Мартин Алексов, илустратор со љубов кон природата, науката и креативните личности

Мартин Алексов е млад 32-годишен илустратор од Скопје. Освен со дигитална илустрација се занимава со видео едитирање и екологија. 

Дипломирал на Земјоделскиот факултет, на заштита на растенија, и вели дека екологијата е тема која е популарна сега. Тој муабет, кој е многу значаен и заслужува посебно внимание, засега ќе го оставиме за друга прилика.

Мартин ни се чини како одличен и интересен илустратор, особено на темата научна фантастика. Една од неговите илустрации е објаснета како „Клеточна механика“, т.е. „подобласт на биофизиката која се фокусира на механичките својства и однесувањето на живите клетки и како тоа се поврзува со клеточната функција. Ги опфаќа аспектите на клеточната биофизика, биомеханиката, физиката и реологијата на меката материја, механобиологијата и клеточната биологија.“


Cell Mechanics

Интересно како опис за илустрација, нели! Органелите на клетката се кибер-панкерски BSDM ликови, органски роботи, и трансхумани ентитети заробени во меурот на космичката цитоплазма.

Влијанието на биологијата е видливо и во илустрацијата наречена „Роботско срце“, каде повторно го гледаме внатрешниот свет, органите и како тие функционираат. Цевките имаат улога на коса, трансхуманизмот е повторно видлив, а сетоа тоа е поврзано во една приказна на светот на трансплантите и мисијата на Марс на SpaceX на Илон Маск.

Robot Heart

Во неговите илустрации има и доста такви кои се илустрирани под влијание на јапонската манга или класичните јапонски дрворези, како и ликови од поп-културната сфера.

Ukiyo-e “Pictures of the floating world”
2020 pop color illustration
Decora and Fairy Kei style

Работи како фриленс илустратор, а дел од неговото портфолио се и илустрации за првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар“, како и „Светот на Биби“, македонска продукција на цртани филмови, печатени едукативни изданија и училишен прибор. 

Има учествувано на фестивалот на јапонска култура Nihon-ji, а во иднина ќе се вклучи во проектот „Araknight Gothika“ на Симон Калајџиев. Како луѓе од светот на уметноста и илустрацијата кои му помогнале и го инспирирале, ги истакнува Гоце Цветановски, Txe Мичо – Михајло Димитриевски и други.

Неговото портфолио можете да го видите на Instagram и на Shutterstock.

Nomad Mices travelling on a Boar

Ова е муабетот кој го правевме за уметноста, илустрациите, инспирацијата и идните проекти.

Арно: Како се заинтересира за светот на уметноста и графичкиот дизајн?

Марин Алексов: Од најмала возраст, како и сите деца, сакав да гледам цртани, тоа го правев и се уште го правам секој ден. Така и започна мојата желба за цртање, конкретно за цртање анимирани филмови. Сакав да можам да го нацртам секој дел од една сцена на анимиран филм (позадина, карактери, елементи и ефекти). Подоцна кога разбрав што е графички дизајн, морав да го совладам и тоа како дел од анимираните филмови.

А: Кои се влијанијата за твоите илустрации?

М.А.: Самиот живот и секојдневните случувања ги креираат влијанијата за моите илустрации. Секако, секој од нас формира свет каде што се опкружува со работите кои ги сака, за мене тоа се 1. природата, 2. науката и 3. креативни личности.

Симон Калајџиев – Araknights Gothika, Advancing Fort

А: Кои правци или стилови во уметноста/графичкиот дизајн ти се омилени?

М.А.: Најчесто стилови предводени од јапонската култура и традиција, како што се: Sumi-e (јапонско монохроматско сликање), Ukiyo-e (стил од периодот Едо), дрворез, сликање со туш и помодерните Anime и Manga. Од другиот дел од светот омилени ми се стилот на H.R. Giger и Banksy. А од македонските уметници, најдобриот и единствен Васко Ташковски (неговите слики највеќе ме привлекоа кон уметноста).

Васко Ташковски, Пристаниште (извор: Анагор)

А: Дали читаш стрипови?

М.А.: Не, немам многу време за читање, повеќе сакам да ги разгледувам стриповите, начинот на цртање и пробувам само преку сликите да ја разберам приказната.

А: Од аспект на илустратор, што мислиш за неформалната уметничка сцена во Македонија? Дали е доволно развиена? Дали имаме добри автори?

М.А.: Во Македонија има многу добри автори, кои постојано креираат и допринесуваат за уметничката сцена. Но, повеќето од нив избираат да се претставуваат надвор од Македонија.  

А: Колку младите се зависни од институциите (факултети, министерства…) или интернетот им овозможува независност и можност да го градат својот пат?

М.А.: Интернетот е начин за комуникација на тип 1 цивилизација, со тоа институциите не се во можност да ги направат младите зависни од себе. Преку интернетот е достапен секој вид на едукација и независност во формирање на сопствениот избор.

А: Кои алатки и програми ги користиш во твоите дигитални илустрации? Дали во подготвителната фаза правиш скици на хартија или се се одвива дигитално?

М.А.: Во зависност од проектот на кој работам, избирам што ќе користам од алатки и програми. Понекогаш тоа е и на барање на клиентот. Најчесто ги користам програмите на Adobe, а учам да креирам и во 3Д програми. Ако не е дигитална уметност сакам да ги користам сите алатки кои ми се достапни (молив, мастило, темперни и водени бои, спреј, длета за резбање дрво).

Banksy, We’re All In the Same Boat (Извор: Банкси)

А: Што би можел да им препорачаш на младите кои би сакале да станат илустратори во Македонија?

М.А.: Да цртаат колку што можат повеќе и сите свои дела да ги споделат на интернет со остатокот од светот. Колку и да мислите дека вашето дело е лошо или смешно, ќе се најде некој кој ќе го сака и почитува тоа.

А: Дали имаш некој „проект од соништата“, независно од тоа колку е голем, на кој би сакал да учествуваш?

М.А.: Да, сакам да работам на сериски анимирани филмови. Има голем број компании, не би издвојувал некоја, а сакам и во Македонија да основаме такво студио. Доколку има заинтересирани слободно контактирајте ме.  =^.^=

Mars mission 2024, Amplified Mobility Platform, Inktober 7

2 thoughts on “Мартин Алексов, илустратор со љубов кон природата, науката и креативните личности

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.