„Хајка“ го оживува духот на панк-рок 1990-тите!

Арно.мк ја поддржува медиумската „хајка“ во исчекување на турнејата на бендот Хајка и по повод настапот на фестивалот „Нови простори“.


Внимание: Ова не е музичка критика, ова е краток патопис!

Саботно возење велосипед со мојот син покрај кеј до Центарот на градот со прошетка и сладолед за крај. Тргнавме назад покрај Кејот, кога до моите уши научени на турбофолк или комерцијални хитчиња од локалните кафеани допре звук на рок музиката.

Го поминавме мостот на кој знајните и незнајни херои на минатото гледаа немо еден во друг, некои од нив прашувајќи се што бараат таму, покрај стиропорските фасади на антиквизацијата. Стигнавме до местото кое во најавата за фестивалот „Нови простори“, беше означено како „под Камениот Мост, кај Сидрото“. За жал, за фестивалот дознав на самото место, иако вечерта пред тоа истражував кои концерти и настани ќе ги има летото. Недоволна медиумска покриеност?

Опкружени со десетици млади „ауткасти“ од општеството во црни маици, со долги коси, војнички панталони, куси фустани со доколенки, темни шминки и „имо“ фризури, се почувствував како да сум транспортиран во мојата младост од 1990-тите.

Бендот со одлично име кое го отсликува домашниот менталитет, „Преку ред“, го завршуваше својот настап со урбаната песна „Ќе те барам“. Рефренот останува во главата долго по слушањето.

Моето воодушевување од енергијата беше прекинато од строгиот поглед на син ми кој се брзаше назад на партијата фудбал со другарите. Веќе доцнеше, а беше договорена уште утрото кога со жалење им кажа дека ќе вози точак со татко му. Го завртев велосипедот назад и (сега јас) со жалење завеслав нагоре, далеку од музиката на мојата младост.

Зад нас се слушна гласот на водителот, „А сега ќе настапи Хајка!“ по што уследи ракоплескање и скандирање. Морав да го видам тој бенд кој толку го испофаливме ние „бумерите“ од претходните рокерски генерации. „Само една песна“, му кажав на малиот, а неговото лице се затемни како да беше покосен од гром.

Хајка ги повика младите да не се срамат и да се доближат до бината и загрмеа со песната, прикладно насловена „Рокер“.

Иако во медиумите Хајка се дефинирани како прото-панк бенд, мене ми звучат повеќе на раните гранџ албуми на Nirvana (Bleach), Mudhoney, Green River… Тие исто така биле инспирирани од панк-рок бендовите како Sex Pistols, The Dead Boys, Hüsker Dü, Black Flag, The Melvins и други.

Во позадината ечеше песната „Рокер“ со стиховите:

Има една болест
се вика стари рокер.
У црна кожна јакна
и маица „Бијело дугме“.
[…]

Стомак ти виси,
Стомак ти виси, чиче!
Шо правиш тука,
со овие клинци?

[…] Комунизмот
Умре одамна!


Додека клинците околу мене шекнуваа се прашував дали сатиричната песна се однесува и на мене? Не ми виси стомак и не носам „Бијело дугме“ маици или кожна јакна, но дефинитивно сум стар рокер меѓу клинци и дете на социјализмот. Што барам меѓу тие клинци?

Малиот ме пресече со поглед, го чекаше партијата фудбал, и забрзано се упативме назад. Се свртев уште еднаш кон собраната младеж и видов дека и не се толку многу, но сепак доволно да разбудат надеж.

Доста беше младина растена на турбо фолк и Ју-носталгија!

Преслушајте го целиот албум „Антиталент“ на Хајка:

One thought on “„Хајка“ го оживува духот на панк-рок 1990-тите!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.