Земјите во развој не треба да ги отворат училиштата!

Отворањето на училиштата е многу скап потфат за секоја земја. Не се работи само за мерките за одржување протоколи и вложувањата кои ги подразбираат тие, туку и за масовните тестирања. Да го земеме примерот на Лос Анџелес.

Државните училишта во Лос Анџелес ќе останат затворени поради голем број заразени луѓе, но во случај на зелено светло од здравствената комисија и отворање на училиштата, властите имаат во план да спроведат тестови на околу 700.000 ученици и 75.000 наставници. Таа програма, само во првите фази кога планираат да направат пробно пуштање на помал број од училиштата кои ги задоволуваат стандардите, ќе ги чини околу 150 милиони долари.

Во Македонија има вкупно 257.220 ученици и 22.835 наставници. Eкономски е поисплатливо да им се обезбедат услови за онлајн учење на децата кои ги немаат, отколку да се опремуваат 13.000 училници (10.756 за општа и 2.223 за специјализирана намена) за задоволување на протоколите, секојдневна стерилизација, паралелна онлајн настава за ранливите или да се прават масовни тестирања, а да не зборуваме за теретот врз здравствениот систем ако отворањето на училиштата се покаже како катастрофална одлука.


Да не заборавиме, протоколите не подразбираат само дезинфекција на раце и површини, носење маски и дистанца, туку и рециклирање на воздухот. Од физиката на аеросолите (ситни честички течност во гасови) во затворен простор знаеме дека вирусите остануваат заробени во воздухот со часови. Затоа е потребен напреден систем на филтрирање, рециклирање и обновување на воздухот на куси временски интервали, речиси како што се прави во болниците. Побогатите земји генерално, поради подобрите услови, можат да размислуваат за отворање на училиштата ако бројките на заразените им го дозволуваат тоа (3% според истражувачите од Харвард).

Уште еден многу битен фактор кој се зема во предвид во развиените земји се хроничните заболувања. Земјите со голема стапка на висок крвен притисок, дебелина, дијабетес, белодробни и срцеви заболувања се сметаат за ризични и не треба да ги отвораат училиштата. Нашата земја долго време се наоѓаше на листата на најзагадени земји во светот, а Скопје ги рушеше рекордите!

Зарем со таква „клиничка слика“ сакаме да стапиме во есента кога настапуваат и други вируси и енормното загадување? Се работи за преголем и прескап ризик!

Според статистичките податоци од 2016 година, во Македонија има 1.342 училишни згради, од кои половина се изградени од 1946-1980 година, а 64 од училиштата се изградени во периодот од 1900-1929 година! Какви стандарди и протоколи може да има во тие застарени училишта!?

Освен тоа, 578 од нив се греат на огревно дрво, 486 на течни горива, 127 на цврсти горива (вкупно 1.191), додека само 109 училишта се приклучени на централно греење.

Значи, повеќе од 90% од училиштата се економски, еколошки, а да не зборуваме и здравствено незадоволителни, а децата небаре дишат издувни гасови во нив!

Да речеме дека дел од училиштата во овие 3-4 години се префрлиле на поздрави варијанти, но 1.191 нееколошко училиште од 1.342 е сериозна бројка! Замислете само колку ќе биде почист воздухот, поздрави децата и колку пари ќе се заштедат доколку не работат училиштата!

И за крај, нашата мантра – само онлајн наставата од дома за сите, за децата и наставниците, е решение за сите овие проблеми и ќе обезбеди здрави идни поколенија!

3 thoughts on “Земјите во развој не треба да ги отворат училиштата!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *