Игор Стојановски, читател, музичар, диџеј и колекционер на необични дела

Ако сте член на групата „Размена на книги и книжевни муабети“, сигурно сте го забележале Игор Стојановски. Тој најчесто споделува интересни и необични наслови и краток опис на делата. Особено се интересни неговите објави за филмувани дела.

Групата „Размена на книги и книжевни муабети“ одамна ја има надминато својата првобитна намена („размена“) и тоа не е нешто лошо, напротив. Таа е најголем (30.000 членови) и најзначаен неформален клуб на читатели и вљубеници во пишаниот збор во нашиот домашен интернет простор. Таму честопати се разменуваат книги, но се среќаваат и дискусии за книгите, а служи и како одличен неформален простор за размена на идеи и предлози за читање книги.

Игор е страстен читател, иако љубовта кон читањето му се вратила пред неколку години и вели дека секој слободен момент го користи за читање книги и средување на домашната библиотека, а е редовен посетител и во книжарниците низ Битола.

Тој е исто така и голем љубител на музиката, диџеј и колекционер на носачи на звук, но и на се друго од светот на популарната култура кое поттикнало интерес кај него. Се занимава и со илустрација и дизајн.

Поразговаравме со него за да дознаеме нешто повеќе за неговите интереси и ставови. Ни раскажа за неговата љубов кон музиката и книгите и за тоа како пандемијата му го сменила животот од корен. Но, таа промена била и добра во нешто, во интензивирањето на неговата страст кон уметноста.

Овој текст е дел од неформалните муабети кои ги правиме со интересни млади луѓе со цел да ги претставиме и да го збогатиме неформалниот културен простор.


Арно: Кажи ни нешто за себе и за своите интереси

Игор Стојановски: Уште од мал најмногу ме интересирала музиката, прво како слушател, а подоцна и како продуцент и диџеј (пуштам музика низ цела Македонија од 2002 наваму), а отсекогаш сум имал и колекционерски дух. Значи, не само што слушам музика цел живот туку и собирав касети и цд-а (а моментално само грамофонски плочи), постери, книги, фигури („играчки“), облека и сѐ што е поврзано со нештото што го сакам, без разлика дали е тоа музика, филм или книга. Конкретно, кога се работи за книгите, освен што ги читам, исто така и ги собирам во домашната библиотека и сакам да ги имам сите (значи тешко би ми било да се одделам од некоја и само да ја разменам за читање) а од омилените книги имам и по повеќе изданија од истиот наслов (англиска верзија, македонска верзија, ретки постари изданија и слично). Се занимавам и со цртање (учествував на неколку ликовни колонии) и графички дизајн (почнав со дизајнирање на постерите за своите настапи, а подоцна и рекламни материјали за разни локали, менија, визит-картички и слично).

А: Од каде потекнува твојата љубов кон книгите?

И.С.: Првите книги ми беа поврзани со музика (биографии, музички енциклопедии, книги со музичка фотографија и слично) и по некој стрип, чисто колекционерски. Направив голема пауза во редовното читање помеѓу основното училиште и сега (во периодот од средно училиште па наваму повеќе се посветив на музиката), па кога пред 2 години ноќниот живот значително се намали (и во еден момент целосно се прекина) заради пандемијата, имав повеќе слободно време и сосема случајно сретнав некои споредби на денешната ситуација во светот со книгата „1984“ од George Orwell и решив да ја прочитам. Со неа почна сѐ и се вратив на читањето „на голема врата“. Исто како и со музиката (како диџеј пуштам електронска музика и хип-хоп, а приватно слушам сѐ од рок и метал до џез и класика), така и со книгите не се задржувам на еден жанр. Најмногу ме интересира научна фантастика, но читам и многу други различни стилови (фантазија, филозофија, класика, магичен реализам, хорор, мистерија, детски книги и сл.), а често давам шанса и на нешто што не би помислил да го читам, па досега не сум зажалил. 

Од приватната колекција на Игор

А: Како активен член на „Размена на книги и книжевни муабети“, што мислиш за групата?

И.С.: Групата е супер, иако јас лично не ја користам за нејзината првична намена (не разменувам книги, сите што ги читам сакам и да ги имам во колекцијата). Моето присуство во групата се однесува на вториот дел од нејзиниот наслов (книжевните муабети) и цело време следам кои книги се читаат и препорачуваат, а и самиот препорачувам тоа што имам прочитано ако мислам дека би му се допаднало некому. Секогаш се трудам да ги претставам книгите доволно за да заинтересираат некој да ги прочита, без да откривам премногу од содржината.

А: Дали и колку читаш стрипови? Кои ти се омилени?

И.С.: Читам и стрипови и графички новели, но малку ги запоставив кога почнав да читам белетристика. Омилен лик од стриповите ми е Batman, а омилено издание ми е колекцијата на стрип-наслови издадена за 80-годишнината од неговото прво појавување во Detective Comics и многу пати ја препрочитувам. 

Од приватната колекција на Игор

А: Што мислиш за улогата на книгите во развојот на еден човек или една цивилизација?

И.С.: Мислам дека книгите (и воопшто уметноста) се многу важни во развојот на еден човек, посебно кај помладите. Особено е интересно на „постари“ години да се препрочита некоја книга која сте ја читале во детството, па да ја разберете на сосема друг начин. Конкретно јас се чувствувам дека треба да надокнадам за сите години кога не читав, па „поминувам“ сѐ од класика до подзаборавени лектири. Иако читањето најчесто се смета како хоби, мислам дека има голема улога и на тоа како го гледаме светот. Читајќи различни работи се добива поголема перспектива, се размислува послободно и „со своја глава“, отколку само следење на одредени наметнати „норми“ и правила од страна на општеството, особено преку телевизијата (која станува сѐ полоша како што поминува времето). Во време кога технологијата е доведена до тоа ниво да секој има при рака било каква информација во секое време, луѓето сепак како да не знаат во што да веруваат, па често може да одберат и погрешни ставови. Секој може да напише што сака, било тоа да е на интернет или во книга, а на читателот останува сам да одлучи до кој степен ќе ги прифати ставовите на авторот.

А: Дали според тебе во Македонија доволно се чита?

И.С.: Судејќи според активноста на групата, сѐ повеќе и повеќе се чита, а со тоа и јас добивам инспирација уште повеќе да читам и споделувам. Кај нас (а веројатно и во светски рамки) најпродавани се трилерите, романсите и популарната психологија, па баш затоа ги споделувам „моите книги“, кои излегуваат од тие „рамки“. Според реакциите се гледа дека се читаат и другите жанрови, иако не се толку популарни или актуелни. Нормално, најчесто се читаат дела преведени на македонски, но има и читатели кои преферираат читање на друг јазик (најчесто српски или англиски). Јас најчесто читам на англиски, во голем дел заради тоа што книгите кои ме интересираат не се воопшто ни преведени кај нас, а паралелно со тоа го усовршувам и англискиот јазик откривајќи нови (или ептен стари) зборови и изрази. Читам и на македонски, иако неколку пати сум имал проблеми со преводот (погрешен или буквален превод) или со техничката обработка (испуштени букви или интерпункциски знаци). 

А: Како страстен читател дали си посакал некогаш да напишеш книга?

И.С.: Повторно би направил споредба со музиката: слушајќи музика, во некој момент добив желба и самиот да направам нешто, па непланирано се случи да почнам и на некој начин професионално да се занимавам со тоа. Секако дека сум добил желба и да напишам книга или барем расказ, но засега ќе се задржам само на читањето, додека не добијам поголема инспирација за евентуално пишување на нешто.

А: Твоите препораки во „Размена на книги и книжевни муабети“ се одлични. Кои книги или автори би сакал да ги препорачаш на читателите на Aрно.мк?
И.С.:
Морам да почнам со „1984“ од George Orwell, ја препорачувам и на редовни читатели и на некој кој воопшто не фатил книга досега (иако потешко би им одело читањето, вреди секој момент потрошен на неа). Од „полесните“ автори би го предложил Neil Gaiman (неговите дела потсетуваат на детски книги иако се наменети за возрасни). Почнав со „Stardust“ и „Neverwhere“ и за кратко време ми стана омилен писател и во рок од една година ги прочитав сите негови книги и раскази. Дел од останатите омилени автори ми се Stephen King, Philip K. Dick, Isaac Asimov, H.G. Wells, Ray Bradbury, Douglas Adams, Terry Pratchett, Kurt Vonnegut и Haruki Murakami и препорачувам било што од нив (голем дел се преведени и на македонски). Иако не се за секој (или нашата публика се плаши да експериментира со неконвенционални жанрови), можно е да се изненадите што би ви се допаднало само ако му дадете шанса на нешто поразлично.

Од приватната колекција на Игор

One thought on “Игор Стојановски, читател, музичар, диџеј и колекционер на необични дела

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.