Електронско Скопје: флаерите што ја чуваат историјата на една сцена

Арно.мк го отвора „Електронско Скопје – Флаери, клубови и привремени простори, 1990–2005“, дигитален архив и онлајн изложба посветени на електронската музичка сцена на градот. Основата на проектот се зачуваните флаери од личната архива на Билјана Кочоска.

Флаерот има краток рок на употреба: треба да најави една журка, да ги пренесе имињата, датумот и местото, да привлече внимание. Откако ќе помине ноќта, неговата непосредна задача завршува. Но, ако остане зачуван, со текот на времето станува документ. На него можат да се прочитаат врските меѓу диџеите, организаторите и просторите, музичките определби, цените на влезниците, медиумските соработки и визуелниот јазик на една сцена.

Токму од тие мали документи тргнува „Електронско Скопје“.

Ноќта на хартија

Првата изложба, „Ноќта на хартија“, претставува 25 архивски записи со 39 фотографии, избрани од колекција со вкупно 114 фотографии на флаери и придружни материјали. Изборот главно го опфаќа крајот на деведесеттите, со јасно датирани примероци од 1996 до 2002 година, како и материјали чие датирање допрва треба да се утврди.

Низ нив се појавуваат МНТ, Метропол, Парк, Planet Max и Средно Водно, локални имиња и гостински програми, издавачки промоции и јубилеи. Најавата за DJ Nivoc на Средно Водно отвора приказна за журките надвор од клубовите. Флаерот за PMG recordings истовремено најавува вечер, нуди музички изданија и повикува на испраќање демоснимки. „Зависна лисица 400“ ја документира врската меѓу радиото, настапите во живо и клупскиот живот.

Секој флаер може да се отвори во поголем приказ, да се разгледаат достапните фотографии и да се прочитаат преписот, податоците и белешките. Галеријата овозможува пребарување по имиња и зборови од документите, како и разгледување по година и простор.

Отворете ја изложбата „Електронско Скопје“ ↗

Што може да ни каже еден флаер?

Понекогаш најинтересното е на маргините: мал дизајнерски потпис, список на медиуми, рачно изменет датум, необична порака или најава за следната журка. Покрај музичката програма, овие детали ги зачувуваат хуморот, амбициите и начинот на комуникација на тогашната сцена.

Затоа во архивот ги задржуваме оригиналните имиња, печатните грешки и невообичаените датирања. Она што не се чита или не е потврдено останува означено. Флаерот сведочи за најавен настан; за целосната приказна се потребни и други извори – фотографии, снимки, новинарски записи и сеќавања на учесниците.

Важен дел од проектот е токму можноста некој да препознае име, да исправи датум, да објасни каде се наоѓал некој простор или да ја поврзе најавата со сопственото искуство.

Од мапа на местата до архив на настаните

„Електронско Скопје“ е сестрински проект на мапата „Алтернативно Скопје во 1990-тите“. Мапата ги поврзува местата и градските маршрути; новиот архив тргнува од флаерите за да ги следи настаните, организаторските врски и визуелната култура.

„Ноќта на хартија“ е прв тематски избор. Со дополнувањето на архивот ќе се отвора простор и за други изложби – посветени на конкретни клубови, музички правци, дизајнери, колективи или привремени простори. Зачуваните материјали од други градови ќе помогнат да се прикажат и регионалните врски на скопската сцена.

Флаерите се од личната архива на Билјана Кочоска, која внимателно ги зачувала и ја сподели својата колекција со нас. Ти благодариме, Билјана!

Имаш флаер или сеќавање?

Ги повикуваме посетителите на тогашните журки, диџеите, музичарите, организаторите, дизајнерите и фотографите да помогнат во дополнувањето на архивот. Добредојдени се флаери, плакати, влезници, фотографии, аудио и видеоснимки, новинарски исечоци, корекции и лични сеќавања.

Ако препознаваш нешто или имаш материјал што би ја дополнил приказната, прати ни!

Архивот е отворен. Секоја зачувана трага може да поврзе уште еден дел од приказната.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *