Во книжарница можеше да влезеш без да знаеш што бараш. Ќе разгледаш што пристигнало, ќе отвориш книга поради необичниот наслов, ќе препознаеш автор за кого си слушнал од пријател. И пред да се свестиш поминал еден час, можеби и неколку часа. Потоа ќе излезеш со книга што немала никаква врска со причината зошто си влегол во книжарницата. Неколку дена подоцна, повторно си таму.
Книжарниците во Скопје беа и места за такви средби. Со книги, со луѓе, со идеи за кои дотогаш не сме знаеле дека постојат. Новата мапа на Арно.мк ги поврзува старите книжарски адреси со нивните приказни, преселби и денешни продолженија.

Книжарници што му даваа адреса на љубопитството
„Култура“ преку мостот и „Нолит“ во зградата на ФМУ, „Табернакул“ во МНТ и подоцна на Рекорд, книжевниот салон „Мисла“ спроти Соборниот храм, „Или-или“ во „Точка“, а потоа до Домот на градежниците — овие места се дел од различни периоди на скопскиот читателски живот.
На мапата се и „Магор“, „Икона“, „Матица“, ТРИ, „Ѓурѓа“, „Антолог“, „Академска книга“ и други книжарски имиња. Зад некои стојат големи издавачки мрежи, зад други помали простори со внимателно избрана понуда. Во дел од нив се одржувале промоции, изложби и разговори, па нивната историја се преплетува со поширокиот културен живот на градот.
Особено убав пример е „Или-или“: книжарницата му претходи на издаваштвото. Во интервју од 2023 година, Ненад Стевовиќ се навраќа на набавувањето книги од Белград и на средбата со „Читачот“ од Бернхард Шлинк во малата книжарница во „Точка“. Подоцна романот станува првата книга во нивната издавачка програма. Од книга донесена за продажба започнува уште една книжевна приказна.
Што пишува во документите?
Сеќавањата ја зачувуваат атмосферата, а документите помагаат да се состави хронологијата.
Издавачкото претпријатие „Култура“ е основано во 1945 година. Неговите извештаи во „Службен весник“ бележат мрежа од 16 продавници во 1956, 19 продажни единици во 1957 и 21 книжарница во 1960 година, од кои пет во Скопје.
За книжарницата во Ристиќевата палата, официјалната страница на „Култура“ наведува дека е во сопственост на претпријатието од 1958 година, повикувајќи се на сопствените архивски записи. Тоа е конкретен податок за просторот, одделен од годината на основање на издавачот.
Овие разграничувања се важни и за другите записи: кога започнала издавачката куќа, кога се отворила книжарницата, кога се преселила и од кој период е документот што ја споменува. Мапата ги поврзува тие траги, со извори покрај временските белешки.
Кога книгите не можат да ја платат киријата
Историјата на книжарниците е и историја на нивното опстојување.
„Табернакул“ на Рекорд, отворен во 1999, се затвори во октомври 2016 година. Во изјавата за затворањето, уредникот Ванчо Каранфилов објасни дека приходите не ги покривале трошоците и закупнината. Место што за читателите значело многу, во деловните пресметки веќе немало одржлива иднина.
Во април 2026, пак, „Фокус“ забележа затворена врата на „Култура“ на плоштадот, со известување за преселба на Даме Груев 3. Во написот нема потврда дали затворањето е привремено или трајно.
Зад ваквите вести останува прашањето што се случува со читателските навики кога ќе исчезне местото во кое тие се создавале. Адресата може да се смени во еден ред од известување. Навиката да свратиш, да разгледаш и да поразговараш потешко се преселува.
А дали некогаш се продавале само книги?
Денешната мешавина од книги, подароци, играчки, нотеси и училишен прибор ја прави споредбата со старите книжарници речиси неизбежна. Но документите умеат да ја расипат и најубаво наредената носталгија.
Во студијата на Невен Радически за издавачката политика во 1950-тите, врз основа на архивски материјал разгледуван во 1959 година, е забележано дека книгата во книжарниците имала второстепено значење, бидејќи главно се продавале канцелариски и училиштен прибор. И „Култура“ во извештајот за 1960 година наведува одделение за продажба на големо на такви материјали.
Значи, книгите одамна ги делат полиците со друга стока. Денешната гифт-програма ја продолжува и ја проширува таа мешавина, понекогаш до степен во кој книгата едвај се забележува. Прашањето е колку простор останува за неа — во излогот, во понудата и во разговорот со човекот зад касата.
Скопје и денес има книжарници со избрана литература, специјализирана понуда и книжевни настани. И тие се дел од мапата, заедно со местата што исчезнале или смениле адреса.
Отворете ја мапата, дополнете ја приказната
Мапата содржи 17 записи, со описи, хронологии и извори. Некои книжарници се прикажани на повеќе историски локации; за други засега е зачувана само адресарска или книжевна трага. Со избирање запис може да се разгледа неговата историја и да се копира линк до конкретната книжарница.
Ако паметите книжарница што недостига, стара адреса, фотографија или документ, пишете ни на Арно.мк. Особено се добредојдени материјали што можат да помогнат да се утврдат локации и датуми.
А може да ни кажете и која книга сте ја пронашле таму. Некои книжарници најдобро ги паметиме токму по тоа.