Џон Питерсен од Кесанова: „Сакам да бидам таму каде што треба да се направат значајни промени“

Како што е наведено на нивната веб-страница, Кесанова произведува печатени хартиени кеси. Тие нудат еколошки бели или кафеави хартиени кеси со или без рачки, со или без повеќебоен печат, во многу формати и за многу намени. Главните принципи што ги применуваат се: јачина и квалитет на нивниот производ, пристапни цени и мало влијание врз животната средина.

Волшебниот збор „мало влијание врз животната средина“ го предизвика нашиот интерес. Го „запознавме“ Џон Питерсен по случајност кога тој објави вест за својата компанија и незадоволство од состојбата на деловните работи во Македонија во една од нашите еколошки групи. Го контактиравме за да изразиме интерес за неговата компанија и тој ни кажа дека по грешка објавил во нашата група. Или можеби тоа беше судбина … ако сакате американски филмови и верувате во такви нешта.

Џон Питерсен, извор LinkedIn

Џон е интересна и сестрана личност која не сакаше да ја сподели својата биографија со нас, едноставно одговарајќи „Ох, има многу“. Но, гледајќи го неговиот професионален профил на LinkedIn, откривме по нешто за него.

Данец по националност, Џон не е типичен „директор“ како оние што ги знаеме на овие простори. Пред да започне со Кесанова, тој често менувал професии. Бил главен уредник и писател на блогот со вести „ТекстПитерсен“ на дански јазик.

Пред тоа бил консултант за „NameGrænseforeningen“, менаџирајќи со проект за зачувување и зајакнување на данскиот јазик и култура во областите на границата помеѓу Данска и Германија.

Во неколку наврати бил наставник по глобално новинарство, прашања поврзани со ЕУ, филозофија и европска историја во различни колеџи во Копенхаген, Данска. Исто така бил основач на Европскиот курс и организатор на настани и активности во едно од средните училишта каде што работел. Но, тоа било пред повеќе од дваесет години.

Во меѓувреме, работел како корпоративен комуникатор, уредник и новинар, писател (copywriter), координатор за печат / медиуми и работи на полето на оптимизација на пребарувачи, ако досега кажаното не ви беше доволно.

Разговорот со еден таков човек може да се води на многу теми, но ние ја одбравме екологијата, бидејќи тоа е најважниот разговор од сите, особено за нашата земја. Ако не градиме здрава животна средина, сè што правиме како држава, институции, луѓе и бизниси е залудно.

„Кесанова“ е пример за компанија која работи за профит, но се грижи за околината и во својата активност ја подобрува состојбата во животната средина. Да почнеме од почеток.

Извор на слика: Кесанова

Б.П. Од информациите достапни на интернет, Вие сте прилично сестрана личност. Може ли да ми кажете малку за вашето потекло, како дојдовте во Македонија и како (и зошто) започна приказната со Кесанова?

Џ.П. Имам многу истории, да. Тука сум, бидејќи се оженив за Македонка (се разведовме во 2019 година). Порано (дури и не е споменато на мојот LinkedIn профил) работев во графичката индустрија. Правевме самолепливи етикети. Во Македонија главно бев „домаќинка“ – се грижев за домот и за децата – додека мојата поранешна сопруга работеше. Во една прилика шефот од моите денови во графичката индустрија ме праша дали има потреба од еколошко пакување во Македонија и дали би сакал да му се придружам во основањето на нова компанија.

Б.П. Што мислите, каде е Македонија од перспектива на екологијата и забраната на пластичните кеси? Дали сметате дека е можно Македонците да најдат начин да ги „извртат“ законите и сепак да произведуваат / користат пластични кеси и по забраната?

Џ.П. Јас сум убеден дека проблемите на Македонија се добро опишани во таканаречениот извештај на Прибе. На Македонија и’ треба правна држава. Сегашната состојба „ги прави будали“ оние кои се држат до законот и редот, затоа што оние кои не го прават тоа, победуваат – тие никогаш не се казнети! Значи, проблемите со спроведувањето на законите и правилата се применуваат во контекст на екологијата и забраната за пластика, како и во сите други контексти во Македонија. Некако, Македонија треба да наградува кога правиш добро, и да казнува кога правиш лошо. Мене ми се чини дека во моментов е обратно. Значи, одговорот е да: кога нема спроведување на законот, нема ни почитување на законот. И сè уште постои економски поттик да се прекрши законот. Во поново време дури и има стимулација, бидејќи цените на хартијата растат постојано и многу земји воведуваат закони за забрана на пластиката и наместо тоа бараат хартија. Дури се плашам дека се повеќе и повеќе пластика ќе завршува во земји како Македонија, бидејќи пластиката ќе биде релативно поевтина.

Б.П. Дали имате сопствено производство (на пример, од рециклирана хартија) или увезувате / купувате најголем дел од хартијата потребна за производство на кесите?

Џ.P. Ние речиси не користиме рециклирана хартија. Нашиот бренд е заснован на силна хартија (рециклираната не е силна). Сепак, секако, нашиот производ може да се рециклира. Повеќето од нашата хартија потекнува од мелници во Шведска. Постојат неколку мелници во Европа од каде потекнува целата хартија за производство на хартиени кеси. Во моментов, ние увезуваме хартиени кеси и ги печатиме во Скопје. Со време претпоставувам дека ќе ги произведуваме хартиените кеси во Македонија (ако во Македонија дојде забраната за пластиката + правната држава: веднаш!).

Б.П. Кои материјали и мастила примарно ги користите во вашето производство?

Џ.П. КЕСАНОВА има за цел да биде дел од еден контекст на подигнување на еколошката свест во Македонија. Во евентуалниот обид на граѓаните да ја „направат Македонија повторно чиста“, КЕСАНОВА нуди хартиени кеси изработени од компостна и биоразградлива хартија. Хартијата доаѓа од индустриски шуми каде се засадува повеќе отколку што се сече. Нашите мастила се разградливи во вода.

Make Macedonia clean again
Извор на слика: Кесанова

Б.П. Според моето сопствено искуство, постои силна еколошка свест која е ограничена на помала група луѓе во Македонија, но мнозинството сè уште не е свесно. Кое е вашето мислење за прашањето за еколошката свест кај нас?

Џ.П. Според моето искуство, постои подигнување на свеста дека нешто треба да се направи во контекст на животната средина и климатските проблеми. Во исто време, постои уште посилна свест дека Македонија не е способна сама да ги решава проблемите. Како паралела на ова, дел од населението едноставно живее во паралелен свет – веруваат во сите видови заговори + во негирање на проблемите на правната држава во Македонија + негирање на климатските проблеми во светот (на некој начин ова е реален проблем за Македонија кој ги предизвикува сите други).

Често го споредувам овој проблем со пушењето. Пред дваесет години, кога бев во Македонија за прв пат, запознав луѓе кои сметаа дека здравствените проблеми поврзани со пушењето се чиста глупост. Измислени од западните здравствени индустрии кои заработуваат пари од стравот на луѓето. Јас не се согласувам со ова мислење. Претпоставувам дека истото движење е во тек во контекст на животната средина + климатски проблеми.

Б.П. Што ви се допаѓа во Македонија? Што не ви се допаѓа?

Џ.П. Можеби звучи чудно, но сакам да бидам таму каде што треба да се направат значајни промени. Треба да се направи многу и има смисла да се работи. Понекогаш, имам обратно чувство во мојата родна земја, каде што повеќе работа води до повеќе приходи, но – најчесто – на луѓето навистина не им требаат повеќе пари. Треба да измислите нови потреби, така да се искажам, за да ги потрошите парите. Ова не е случај во Македонија.

Мислам дека веќе споменав што не ми се допаѓа. Ако работите за општо добро во Македонија, ќе бидете казнети. Правната држава е sine qua non. Можеби би можел да додадам дека не ми се допаѓа кога граѓаните на Македонија ги обвинуваат сите други за она што недостасува. Западот е виновен, истокот, Бугарија, Грција, Евреите, муслиманите, Албанците, што и да е.

Б.П. Македонија има голем потенцијал за еко-туризам, органско одгледување итн., Но мое лично мислење е дека не се грижиме за својата природа. Дали се согласувате и какво е вашето мислење за оваа тема?

Џ.П. Јас не сум експерт, но верувам и во тоа. Само, Македонија треба сериозно да го сфати тоа. Станува збор за создавање стимуланси за да се направи тоа правилно. Ако нема веродостојни контролни механизми, сето тоа ќе пропадне со време. Сè се сведува на правната држава. Како тоа таксистите можат да се извлечат со фрлање на отпад низ прозорецот и никому не му е грижа? Како полициските автомобили се паркираат на ул. „Цветан Димов, кога полицајците купуваат бурек, кога во исто време властите ги собираат приватните автомобили со пајак? Па, затоа што ако вие – како граѓанин – реагирате на тоа, ќе бидете казнети. Дури нема да добиете ни сочувство.

Б.П. Ако сакате да додадете нешто што не е вклучено во прашањата, или за крај, можете да додате и ваша куса биографија.

Џ.П. Ох, има многу да се кажува…


Како што го заклучуваме ова интервју, со нашата земја во мислите, размислуваме и за нашето место во овој свет, за начинот на кој странците гледаат кон нас и како тоа може да ни помогне. Треба да слушаме повеќе и да се обидеме да имитираме добри вредности, деловни практики и да се грижиме повеќе за нас – не само нашето семејство, домот, автомобилот или дворот, туку и за нашата улица, нашето соседство, градот и државата. Постојат неколку важни лекции кои треба да се извлечат од ставовите на Џон и други луѓе кои потекнуваат од други општества, и ние треба да ги цениме, а не да бегаме од нив. Како и да е, тоа е причината заради која разговаравме со Џон, а другото зависи од вас.

Забелешка: Оригиналното интервју е направено на англиски и можете да го прочитате тука.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *