Да го вратиме „Утрински весник“: обид за обнова на една расцепкана архива

Што се случува со еден весник откако ќе престане да излегува? Остануваат примероци во библиотеки, купчиња хартија во нечии домови, исечоци зачувани поради некоја лична причина. А неговата интернет-архива? Таа би требало да биде најлесно достапниот дел од неговиот живот.

Со сајтот на „Утрински весник“ работите се покомплицирани. Дел од старите страници сè уште се отвораат. Други враќаат непостоечки линк. Некои ветуваат едно издание, а прикажуваат сосема друго. Насловот постои, но текстот зад него е недостапен. Архивата преживеала во делови, како весник чии страници се растурени и загубени во нечиј подрум.

На Арно.мк почнавме да ги собираме тие страници.

Октомври 2006, 20 години подоцна

За почеток избравме еден месец: октомври 2006. Сега, во октомври 2026, нè делат точно дваесет години од тогашните вести. Доволно време некои најави да станат реалност, други да бидат заборавени, а трети да добијат значење што тогаш не можело да се насети.

Почнавме од достапните прилози од број 2208, објавен на 16 октомври 2006. Ги попишуваме насловите, авторите и рубриките и ги поврзуваме со оригиналните страници. Каде што има зачувана фотографија или PDF, упатуваме до нив. Каде што нешто недостига, го оставаме видливо и тоа отсуство.

Работата понекогаш личи на дигитална археологија. Линк што изгледа ветувачки може да одведе во погрешна година. Зачуваната насловна не гарантира дека преживеале и текстовите. Затоа секој пронајден дел треба да се провери пред да си го најде местото во обновената целина.

Веста има продолжение

Главната идеја на оваа архива од почетокот беше да ги зачуваме вестите и преку нив повторно да се запрашаме каде сме биле, што сме направиле и каде одиме.

Водилка (како и во многу други проекти кои ги правиме) ни беше познатата изрека на Крсте Петков Мисирков од „За македонцките работи“: „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“

Затоа, при повторното читање на „Утрински“, постојано се навраќаме на едно прашање: а што се случи потоа?

Владата размислувала за судбината на ТЕЦ „Неготино“. Бил раскинат договорот со „Делта“ за изградба на трговски центар. Скопските киносали се затворале. За тогашниот читател овие приказни сè уште биле отворени.

Денес можеме да ги следиме нивните продолженија. Да истражиме што било изградено, што пропаднало, кој проект сменил сопственик или име и кој проблем останал нерешен.

Затоа обработените вести ги организираме во три дела:

  • Резиме — што објавил „Утрински весник“.
  • Контекст — во какво време и во какви општествени околности се појавила веста.
  • Денес — што следувало потоа, со кратка хронологија и проверливи извори.

Оригиналниот напис останува сведоштво за тогашниот момент. Денешното истражување се надоврзува на него, јасно одвоено од новинарскиот текст. Кога не можеме да потврдиме што се случило, го кажуваме и тоа.

Така, една стара најава за инвестиција може да стане приказна за дваесет години економски одлуки. Вест за затворено кино може да ни помогне да ја проследиме промената на културниот живот во градот. Кратка локална вест може да открие колку долго живее еден навидум привремен проблем.

Весникот како карта на едно време

„Утрински“ ги бележел големите политички настани, но и секојдневието: автобусите што доцнат, водоводите, училиштата, изложбите, книгите, спортските натпревари. Токму во нивната близина, на страниците од ист број, се гледа едно општество.

При обновувањето на архивата сакаме повторно да ги направиме достапни тие врски. Да може да се пребарува, да се преминува од една тема кон друга и да се следи како некоја приказна се менувала низ времето.

Ова е продолжение на нашето интересирање за старите весници и временските капсули, но и конкретен одговор на проблемот за кој веќе пишувавме: дигиталната меморија не се зачувува сама. Некој треба да ги пронајде расфрланите делови, да ги провери и повторно да ги поврзе.

Архива што ќе ја дополнуваме

Почнуваме со мал, јасно определен опфат: „Утрински весник“ од октомври 2006. Пред нас има празнини и неизвесна потрага по следните достапни текстови.

Ако чувате примероци од „Утрински весник“, скенови, исечоци или зачувани веб-страници, јавете ни се. Добредојдени се и исправки и дополнувања за подоцнежната судбина на настаните што ги обработуваме.

Пред дваесет години овие вести се читале со утринското кафе. Денес ги отвораме повторно, со уште едно прашање покрај нив: што ни кажуваат за патот што го поминавме оттогаш и за патот пред нас?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *