Летечката двојка на „Журнал“ и обичните-необични луѓе од 1970 година

Во летото 1970 година, новинарот Тале Сотироски и фотографот Ѓорѓи Николоски патувале низ Македонија и собирале приказни за снагатори, стогодишни овоштари, неуморни читатели и едно куче што било подобро од овчар. Педесет и шест години подоцна, нивната „летечка двојка“ повторно полетува.

Рубриката во целост можете да ја видите тука.

Понекогаш да прелистуваш стари весници значи да бидеш детектив и своевиден патник низ времето. И како секој таков патник, се соочуваш со парадокс. Ако смениш еден детаљ во приказната од минатото, тоа може да има непредвидливи последици врз иднината. Затоа ќе бидам внимателен со заклучоците во следнава детективска приказна, наречена „Обични-необични луѓе“.

Ете, веќе ја направив првата грешка при патувањето низ весниците од минатото – ја сменив историјата. Всушност, рубриката не се викала „Обични-необични луѓе“, туку „Летечката двојка на ‘Журнал’ – открива, снима, регистрира“. Малку несмасен наслов, а до него фотографија од двајца млади луѓе: Тале Сотироски и Ѓорѓи Николоски. Пред да се нурнеме во нивните приказни, да се обидеме да ги запознаеме.

Кој бил Тале?

Првата детективска трага води кон новинар по име Тале Сотировски, роден во 1948 година во демирхисарското село Растојца, кој подоцна станал уредник на „Вечер недела“. На друго место е споменат како еден од „саботните“ уредници на „Вечер“ и како дел од новинарската школа на тој весник. Возраста совршено се вклопува: во летото 1970 година би имал дваесет и една или дваесет и две години – токму возраст на која човек верува дека може да ја обиколи цела Македонија, да разговара со секого и да се врати во редакцијата пред затворањето на бројот.

Неговите новинарски и литературни почетоци биле мошне рани. Во 1968 година, како дваесетгодишник, бил меѓу младите интелектуалци од Демир Хисар што го покренале литературното списание „Изгрев“. Значи, само две години пред „Летечката двојка“, веќе бил дел од еден млад културен круг што се обидувал да создава сопствен простор за литература и идеи.

Но, на фотографијата од „Журнал“ пишува Сотироски, без буквата „в“. Една буква не изгледа како многу. Но во архивските истражувања една буква може да биде провалија. Може да значи печатна грешка, локална варијанта на презимето, невнимание на словослагачот – или сосема друг човек.

А што е со Ѓорѓи?

За Ѓорѓи Николоски интернетот е значително помолчив. Нема лесно достапна биографија, интервју или податок што недвосмислено ќе каже: „Ова е Ѓорѓи од летечката двојка“. Но имаме фотографија. На неа човекот со густите мустаќи има фотоапарат закачен околу вратот. Тоа е оној мал детаљ што во детективските филмови сите го гледаат, но никој не го забележува додека инспекторот не го запре кадарот и не рече: „Вратете малку назад“.

Потоа се појавува уште една фотографија: битолскиот фотограф и сопственик на ателјето „Фото Зрак“, Ѓорги Николовски. Лицето, косата, веѓите и препознатливите мустаќи се навистина слични. Човек лесно би можел да помисли дека сме го пронашле.

Извор: Битола стари фотографии

Но повторно ни пречи една буква. Во „Журнал“ пишува Николоски, а битолскиот фотограф е Николовски. Тоа не мора да биде случајна разлика. Презимињата без „в“ почесто се среќаваат во прилепскиот крај, додека формите со „в“ се почести во Битола и во други делови на Македонија.

Можеби Ѓорѓи Николоски од „Журнал“ и Ѓорги Николовски од „Фото Зрак“ биле ист човек кому презимето еднаш му било погрешно запишано.

Можеме ли да го смениме минатото?

Тука се соочуваме со парадоксот на „новото“. Откривајќи го минатото, никогаш суштински не откриваме нешто ново. Настанот веќе се случил. Луѓето веќе ги изговориле речениците. Фотографот веќе го притиснал копчето. Весникот веќе бил отпечатен, прочитан, употребен за виткање тегли или оставен на таван.

Ние само индиректно го доживуваме она што за нив било сегашност. Но, што се случува кога ќе откриеме нешто што со децении било заборавено? Кога од две избледени имиња ќе се обидеме повторно да составиме луѓе? Дали ја дополнуваме историјата или ја препишуваме? Дали враќаме неправедно заборавен детаљ или произведуваме нова заблуда што некој по педесет години ќе ја цитира како факт?

Во приказните за патување низ времето ова се нарекува парадокс на дедото: патникот се враќа во минатото и го убива својот дедо пред тој да добие деца. Тогаш патникот никогаш не би се родил. Но ако не се родил, кој се вратил во минатото за да го убие дедото?

Истражувачот на стари весници, за среќа, не може физички да го убие дедото. Но може да направи нешто посуптилно: да му го смени името, професијата или биографијата. А потоа грешката да почне да патува од текст во текст, додека вистинскиот човек конечно не исчезне зад неа.

Затоа нема да го убиеме дедото. Ќе го поканиме да седне со нас и ќе го прашаме да ни раскаже што навистина се случило.

Саботно утро, 25 јули 1970 година

Токму вакви прашања не ги мачеле секојдневните херои од приказните на Тале и Ѓорѓи. Кај нив се среќаваме со снагатори што пијат по триесетина пива, деведесетгодишници со алкохолен рецепт за долговечност, куче што самостојно чува стадо и стогодишен земјоделец што посадил овоштарник кога повеќето луѓе веќе би се откажале и од саксија на прозорецот.

Замижете и замислете дека е 25 јули 1970 година, пред речиси точно 56 години. Саботно пладне е, а вие го пиете утринското кафе. Не скролате на телефон. Немате (личен) компјутер, бидејќи компјутерите сè уште се големи машини сместени во институции и претпријатија, а не предмет на бирото покрај пепелникот.

Пред вас е „Журнал“. Мирисот на кафето се меша со мирисот на хартијата. Прстите ви остануваат малку црни од печатарската боја додека ги листате страниците. Препуштете се на сетилата.

Дедо Андре чита додека е жив

Првата приказна нè носи во Скопје, кај осумдесетгодишниот Андре Јованов, член на библиотеката „Цветан Димов“. Тој секојдневно читал по околу 150 страници, редовно земал по две книги и во посебна тетратка ги запишувал сите прочитани наслови.

Во време без апликации за евиденција на прочитани книги, без дигитални оценки и без алгоритам што по секоја страница ќе му предложи уште десет, дедо Андре си направил сопствена база на податоци – тетратка.

Читал Толстој, Балзак и Хомер, но најмногу сакал книги поврзани со македонската историја. „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески и „Ајдучка чешма“ од Видое Подгорец ги прочитал повеќепати. Од сите автори, сепак, најмногу го сакал Стале Попов.

Кога го прашале уште колку време планира да чита, одговорил: „Додека сум жив!“

Тоа на прв поглед изгледа како обичен одговор. Но можеби во него е скриен најдобриот рецепт за долговечност од целата страница. Човек што чита по 150 страници дневно не живее само еден живот. Додека телото седи во Скопје, умот патува.

Човекот што пиел 35 пива дневно

Од мирната библиотечна атмосфера, летечката двојка нè префрла во демирхисарското село Стругово, кај Борис Петровски – човек што, според „Журнал“, можел да прими четириесет силни удари со тупаница во стомакот без да почувствува болка.

Можел, одејќи на една нога, да носи повеќе од 220 килограми на грбот. Можел и добро врзан коњ да го крене до висина на главата. Како објаснување за својата сила навел дека учел фискултурно училиште и секое утро вежбал по половина час.

Дотука приказната звучи како локална варијанта на Херкул. Но потоа доаѓа реченицата поради која уредникот веројатно решил да го стави насловот: „Освен тоа, катаден пијам по 30–35 пива!“

Не е сосема јасно дали пивото требало да биде дополнително објаснување за силата или посебен рекорд. Можно е Борис да се пошегувал. Можно е новинарот да ја прифатил бројката како добар наслов. Во секој случај, приказната не треба да ја читаме како здравствен совет.

Ако ја прифатиме буквално, најголемото достигнување на Борис не било тоа што кревал коњ, туку што успевал да најде време и за нешто друго во денот.

Алкохолот го држи човекот – но со мерка

Следната станица е Горно Коњаре, во долината на Пчиња. Таму живеел Милош Петров Арсовски, кој штотуку ја навршил 93-тата година, но според соселаните изгледал како да има едвај седумдесет.

Милош и понатаму орал, копал и жнеел. Кога го прашале на што се должи неговата виталност, тој го споделил рецептот што го применувал цел живот: Пред јадење – чашка ракија. По јадење – две чаши вино. „Алкохолот го држи човекот, но само кога се пие со мерка“, објаснил тој.

Секој долговечен човек има свој рецепт. Кога би ги следеле сите совети истовремено, би морале да пиеме и да не пиеме, да јадеме и да постиме, да трчаме по десет километри и никогаш да не стануваме од кревет.

Можеби вистинскиот рецепт на Милош бил во делот од реченицата кој гласи: „со мерка“. Или, пак, во тоа што на 93 години сè уште имал поле на кое некој го чекал да ора, копа и жнее.

Белич – кучето што било подобро од овчар

Во струшкото село Мороишта, Фончо Клечкаровски имал куче по име Белич.

Сопственикот требало само да ги истера овците од селото. Потоа Белич ја преземал смената: цел ден ги чувал, ги водел таму каде што имало повеќе трева и не дозволувал да се изгуби ниту една. „Тој е подобар и од овчар“, изјавил Фончо.

Белич не е само овчарско куче. Тој е совесен работник кој никогаш не доцни, не бара пауза, не се расправа со газдата и не дозволува некој да се приближи до овците. Еден човек од селото Ливада за него понудил сто илјади стари динари и два најдобри овна. Фончо не го продал.

И тука, можеби, има мала парабола за вредноста. Некои работи можат да добијат цена само за да сфатиме дека не се на продажба.

Стогодишникот што садел за иднината

Последната приказна нè носи во Новаци, кај земјоделецот-стогодишник Јонче Тантаров.

На еден хектар земја Јонче засадил овоштарник со сите видови овошни дрвја што успеал да ги набави. Првото стебло го посадил во 1957 година. Ако во 1970 година навистина имал сто години, тоа значи дека почнал да го создава овоштарникот на околу 87-годишна возраст.

Повеќето луѓе на 87 години не започнуваат долгорочни земјоделски експерименти. Повеќето луѓе и на 47 ќе ви објаснат дека е доцна. Новачани му велеле дека нивната земја чини за сè, само не за овошки. Јонче решил да го докаже спротивното.

Не со расправа, не со фејсбук-статус и не со комисија што ќе изработи студија. Едноставно засадил дрвја. Во 1970 година сите раѓале, а од нив добивал приход од над 5.000 динари. „Го направив сето тоа повеќе од инает кон Новачани“, признал тој. Инаетот понекогаш е едноставната потреба да им докажеш на сите дека не биле во право.

Но, она што е интересно е идејата дека кога садиме дрво, склучуваме договор со иднината. Вложуваме труд денес за плод што можеби ќе го јаде некој друг. Јонче, кој според сите човечки пресметки имал многу повеќе минато отколку иднина, но се однесувал како времето допрва да започнува.

И можеби токму затоа доживеал сто. Не поради ракија, вино или посебна диета, туку затоа што на 87 години сè уште имал план за следната сезона.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *