„Народ кој има ваква младина не треба да се плаши за својата иднина!“ – за новата музичка сцена и „Култура Бета“

Насловот на текстов е преземен од коментар на долгогодишниот критичар и хроничар на македонската рок и алтернативна музичка сцена Тошо Филиповски. Тој е новинар и автор на неколку книги како „Македонски Рок Времеплов“, „Македонска Рок Енциклопедија“, „МИЗАР – Откровенија 1981-2021“ и други.

Неговиот коментар се однесува на настапот на средношколскиот бенд DIBS во МКЦ на 7 мај 2022 година.

Живееме во интересно време. Од една страна (или од сите, како сакате) сме затворени и спречени да се развиваме (што однадвор, што однатре). За некој кој младоста ја преживеал во 1990-тите долго време верував дека врвот (или „пикот“, како што би кажале денешните млади) на алтернативната сцена во Македонија бил во таа деценија. Но, можеби се лажам.

Во другите негови постови Тошо Филиповски (и коментаторите) зборува за повторното будење на македонската алтернативна музичка сцена со активноста на неколку млади бендови како Хајка, АТА, The Local Blue, Lufthansa, Basement Cult, Man In a Suit, Cut Your Nipple, Stoned Hedge, Vagina Corporation, Misanthrope и други, дел од нив собрани околу Планина колектив и други проекти.

Бета Култура

Во контекст на напорите на младите да се зачува, гради и оживее културата во една турбофолк закоравена средина интересно е да се спомене една појава во културниот виртуелен простор. Се работи за сајтот Култура Бета.

Од импресумот веднаш се гледа ентузијазмот на младите автори и соработници на сајтот кои се студенти или средношколци, но со голема енергија и волја за збогатување на културниот кибер-простор редовно и ревносно објавуваат статии и текстови.

Тимот е составен од Андреј Медиќ Лазаревски, Леонид Георгиевски, Марија Хана Трајкоска, Ана Илиева, Калина Качоровска, Георгина Петреска, Софија Тодороска, Леонид Велковски, Васил Ханџиски, Иван Николов и Дамјан Златановски.

Со рубрики како β-фактопедија, културоглед, филм на неделата, книга на неделата, еколошки колумни и други авторите се залагаат за развој на младинската слободна и неформална култура.

Според нивните зборови тие се: „неформална организација за сите млади кои имаат идеи за развој на културата надвор од културните институции.“

Се чини дека токму вакво нешто е потребно во нашата средина која од една страна е притисната од некултурата, а од другата од културните институции и манифестации. Во таа состојба културата наликува на некој чуден фудбалски натпревар во кој топката е сошиена од награди, признанија и пофалби, а играчите се реномираните интелектуалци кои си ја подаваат топката едни на други со нерешен резултат, а публиката здодевно се проѕева.

Од Електролит до бета култура

Напорите на Бета Култура многу потсетуваат на првиот македонски онлајн книжевен конкурс „Електролит“, дело на Бранко Прља под покровителство на Темплум, кој постоеше кон средината на 2000-тите години.

Во основачкиот текст стоеше: „Целта ни е да прераснеме во голема архива на текстови која ќе функционира како некој контра/паралелен/виртуелен и динамичен литературен простор и да лансираме млади и неафирмирани, но моќни писателски катапулти кон големиот челичен писателски Титаник, замрзнат и заспан некаде на некоја Антарктадемија и да го распарчиме!“

И навистина Електролит помогна на низа млади автори кои немаа место за изразување да го пронајдат своето катче. Подоцна многу од нив станаа реномирани автори како Ненад Јолдески, Петар Андоновски, Живко Грозданоски, Иван Шопов, Марта Маркоска, Алекс Букарски, Ирена Цветковиќ и други.

Затоа, ако сакате да бидете дел од историјата на новата СК-МК културата, побрзајте и вклучете се во новиот бран на младешката алтернативна бета култура!

2 thoughts on “„Народ кој има ваква младина не треба да се плаши за својата иднина!“ – за новата музичка сцена и „Култура Бета“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.