи ја книгата која ми се слизнала додека сум ја читал и паднала на подот до креветот.


Извадок од романот „Понекогаш се враќаат“ на Димитрие Дурацовски („Арс Либрис“, 2026), објавен со согласност на авторот.

Истражете ја и нашата мапа: „Скопските книжарници – од откривање светови до избирање подароци“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *