Наташа Атанасова од Блен.мк: „Уметноста и културата се најважни и ако ги изгубиме, отидовме во неповрат!“

Наташа Атанасова е електроничар/книжевник, копирајтер, новинар, културњак, „книшки молец“, основач на поранешниот блог Куцкамен, на агенцијата за маркетинг Импакта и на блогот за книжевнoст Блен.мк.

Во потрага по одговорот дали оваа ренесансна личност е технофил или техно-скептик, сакавме да поразговараме со неа за нејзините интереси. Но, да тргнеме од почеток, да речеме… од античка Грција!?

Заборавете на демократијата како од античка Грција, вистинската демократија се крие во искористувањето на модерните технологии за слобода на пристапoт кон информациите и средствата за работа – од типот на кибер-марксизам! Впрочем, уште од 1980-тите кибер-панкерите се бореа за слобода и децентрализација на информациите под мотото:

„На информацијата и’ треба слобода!“

Во нашата „паланечка“ средина, каде во секој акт на информирање се гледа на политички поени, ситни интереси и залегнување во фотелји, има неколку иницијативи и ентузијасти кои без личен интерес се борат за подобрување на нештата од аспект на подобра информираност, литература, наука, култура и слично.

Една од таквите иницијативи e Блен.мк, која со особена енергија и посветеност ја води Наташа А., па се обидовме да дознаеме повеќе за неа.


Б.П. За почеток, кажи ми нешто за тебе, една твоја куса биографија.

Н.А. Најтешко ми е да се претставувам вака :-/ Имам завршено средно стручно образование за електротехничар-електроничар, факултет по Општа и компаративна книжевност. Ме интересираат многу, премногу области и интердисциплинарноста на факултетот беше тоа што особено ми легна, иако, секако, книжевноста ми е во најголем дел од срцето. Бидејќи економската ситуација не ми дозволуваше подолго талкање низ лошо платени сфери (а такви се повеќето поврзани со книжевноста), веќе 12 години паралелно работам во маркетингот (копирајтинг) и во новинарството. Денес имам моја (т.е. партнерска) агенција за маркетинг, Импакта, која полека застанува на нозе (уште некој месец и ќе слави 3-ти роденден).

Но, и покрај тоа што работев во други полиња, ми остана интересот за книжевноста и културата и, што знам, си имам некој порив тоа што ми е интересно во моментот да го истражам подлабински и да го споделувам со другите. Така, одма по завршувањето на факултетот, со неколкумина ентузијасти го правевме блогот Куцкамен и тоа ми покажа колку можам да забегам и да потонам во тоа што го сакам.

По долги години од неговото згаснување, откако пред некој месец ја исчитав книгата „Кога свињите ќе полетаат“ за Пинк Флојд, каде што е објаснето како Гилмор успева да се одлепи од тешкиот за соработка иако генијален Вотерс и да продолжи сам по свое со кариерата, конечно се разделив од идејата дека за правење вакво нешто е потребна екипа и се стилив да направам нешто слично, сама. Името го имав од пред некоја година, кога го најдов зборот „блен“ во „Моби Дик“ и така се роди Блен.мк.

Who Are the Characters in Moby-Dick?

Б.П. Што е Блен.мк?

Н.А. Зборот „блен“ значи пријатна замисленост, замечтаеност и Блен.мк е онлајн место за замислување и мечтаење. Сакам да пишувам за тоа што сум го читала и што некако ме допрело; да правам интервјуа со интересни луѓе кои прават нешто квалитетно и инспиративно кај нас, и тоа врз основа на живи снимени разговори кои ги пречукувам, па ги средувам (нешто што не знам дали остана некој на планетава што уште го прави, ама во кое јас максимално уживам), да пишувам портрети за фраери и фраерки од областа на уметноста кои ме инспирираат… 

Б. П. Каква е твојата визија за блогот?

Н.А. Има луѓе со визии за тоа што сакаат да постигнат кога ќе почнат да прават нешто. Јас не сум таква. Најискрено, немам никаква визија за блогот. Знам што не сакам да биде и знам дека полека сакам да откривам што сакам да стане. Времето ќе си покаже – по тоа колку ќе го имам за да се посветам и по тоа колку луѓето ќе го имаат за да го поминат на нешто што не се голта на екс. Едноставно, верувам дека има луѓе со сличен вкус и сензибилитет како мене кои ги интересира уметноста и културата и кои сакаат нешто измеѓу најчесто површните статии по веб-страниците и често сувопарните писанија во периодиката. Мислам дека таквите ако прочепкаат на Блен.мк ќе најдат нешто за себе, а би била пресреќна ако оттука откријат некое ново име, нов наслов… 

Б.П. Што сакаш да постигнеш за себе, луѓето кои ги промовираш или за културата и уметноста во Македонија?

Н.А. Одговорот на сите потпрашања е: да го зачувам идентитетот. Можеби делува малку парадоксално, затоа што идентитетот не е нешто трајно, тој постојано се менува, меѓутоа сметам дека има главни нишки кои го сочинуваат нашиот идентитет, од кои уметноста и културата се меѓу најважните и дека ако ги изгубиме, отидовме во неповрат. Преку глава ми е од муабети дека ние сме за нигде и дека ветениот рај е во некои земји на Запад каде што многумина оттука заминаа. Знам дека таму има повеќе пари, системот можеби подобро функционира, ама мислам дека на вагата на животот во секоја една земја подеднакво тежат лошите и добрите работи. Освен во оние земји во кои се гладува или војува, скраја да е. Ние сме мирољубив народ, со векови угнетувани и долго сме живееле мислејќи само како да преживееме. Ова што го имаме денес малку го цениме и забораваме дека некои пред нас со животот го платиле. Мене ме интересира книжевноста, уметноста, културата, а во нив во една или во друга форма се состои нашиот идентитет. Сакам да покажам дека сме имале и имаме луѓе кои се врвни во тоа што го прават: поети, писатели, музичари, фотографи… луѓе со кои можеме и треба да се гордееме, луѓе на кои треба да им се врати гласот меѓу луѓето. Во тој глас го слушам спасот на општеството што ни тоне. 

Б.П. Дали според тебе македонската културна/уметничка сцена е доволно застапена во нашите медиуми?

Н.А. Најголемиот дел од содржините на медиумите денес се за малоумните. За оние што телевизијата како најсилен медиум со години лека-полека ги направи токму тоа. Се емитува или објавува тоа што носи највисок рејтинг или најмногу кликови. И тоа веќе не ме боли толку – светот одамна се тркала во капиталистичка провалија и секој што основа медиум сака тоа да му се исплати. Ме боли што државата воопшто не се грижи за незастапеноста на културно-уметничките содржини, барем на јавниот сервис, на МРТВ, кој сите го финансираме од нашите мачно заработени пари. Минатата недела бев на промоција на новата збирка на Лидија Димковска, која е една од најдобрите живи македонски поети и еден од најсилните критички гласови. Додека таа рецитираше во Буква, луѓето што минуваа по улица застануваа и не можеа да останат имуни на силата на нејзините стихови кои зборуваат за сериозни теми. А таму – немаше ниту еден новинар да го пренесе тоа! 

Преземено од Блен.мк

Како и да е, културата и уметноста ги има на интернет. На мали портали, на профилите на уметниците и културните работници на Фејсбук и понекогаш по некој голем повод на некој посилен медиум кој сака да ќари кликови на нешто актуелно (награда, некое достигнување…). Уметноста како да остана само за уметниците и за еден потесен круг луѓе околу нив, кои си живееме во меур изолирани од светот на мноштвото, за кој, реално, поголемиот дел од таа уметност (треба да) е наменет.  

Б.П. Како гледаш на улогата на технологијата за ширењето информации, споделувањето интелектуални добра, демократизацијата на културни вредности и знаења?

Н.А. Odi et amo, како што велеше Катул. Ја сакам и ја мразам технологијата во исто време. Ти отвора многу светови – комуницираш со луѓе на далечина во реално време, со доволно упорност наоѓаш податоци за сè што ќе ти притреба, клик те дели од секоја книга што можеш да посакаш да ја читаш или од повеќето музеи што сакаш да ги посетиш, си правиш блог и можеш со цел свет да го споделиш тоа што го правиш… Ама, од друга страна – милиони одвлекувачи на внимание, безмилосна борба на секоја една интернет-платформа за нашето време која резултира со помала или поголема зависност од нив и помалку или повеќе залудно потрошено време, хаос од (невистинити) информации и од продавачи на морални и културни вредности кои најчесто се продаваат само себе. 

Б.П. Уживаш да читаш, ако мораш да избереш 3 книги за одмор на пуст остров, кои би биле тие?

Н.А. Ако треба да заминам сега – на одмор, би си ги зела тие што ме чекаат на наткасната: „Човекот и неговите својства“ од Јунг, „Книга за гробиштата“ од Нил Гејман и „Пенелопеја“ од Маргарет Атвуд. А ако некогаш посакам да избегам на пуст остров, би си зела нешто што би можела до бескрај да го препрочитувам: „Куцкамен“ од Кортасар заради обидот за мост, муабетите и играта; „Улис“ – заради што сè не и некоја збирка со неколку драми од Горан Стефановски оти каде и да одам знам дека ќе имам потреба од свои луѓе покрај мене, со нашите доблести и слабости, приказни, радости и маки.

Б.П. Електронски или хартиени книги?

Н.А. И електронски, и хартиени. Уште си ги сакам хартиените, иако немам ништо против електронските. Сепак, хартиените имаат поголема историја во мојот живот и нормално дека за нив сум емотивно поповрзана! Ќе подвлечеш, свиткаш, ќе накапеш, ќе најдеш влакно меѓу страници, нечија посвета… ќе позајмиш некому, па ќе ти ги врати или нема… ќе ги добиеш на подарок или ќе ги подариш, ќе се чувствуваш дека си добил лото кога ќе најдеш на старо некое ретко книжуле за 50 денари… Засега околу електронските сè ми е постерилно, ама реално практични се, не се сечат дрвја за нив, поевтини се и подостапни и ако сега читам 80% хартиени, 20% електронски, знам дека процентот на вторите ќе си расте. 

Б.П. Колку македонската литература/уметност држи чекор со светските текови?

Н.А. Не знам. Искрено, не сум експерт за светски текови. Би сакала некој тоа некаде да ми го даде на тацна да си го прочитам и дознаам, ама ете… не сум влегла во меурот на тие што се занимаваат со современите текови. Порано ова повеќе ме интересираше, па се палев на постмодернистичките изблици кај нас, радувајќи се оти држиме чекор со светот. Денес делата ги делам на врвни, одлични, просечни, слаби и лоши без разлика од каде се нивните автори. И ако ги споредам по квалитет најновите дела од македонски автори што сум ги читала изминативе години со најновите дела од автори од каде било од светот, мислам дека се рамо до рамо.

Б.П. Нашиот Арно.мк е сличен проект како твојот, непрофитен, волонтерски медиум со цел промоција на добри вредности. Кои други слични медиуми кај нас ти се познати и дали се доволно застапени?

Н.А. Арно.мк ми беше откровение кога го открив. Се зачитав некое време и мислам дека сè што имавте објавено дотогаш – сè исчитав. После тоа ве земам на мали дози преку линковите на Фејсбук 🙂 Последнава година ги следам видеата на Александар Маџаровски на каналот Читачот на Јутуб и ми се топ! Човекот е толку начитан и речит, така убаво ги пакува видеата што уживам да ги гледам и да им се навраќам. Сум исчитала полно книги по неговите препораки и ниеднаш не сум се разочарала. Исто така, со уживање ги слушам и поткастите на Илина Јакимовска на obicniluge.mk, каде што претставува суперодлепени наши нај(не)обични луѓе, како птичари, афантазери, гикови, доставувачи… Тука е и naukazadeca.mk на Никола и Драгана Стикови, платформа на која низа наши научници раштркани низ светот подготвуваат научно-наставни содржини за децата од предметна настава. Никола води и еден друг волонтерски проект, С(ц)иеста (qantarot.substack.com) со научни дискусии и репортажи од нив со цел доближување на науката до пошироката јавност и навистина е за почит тоа што го прави. 

naukazadeca.mk

Б.П. Ако сакаш да додадеш нешто што сме го пропуштиле во прашањата, повели 🙂

Н.А. Би додала дека сето ова е супер, нè има вакви мали иницијативички со вредни и орни ентузијасти во позадина, ама делувајќи поединечно ефектите што ќе ги постигнуваме ќе бидат мали во однос на тоа што ни е потребно во општеството. Силата е во заедништвото, ама јас како невизионерка ич не знам да кажам какво треба да биде тоа обединување во кое сепак нема да се изгуби вредноста и идентитетот на секоја од иницијативите. Ако има некој што може тоа да го замисли, нека се јави!


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *