Научна фантастика за нашата земја е… научна фантастика!

Поради недостатокот на домашна критика за СФ литературата во Македонија во следниот период ќе посветиме неколку текстови на оваа тема.

По некое површно истражување, откривме само три аналитички текстови посветени на оваа тематика од наши автори:

1) Научната фантастика во современата македонска проза за деца и млади од Јованка Денкова (Филолошки Универзитет од Штип, 2009)

Во текстот се зборува за научно фантастичната проза за деца и млади, каква што и била до почетокот на новиот милениум.

2) Во светот на научната фантастика од Љубомир Михајловски (2018)

Единствена студија за научната фантастика за возрасни на македонски според наши извори.

3) Библиографија на македонската научно-фантастична проза од Зоран Милошевски (Goodreads, 2020)

Краток, но доволно информативен текст кој може да послужи како појдовна основа за која било друга поширока студија на македонската научна фантастика.

Blade Runner 2049… или Скопје 2024?

Според нашите сознанија, тоа е единствената литература на темата научна фантастика во нашата литература. На интернет се среќаваат уште неколку извори:

1) Поларис, радио емисија на Радио МОФ

Од нивниот сајт: „Радио емисија посветена на научната фантастика, фантазијата и хоророт во која се пренесуваат најновите информации од светот на дотичните жанрови, рецензираат класични и актуелни наслови. Емисијата ја води Марјан Болтевски, секој вторник од 19 часот.“

2) „Визија“, центар за научна фантастика

Центар кој е сместен во Велес. Неколку пати е релоциран, во постојани расправии со локалните власти за подобри услови и на крај демолиран и уништен од вандали.

3) Фејсбук група наречена „Македонски љубители на научна фантастика, фантазија и хорор

Во оваа група повторно се популаризираат светски познатите дела, без обид да се сериозно да се анализираат домашните автори (секоја чест на исклучоци – покани за промоции).

Работите да бидат уште повеќе „траги-комични“, на Википедија на тема научна-фантастика на македонски пишува:

„Од Февруари 2011 постои бугарско интернет списание, посветено на жанрот – SciFi.bg – во Македонија нема таква иницијатива, но списанието може да се чита и од нас.“

Сето ова наведува кон заклучокот дека во нашата земја не постои обид да се навлезе, анализира или сериозно обработи темата на научна фантастика и особено да им се пристапи на домашните автори со должна почит. Се чини дека книжевните кругови овој жанр го сметаат за недоволно сериозен или дури и аматерски.

Во светот (развиените земји) се чини дека работите стојат сосема поинаку. Научната фантастика се смета за жанр кој носи високи креативни квалитети, како и голема материјална добивка, преку Star Wars сагата до филмовите на Avengers, од Avatar до Jurassic Park/World, заработките на овие филмови или серијали се астрономски, а авторите како J.K. Rowling, J. R. R. Tolkien, George R. R. Martin (освен тоа што сите имаат многу кратенки во имињата) се сметаат за легитимни книжевни генијалци. Зошто кај нас работите стојат поинаку останува да откриеме во следните неколку текстови.

3 thoughts on “Научна фантастика за нашата земја е… научна фантастика!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *