Дистопија или наша реалност? Домашна научна фантастика, втор дел

Во недостаток на научна библиографија, ќе се послужиме со приказот на домашната научно-фантастична сцена од текстот „Библиографија на македонската научно-фантастична проза“ на Зоран Милошевски.

Од тој краток приказ и библиографијата се чини дека до 2006 година во Македонија преовладуваат научно-фантастичните дела за помладата публика.

Во периодот од 2006 до 2016 година нема ниту едно SF дело, а првото победува на конкурсот „Новите“ на Темплум во 2015 и е објавено во 2016 година.

Во овој период од 2016-2019 година се излезени дури 10 научно-фантастични дела, сите за возрасна (или барем тинејџерска) публика и што е уште поинтересно – (речиси) сите дела се дистописки!

2015 – Сања Михајловиќ Костадиновска: „517“
2016 – Моника Трајковска: „На работ од времето“ (I дел од серијалот: „Наследството на Вероника“)
2016 – Методија Диневски: „Експеримент 51“
2017 – Бранко Прља: „Апокалипса.мк“
2018 – Бранко Прља: „Реплика.мк“
2018 – Зоран Милошевски: „Сага за Тројство“
2019 – Бранко Прља: „Воскресение.мк“
2019 – Методија Диневски: „Временската енигма“ (Експеримент 51-II дел)
2019 – Даниел Бибовски: „Архангел – Ослободување на ѕверот“
2019 – Зоран Милошевски: „Истапени сечила“ (I дел од серијалот „Последна граница“)

Може да навлеземе во политичка анализа на фактот зошто сето ова се случувало по таа хронолошка низа, но нема 🙂 Само ќе додадеме дека тој факт ја потврдува улогата на научната-фантастика како важна слика за општеството, длабока анализа на филозофските последици од тековите во сегашноста и минатото, како предупредување за можните идни текови. Да ги разгледаме на кратко делата.



Сања Михајловиќ Костадиновска, добитничка на наградата „Новите“ прва истапува со нејзиниот дистописки роман „517“, иако повеќе се работи за општествена сатира, отколку за вистинска тврда научна фантастика. Според жирито на наградата: „Романот „517“ зборува за ерата на т.н. „сегашизам“ – епоха во која времето не постои, нема ниту иднина ниту минато, а сеќавањата се забранети, како и пишувањето.“

Истото важи и за Моника Трајковска и нејзиното дистописко дело „На работ од времето“, каде се работи за СФ литература за тинејџери од видот на The Hunger Games. Се разбира дека овој жанр не треба да се потценува, бидејќи во светот покажал особен комерцијален успех, а според реакциите на нашата публика и Моника има напишано едно интересно и популарно дело.

Од другите автори се издвојува Зоран Милошевски, Методија Диневски и Даниел Бибовски, кои во нивните научно фантастични и дистописки дела продираат длабоко во мисловните конструкти за една можна иднина или паралелна реалност и успеваат да изградат возбудливи приказни.

Она што би можело да се смета како потенцијален недостаток, особено во очите на литературната критика (нешто што го начнавме како тема во претходниот текст за домашната СФ сцена), е што во сите досега наведени дела, станува збор за првенец на авторите, т.е се работи за автори дебитанти.

Апокалипса.мк 2.0 - Арно.мк

Прв обид за вистинска тврда научна фантастика за возрасни со дистописка тематика во нашата литература е делото „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља.

Тука исклучок е Бранко Прља, кој се јавува на литературната сцена во 2003 година и од тогаш континуирано издава дела во различни жанрови. Прв обид за вистинска тврда научна фантастика за возрасни со дистописка тематика во нашата литература е неговото дело „Апокалипса.мк“. Во романот ги има сите препознатливи елементи на тврда научна фантастика, како користење на научни термини, технологии и научни експерименти кои се главен носител и двигател на дејството.

Романот воведува и еден нов елемент во македонската литература, а тоа е т.н. „зомби апокалипса“ во која дел од популацијата под некое надворешно влијание се трансформира во „ѕверови“, како што ги нарекува авторот. Делото е воедно општествено ангажирано и воведува невообичаена раскажувачка техника на паралелни приказни кои се спојуваат во една точка во кулминацијата на дејството. Тенденцијата на авторот за иновативни концепти во нашата литература продолжува и во неговите други две СФ дела со воведување на тематиката за вештачката интелигенција како доминантен жанр.


Делата на Бранко Прља од март 2020 година, поради актуелната состојба кај нас и во светот, се достапни во целост и за бесплатно читање на овој линк.


Останува да видиме како ќе се развиваат работите во домашната научна фантастика, а со оглед на сегашноста која се повеќе наликува на дистопија, се чини дека овој жанр и понатаму ќе биде плодна почва за одгледување необични идеи!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *