Панк-касети што враќаат цели генерации во минатото, филмови што отвораат прашања за сегашноста и книги што стануваат дел од нечие лично сеќавање. Во новото електронско издание на Арно.мк се собрани 26 авторски текстови во кои културата се преплетува со секојдневието.

На 64 страници се среќаваат панк-касети и телевизиски серии, скопски сеќавања и книжевни љубови, дизајн, екологија и размислувања за животот со медиумите. Изборот го поврзува есеистичкиот, на места и литературен пристап: личното искуство се преплетува со културата, а конкретниот повод отвора поширок разговор за општеството.
Така, албумот No Control на Bad Religion враќа кон една генерација скопски панкери и скејтери, додека средбата на Miley Cyrus и Nine Inch Nails во Black Mirror отвора сеќавања на музиката и тинејџерскиот бунт. „Сурфање по маргините!“ е лична прошетка низ списанието „Маргина“, а текстот за Џон Китс почнува со касети, поезија и подарок што останал запаметен во една љубовна приказна.

Покрај нив се и „Батери Азиз!“, „Одиме во „Круг“!“, „Лубеница или книга?“, текстовите за Futura, џезот, Cobra Kai и The Dirt. Од културата разговорот се движи кон потрошувачката, анксиозноста, идентитетот на социјалните мрежи и потребата да го разбереме светот во кој живееме. Дури и кога поводот е технологијата, во средиштето останува човекот – неговите навики, стравови и претстави за иднината.
Во воведот на книгата, Прља се навраќа и на почетоците на Арно.мк, основан заедно со Владимир Карер. Првичната замисла била кратките текстови да следат еден необичен рецепт: 50 проценти научни факти, 25 проценти популарна култура и 25 проценти лично искуство, зачинети со хумор. Подеднакво важна била и желбата интересните работи што двајцата ги откривале на интернет да прераснат во текстови достапни за сите, наместо да остануваат само во нивните приватни пораки.
Порталот израснал и од тоа пријателство и од долгите разговори за наука, технологија, дизајн, култура и екологија. Како што раскажува авторот, идеите понекогаш толку ги понесуваат што, кога дома ќе ги прашаат како е другиот и што прави, одговорот е: „Не знам!“ Заборавиле да се прашаат за личните работи.

Со годините Арно.мк премина и кон подолги текстови и посериозни анализи. Оваа книга, сепак, се задржува на избран дел од неговата прва година: авторските текстови во кои се чувствуваат личниот глас, љубопитноста и желбата преку културата да се размислува за секојдневието. Известувачките текстови за научните и технолошките достигнувања остануваат во онлајн архивата на порталот.
Изданието е дизајнирано со различни графички мотиви за текстовите, а на крајот од секој се наведени датумот на првото објавување и линк до оригиналната веб-објава. Така книгата го задржува својот однос со архивата од која произлегла и овозможува поинакво, поврзано читање на текстовите.
„Арно.мк 2019“ е враќање кон една година и кон идеите што ја обележале. Некои од нив денес ги гледаме поинаку; други и понатаму нè тераат да ја пуштиме истата песна, да отвориме книга или да продолжиме некој одамна започнат разговор.
Прочитајте ја книгата на овој линк.