Земји во развој – обединете се, и не отворајте ги училиштата!

Веќе објавивме еден текст за тоа дека земјите во развој не треба да ги отворат училиштата. Како главни причини ги наведовме лошите услови во училиштата, цената на протоколите, секојдневната стерилизација, неизводливоста и неефикасноста на паралелната (комбинирана) онлајн настава, масовни тестирања, не толку доброто општо здравје на популацијата и теретот врз здравствениот систем.

Во меѓувреме излезе еден интересен текст на World Economic Forum кој ги наведува сличните причини. Текстот гласи „Отворањето на училиштата премногу рано може да го рашири Ковид-19 уште побрзо – особено во земјите во развој“.

Како три главни точки на овој текст се наведуваат:

  • Земјите со ниски приходи се соочуваат со многу различни околности во однос на земјите со високи приходи кога станува збор за повторно отворање на училиштата по карантинот.
  • Во земјите во развој, возрасните и старите лица обично имаат повеќе контакти со деца (внуци) отколку тие во напредните економии.
  • Една нова студија предвидува дека одложувањето на отворањето на училиштата може да спаси животи.

Овие поенти се многу валидни. Навистина, бабите и дедовците во нашата средина се многу често задолжени за земање на децата по училиште и нивно чување додека родителите не се вратат од работа. Во нашата средина, да бидеш баба или дедо е голема гордост и тие никогаш нема да ги одбијат своите внучиња и нивните понекогаш луди барања. Во развиените земји е поинаку. За нив се работи за златни години кои може понекогаш да се зачинат со внучиња, но главната преокупација е уживањето во остатокот од животот по тешкиот и напорен работен век во служење на туѓите (читај: шефовите) желби.

Според статистиките на Унеско, 100 земји во светот ќе ја почнат училишната година со онлајн учење од далечина.

„Она што го знаеме е дека земјите со ниски приходи се соочуваат со многу различен сплет од околности од земјите со високи приходи – на пример, поголем процент на домаќинства кои вклучуваат и деца и постари лица, тешкотии со тестирањата за Ковид-19 и примена на протоколи за социјално дистанцирање во училиштата, како и примораноста да се оди на работа кај родителите за да се сочува егзистенцијата на семејствата,“ се вели во извештајот на World Economic Forum. Се чини дека сите потенцирани нешта како да се „скроени“ за нашата земја.

Освен тоа во извештајот се наведува: „Ние користиме економски модел кој објаснува како економиите во развој се разликуваат од напредните економии: се работи за помлади популации; поголем контакт помеѓу луѓето дома, на работа и на училиште; големи неформални сектори што ги отежнуваат карантините; помал капацитет за оданочување; и помалку капацитет на здравството.“

На крајот на текстот се заклучува дека најуспешна метода во врска со образованието во овие земји е една – да не се отворат училиштата! Во спротивно се очекува многукратно зголемување на заразените, изложување на ранливите групи на ризик и поголема смртност, а тоа се нешта кои никој не ги сака.

Со онлајн наставата за сите – за учениците и наставниците – овие нешта можат да се ублажат и што порано го разбереме тоа, тоа порано ќе почнеме да работиме сите заедно на едно безбедно, но и поквалитетно образование.

3 thoughts on “Земји во развој – обединете се, и не отворајте ги училиштата!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *