„Научната фантастика како имплант кој ја менува свеста!“ За расказот „Имплант-ум“ на Тимурленк Чековиќ

Денес ви преставуваме еден од авторите од збирката „Карантински приказни“. Се работи за Тимурленк Чековиќ и ако ве интересира повеќе за него прочитајте тука. Тој е автор на повеќе дела кои ја истражуваат врската помеѓу исламот и науката, другите религии и секојдневниот живот. Со неговиот расказ „Имплант-ум“ Чековиќ прв пат се појавува пред публиката со прозно дело, иако се занимава со пишување уште одамна.

Looking back at Johnny Mnemonic | Den of Geek
Темата на импланти е позната одамна во научната фантастика, особено во Киберпанкот

„Уште во основно училиште Тимур беше страстен читател на научни текстови и белетристика, особено на научна фантастика. Освен тоа, уште тогаш пишуваше раскази за патување кон центарот на Земјата, во вселената, за вонземјани, духови и чудовишта. Со голема фантазија и посветеност исполнуваше цели тетратки и имаше идеи како да направи ласер, авион, компјутер, па дури и вселенски брод!“ ни раскажа неговиот пријател, новинар и автор, Бранко Прља.

Она што е интересно во делото на Тимурленк Чековиќ е воведувањето на „исламска“ тематика во научно-фантастичкиот жанр, што е своевиден првенец во нашата литература. Се разбира дека („докажаните“) автори како Ферид Мухиќ и Луан Старова имаат пишувано на оваа тема, но Чековиќ за прв пат ја воведува во нашата литература во контекст на научната фантастика.

Но, не би сакале оваа негова предност да се сфати како „ограниченост“. Напротив, пристапот на авторот е хуманистички, со истакнување на човечките вредности, вреднување на семејството, рамноправноста и други универзални позитивни вредности. Авторот не пропушта да ги истакне моралните дилеми кои произлегуваат од модерниот начин на живот, особено од односот на традицијата и современите текови, што е значајно прашање во секое општество.

Основната тематика на расказот се чини дека е трансхуманизмот, т.е. едно движење во науката и технологијата кое е веќе реалност, а се занимава не само со поправањето на физиолошките или психолошките недостатоци, туку и со надоградување на „нормалните“ функции. Футуролозите одат дотаму што ветуваат кожа отпорна на куршуми за војниците, а можностите се речиси неограничени, особено кога станува збор за научната фантастика.

Who's afraid of transhumanism? (We all should be) | America Magazine

Ликовите во расказот на Чековиќ се одлично изградени, како и односите помеѓу нив кои се прикажани живо и тродимензионално, наместо да бидат „картонски ликови“ што често се среќава кога читаме дебитантска проза. Моментот кога родителот е соочен со дилемата дали да го подложи сопственото дете на потенцијално опасен хируршки зафат за да може да му овозможи нормален живот и успех во општеството е опишан многу живо и пластично. Иако се работи за книжевен првенец на авторот, сцената е доловена многу успешно и авторски зрело, како и целиот расказ.

Нашето мислење е дека Чековиќ стапнал на неиспитана територија во македонската литература и ако продолжи да ја негува ќе стане препознатлив автор во нашата литература. Исламскиот начин на живот и традицијата, не само во контекстот на минатото и нашата сегашност, туку и во контекстот на иднината и „возможните светови“, е вредна тема за испитување. Оваа тема многу луѓе во нашето општество ја чувствуваат како „туѓа“ или „непријателска“, а причината за тоа најчесто се предрасудите кон нешто што не им е доволно познато. Чековиќ ни пружа можност да погледнеме подлабоко во тие сфери и да излеземе духовно побогати и со пошироки сфаќања, што треба да е улогата на секој автор, се разбира ако се сфаќа себеси и читателите сериозно.


За тие кои се заинтересирани да се запознаат и со другите дела на Тимурленк Чековиќ, можат да ги погледнат овие линкови: Куранот и вселената (2012), Од Исус до Мухамед (2014, издание на англиски, 2019) и Совети за подобро здравје од Пратеникот Мухамед (2019).


Овој текст е трет дел од серијалот за домашната научна фантастика, прочитајте ги и претходните два:

Научна фантастика за нашата земја е… научна фантастика!
Дистопија или наша реалност? Домашна научна фантастика, втор дел

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *