Хана Корнети, сестрана авторка од новото Скопје (за кое можеби не сте знаеле дека постои)

Скопје мутира, понекогаш во митолошка Химера, суштество составено од делови од различни ѕверови, секој погрд од другиот. Сепак, понекогаш, по дождот кој ги мие лошите наслаги, чудесната шума знае да роди и магични печурки. Една од нив е младата Хана Корнети, писателка, музичарка, културолог, филозоф и многу други нешта.

Tаа е автор на збирката раскази „Млечни заби“ (2021, Или-или), неколку раскази објавени на англиски во странски онлајн списанија и две детски пиеси. Се работи за млада, но и наградувана авторка. Нејзиниот расказ „Исчезнувањето на дамата“ е награден на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ и ја доби наградата на „Конкурсот за драмски текст“, распишан од Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија и Драмски театар – Скопје со драмскиот текст „Патот на Баба Јага“.

Дипломирала паралелно философија и историја, на тема за кафеџилниците како нехиерархиски простори за социјализација со паралели меѓу Османската и Британската империја. Нејзиниот магистерски труд на културолошки студии во Сабанџи, Истанбул е од областа на социологијата на книжевноста на тема „како се формираат книжевни канони“ преку примерот на лектири за основно и средно образование во Македонија од 1947 до 2018. Исто така, се занимава и со аматерска авторска музика.

Издавачката куќа „Или-Или“ ја објави збирката раскази „Млечни заби“ на Хана  Корнети - Слободен печат

Поразговаравме со неа и дознавме интересни нешта.


А: Твоето презиме е интересно, од каде потекнува?

ХК: Корнети е влашко презиме. Колку што знам, етимолошки доаѓа од cornucopia: “horn of plenty” или „рог на изобилство“, симбол од класичната антика.

А: Од каде потекнува твојот интерес за креативните авантури? Кој го има разбудено во тебе (човек, настан, книга?…)

ХК: Како дете – веројатно како сите деца – многу сакав приказни. Баба ми (технички сестрата на баба ми) беше задолжена за раскажување приказни, кои беа користени како валута – за да ме натераат да пешачам, да јадам нешто што не сакам, да заспијам на време. Таа ме запозна со некои од моите најсакани книги во раното детство, особено книгите од Астрид Линдгрен. Мислам дека „Роња, ќерката на разбојникот“ долго време ми беше омилена (се додека не „паднав“ на „Хари Потер“).

Освен тоа, имав среќа тесната и проширената фамилија да има разни креативни интереси, па од мала гледав секакви филмови, слушав и типична и помалку типична музика, посведочував разговори на „повозрасни теми,“ што ретроспективно мислам дека ми ја разработи фантазијата. Имав и братучед што ми подаруваше книги, ме охрабруваше и дури ми ги подари првите тетратки во кои пишував приказни и идеи. Мајка ми, како секоја мајка, сметаше дека некои мали композиции или песни што ги склопував како дете беа знаци на генијалност. Иако не било така, и мајка ми сега е покритична, здраво охрабрување од родител секогаш значи во раното развивање на афинитетите.

Со други зборови, не бил еден настан туку многу настани и текстови (во поширока смисла), така што во одредени моменти, „ескејпизмот“ што го нудела фантазијата и нејзиниот потенцијал станале многу слатки и примамливи.

А: Зошто пиеса за деца? Дали е заради влијанието на приказните на баба ти (сестра и) кои оставиле длабок печат врз тебе? Или станува збор за нешто друго…

ХК: Мислам дека првенствено е тоа – влијанието од впивање многу приказни од раната возраст и љубовта што ја имам кон детската книжевност. Освен тоа, Баба Јага отсекогаш ми била фасцинантен лик, ни црна ни бела. Меѓутоа, исто една причина, што е и можеби попрагматична, е дека сакав да напишам пиеса преку која директно ќе им се обратам на децата за некои од предизвиците во процесот на созревање кои ги чекаат или со кои веќе се соочуваат. Процес при кој треба да ја изградат својата личност и покрај ограничувањата кои им се наметнати од средината, како општествена, така и семејна.

Пиесата е обид да се прекршат стереотипи за она кон што треба да целиме во животот (што е наметнато како „успех“ и „моќ“ во денешното капиталистичко општество), како и вековните стереотипи за тоа што е вештерка (=вешта жена). 

На пример, што се вреднува како „добар“ професионален или занаетски избор во денешниот свет? Што е „моќ,“ кон каква моќ треба да целиме? Токму и одовде доаѓа името на пиесата – патот кој го нуди Баба Јага е суштински „поздрава“ алтернатива на патот кој го наметнува популарниот (капиталистички) дискурс. Освен тоа, пиесата поучува против дискриминација и за љубов и почитување на сите живи битија – сеедно дали се тоа цвеќиња, чудовишта или луѓе. Тоа се „увалените“ лекции во приказна која се надевам е забавна.

А: Што мислиш за македонската културна/литературна сцена? Кои домашни медиуми, подкасти, автори ги следиш?

ХК: Слушам Џез ЕфЕм и Стотројка, следам портали како arno.mk и okno.mk, за подкасти сум тапа, а домашни автори читам се’ повеќе откако сум вратена и уживам во разновидноста што ја нудат, но мислам дека најдраг ми е Драги Михајловски. За културната/литературна сцена не се чувствувам вично или стручно за да дадам поширок одговор без тоа да биде повторување на туѓото мислење. Но, почнувам да развивам сомнежи дека како нација не читаме многу, а повеќето од оние што читаат даваат предност на странските наместо домашните автори. Но, ова не е критика, туку опсервација – можеби тоа е така бидејќи тоа што им се допаѓа не го наоѓаат дома.

А: Како мултидимензионална личност, што те влече повеќе: зборот (пишан или кажан), звукот (слушање или изведба) или мислата (филозофија или историја)?

ХК: Зборот – пишувањето – ми е најголема љубов. Но тоа го сметам за поврзано со другите две. На пример, за мене, книжевноста е идеалниот медиум на филозофијата, бидејќи може да ја открие и пренесе на читателот на многу интуитивен начин. Книжевноста не се преправа дека ќе биде објективна, дека ќе направи дистанца од работите за да ги објасни. Наместо тоа, го втурнува читателот внатре во светот, мислата, филозофијата, чувството, што и да е, и му овозможува да го почувствува на своја кожа и субјективно – што впрочем е и главниот начин за нешто вистински да се впие.

А: Кои се твоите музички влијанија?

ХК: Немам конкретни влијанија, бидејќи музиката што ја слушам е доста различна од тоа што го правам со укулелето. Но, мислам дека Аманда Палмер и нејзиниот пристап кон музиката и музичките текстови ми се инспиративни. На пример, има песна за нејзината омилена авторка на детски/тин книги, што е доста кул.

А: Кои се твоите омилени писатели или тие кои извршиле најголемо влијание врз тебе?

ХК: Не знам за влијание, но омилени писатели ми се (во измешан редослед): Курт Вонегат, Достоевски, Тери Пречет, Булгаков, Астрид Линдгрен, Џ.К. Роулинг, Селинџер, Ахмед Хамди Танпинар. Уживам и во Елена Феранте, мислам дека е извонредна. Ги сакам и Нил Гејман и Мураками, ама не можам да речам дека ми се омилени. И Кундера ми е драг, ама и ме иритира. Томас Ман е прекрасен, ама немам доволно негови книги прочитано за да речам „омилен.“ Исто важи за Болањо. Сега ми е интересна Олга Токарчук, последно нејзина книга читав (Drive Your Plow Over the Bones of the Dead).

А: Како се гледаш во иднината (може од аспект на писател, но може и нешто друго)

ХК: Идеално би можела да се издржувам само од креативно пишување (белетристика, итн.) или општо проекти во кои уживам. Да живеам некаде каде има добар, чист воздух. Природа и бавча со јадливи растенија. По некоја кокошка.

А: Како некој кој поминал добар дел од животот во странство (Турција), како гледаш на тамошната култура? Што е поинаку кај нив во однос на нас и што би можеле да научиме?

ХК: Во Турција многу ми се допаѓа што митовите (урбани и неурбани), суеверијата (оние симпатичните), обичаите, симболите, езотеријата се сè уште присутни во секојдневието. На пример назар, синото око против уроци, стои во домови и дуќани. Некои луѓе одат на бајачки, ама онака – без сериозна намера или очекувања.

Според мене, како што се ширела мапата на светот, така се губела и фантазијата, магијата, легендата за непознатото. Во Турција ми се чини дека останале џебови каде таа преживува. И ова не го кажувам – или се надевам дека не го кажувам – со ориенталистички приод, туку свесна за фалинките и тешкотиите во земјата. Едноставно дури и на шега ако е, митовите се одржуваат во живот. За нас имам впечаток дека сме доста скептични, така да ете – тоа би можеле да го научиме, малку повеќе спремност да уживаме во приказните на секојдневието. Магијата, ако не постои, да си ја создаваме.

Друга работа што можам да ја кажам за тамошната култура е дека луѓето, бар од мое искуство, беа доста отворени. Ние колку и да сме или сакаме да се претставиме како топол, балкански народ, имаме тенденција на потесно групирање и затвореност. Ете, тоа би можеле да го научиме од турската култура – да се отвориме. Можеби е поврзано со скептичноста, не знам.


Разговорот за Арно.мк го водеше Бранко Прља.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *