Димиш: „Гласот е нашето најмоќно оружје“ – младиот и сестран музичар за своето ново ЕП „Глас“

Македонската рок сцена во последниве години повторно заживува по подолга пауза. Се разбира, таа никогаш не замрела сосема, но се чини дека од 1990-тите наваму, чест на исклучоците, никогаш сме немале ваков силен бран на нови и интересни бендови.

Веќе пишувавме за Хајка и за новата македонска рок музичка сцена, а претходно забележавме дека рок музиката на светската сцена повторно, по децении пауза, навлегува во мејнстримот на голема врата.

Денес ви го претставуваме Димиш, 20-годишен македонски музичар кој храбро гази меѓу различните жанрови и се чини дека го чека светла музичка иднина. Од младешките почетоци во метал музиката, преку рок, панк, хардкор, амбиентална и инструментална музика, нема жанр кој не го интересира.

Интересно е што Димиш пораснал и бил под влијание на македонски бендови, што е многу значајно за музичкото и културно наследство кое ги оставиле тие. Се обидовме да го запознаеме и дознавме дека е креативен, работлив и има интересни ставови. Првиот албум го снимил на 17 години, а свири на тапани, гитара, бас гитара, пее и пишува текстови, снима и продуцира!

Ви го препорачуваме неговиот нов ЕП „Глас“, како и да ги преслушате другите негови албуми и песни во линковите подолу.

Арно: Како започна твоето музичко патување? Кои се првите албуми и бендови со кои си имал контакт кога си ја засакал музиката?

Димиш: Моето музичко патување започна уште многу одамна. Моите родители секогаш ми пуштаа некаква музика, најчестo „Ex-Yu“, но искрено не ми остави некој голем впечаток таа музика. Музиката ја засакав во четврто одделение, а уште повеќе во петто. Во четврто одделение дознав за бендот „Лева Патика“ и добив желба да научам да свирам тапани, бидејќи многу ми се свиѓаше како звучеа тапаните кои се отсвирени од Бошко Доневски – Чико. Во петто одделение дознав за „The Beatles“ и од таму започна сѐ. Тогаш добив желба да свирам и на гитара, тогаш почнав да дознавам многу нови бендови и артисти. Секако морам да ги споменам и „Слаткаристика“; „Тони Зен“; „Green Out“ коишто исто така ми оставиле некаков впечаток и влијание.

А: Кога започна да свириш и да се занимаваш со музика?

Д: Прв инструмент кој почнав да го учам беа тапаните, на 10 години. На 12 години почнав да учам гитара. На 14 добив бас и почнав и да учам да свирам на бас. Исто така, тој период почнав да учам како се снима музика во програма, бидејќи сакав да правам музика. Почнав со инструментална, бидејќи сѐ уште не пишував текстови. Со тек на време почнав да пишувам текстови и добив храброст да ги објавам моите инструментални песни, а и оние со пеење. Но, тапаните се мојот „матичен“ инструмент.

А: Во кои бендови имаш членувано?

Д: Пет години бев дел од бендот „Conspiracy“, поточно од 2016 до 2021 година. Во 2019 го извадивме нашиот деби албум „Dehumanized“, под ‘етикета’ на Пасворд продукција и имавме многу свирки. Во 2019 година почнав да свирам тапани за Кристина Арнаудова, а пред скоро и за Лара Иванова. Моментално сум дел од бендот „Red18“, кој пополека, но сигурно го спрема својот прв албум.

А: Твоите албуми се концептуални. Првиот „Inception“ е снимен во 2019 година е амбиентален и инструментален албум, на места наликува на грчкиот бенд Аватон или познатите Dead Can Dance, се разбира без вокали. Потоа следи „Redemption“ каде се чувствуваат влијанија на англискиот бенд Anathema. Последниот EП „Глас“ е речиси квантен скок од тие албуми. На што се должи ваквиот широк дијапазон на музички интереси?

Д: Се должи на тоа што јас не можам да слушам само еден жанр. Секој жанр носи различна порака и различно се доживува музиката. Секако и сите луѓе кои биле и се дел од мојот живот ми покажуваат нова музика и често знае таа музика да ми се засвиѓа и на некој начин да бидам инспириран од истата. А тоа што во 2019 извадив амбиентален, инструментален албум, а пред скоро панк песни со вокал, се должи на тоа што слушам и што ме инспирира во моментот.

А: Во твојот нов EП „Глас“ се препознава влијанието на некои мелодични хардкор панк бендови како Bad Religion. Кои се другите твои музички влијанија за конкретниот EP?

Д: Најголемо влијание за ова ЕП се македонските бендови Фонија и Новиот Почеток. Тие два бенда ми оставиле многу впечаток и ми помогнале во тешки денови, па бев многу инспириран да направам музика слична на нивната. Овде би ги споменал и „Ignite“ и „Pennywise“, бендови кои исто така ме инспирираа за ова ЕП.

А: Колку е панк/хардкор сцената застапена во Македонија? Освен твојот бенд и Хајка, кои се другите квалитетни бендови во МК денес, според тебе.

Д: Па, искрено панк/хардкор сцената е слабо застапена во Македонија. Не знам на што се должи тоа, веројатно на тоа дека нема доволно интерес и поддршка за таа музика. Не можам сите бендови да ги набројам кои се квалитетни, затоа што ги има многу. Кој е заинтересиран, може слободно да ми пише и ќе зборуваме на таа тема.

А: Во 1990-тите скејтерите и панкерите, кога оваа сцена беше најактивна во Македонија, се собираа на Коцка или пред „Це-ка“. Овие објекти денес веќе не постојат, или се видно изменети. Каде се собираат овие супкултури денес?

Д: Па, искрено не знам. Порано се собираа во парк, плочник. Сега не одам на тие места и не знам што се случува. Но, сигурен сум дека може да ги начекате пред МКЦ или „Маракана“. Чим има некоја метал/панк свирка… Таму се!

А: Илустрацијата за новото ЕП е одлична, кој е автор?

Д: Илустрацијата за новото ЕП е и повеќе од одлична според мене, а автор е Магдалена Добревска – Магде. Сакав за ова ЕП омотот да го направи Магде, па ѝ ја кажав мојата идеја, а таа ја оствари и испадна дури и повеќе од очекуваното.

А: ЕП-то има „политичка“ или подобро кажано општествено ангажирана порака. Колку е важно уметниците во Македонија да го кренат својот глас против она што сметаат дека не чини во нашето општество?

Д: Не само уметниците… Сите треба да го кренат својот глас за работите кои им сметаат. ЕП-то е поттик за сите луѓе кои се плашат да се побунат за неправдите, слободно да го направат тоа. Само така, барем малку, може нешто да се подобри. Премногу е важно да се крене гласот, бидејќи е нашето најмоќно оружје.

А: Со помош на технологијата младите денес се изложени на различни влијанија и се во тек со модерните случувања. Колку е важно да се филтрираат тие и да се произведе нешто автентично за нашата средина? Или во денешно време тоа е застарено размислување и подобро е да бидеме дел од една глобална какофонија на креативни изливи.

Д: Според мене треба да има некаков баланс. Треба повеќе да се ангажираат за случувања од средината, а исто така треба да се обрне и внимание на глобалните случувања.

А: Што слушаш периодов?

Д: Многу нешта. Ќе набројам дел, се надевам читателите дека ќе одвојат време и ќе ги чујат овие артисти: „Фонија“; „Новиот Почеток“; „Paramore“; „Yours Truly“; „Stand Atlantic“; „Hey Monday“; „Beabadobee“; „Suicide Silence“; „Мариналеда“; „KoiKoi“; „Ocean Grove“.

May be an image of 1 person and indoor
Фотографиите се преземени од Фејсбук страницата на Димиш


Преслушајте ги и другите албуми и песни на Димиш.

Inception“ (2019)

Џ(Г)АН“ (2020)

Redemption“ (2020)

Ортус“ (2020)

Многу“ (2021)

Единка“ (2021)

Навраќање“ (2022)

Глас“ (2022)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.