„Нека е на Арно!“ Промоција на млади и креативни луѓе на порталот арно.мк

На арно.мк започнавме серијал на претставување млади и креативни луѓе, со широки интереси и сфери на активност.

Разговаравме со Мартин Алексов, илустратор со љубов кон природата, науката и креативните личности. Нашиот разговор се однесуваше на илустрирањето, дизајнот, визуелната креативност, но откривме и дека тој дипломирал на тема заштита на растенија и се надеваме дека наскоро ќе поразговараме и на таа тема. Заштитата на природата е нешто што треба да не засега сите.

Го претставивме Игор Стојановски, читател, музичар, диџеј и колекционер на необични дела. Игор го отвори својот интимен и богат внатрешен свет кон јавноста на многу неочекуван и интересен начин за нас. Обавезно посетете го линкот!

Зборувавме со Хана Корнети, сестрана авторка од новото Скопје (за кое можеби не сте знаеле дека постои). Таа се претстави како многу интересна авторка, писателка, музичарка, културолог, филозоф и многу други нешта.

Ја претставивме и Наташа Атанасова од Блен.мк.Таа е електроничар, книжевник, копирајтер, новинар, културњак, „книшки молец“, основач на поранешниот блог Куцкамен, на агенцијата за маркетинг Импакта и на блогот за книжевнoст Блен.мк. Нејзиното портфолио зборува за себе, и таа преку Блен.мк има направено многу за промовирањето на домашната уметничка сцена.

Особено интересен и поинаков муабет беше со Џон Питерсен од компанијата Кесанова. Џон, Данец по националност, е интересна и сестрана личност. Бил главен уредник и писател на блогот со вести „ТекстПитерсен“ на дански јазик. Пред тоа бил консултант за „NameGrænseforeningen“, менаџирајќи со проект за зачувување и зајакнување на данскиот јазик и култура во областите на границата помеѓу Данска и Германија. неговата компанија во Македонија произведува печатени хартиени кеси по највисоки еколошки стандарди.

Тоа не води кон муабетот дека како портал, освен индивидуи сакаме да претставуваме компании и проекти кои влијаат добро на културата, уметноста, науката и се она што е запоставено кај нас.

Самоглас, иницијатива и платформа за аудиокниги, е одличен пример за тоа. Нивната професионалност, посветеност на највисок квалитет во однос на аудио материјалите, содржината, визуелно претставување и слично е навистина освежување во нашата средина. Навикнати сме да гледаме такви проекти само кога се работи за комерцијални производи и кампањи, но не и за интелектуалните и културни вредности.

Со овие текстови им даваме место на креативни и интересни луѓе со надеж дека ќе инспирираме повеќе млади луѓе да тргнат по нивниот пат.

Како портал и уредници цврсто веруваме дека уметноста и креативноста, грижата за околината, правилната наука и посветеноста на вистината и правите вредности може да го смени светот. Ако не светот, барем можеме да ја подобриме нашата околина, земјата во која што живееме.


Ако сте млади и креативни и имате што да споделите со публиката – пишете ни.

Нека е на арно!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.