Што чудо беше Електролит?

„Електролит“ беше првиот македонски онлајн конкурс за литература, а не „супстанца што произведува електрицитет“… иако идејата на конкурсот беше токму тоа – да создаде поларитети, електрицитети и струења на идеите!

Конкурсот постоеше во едно време кога социјалните медиуми не беа толку популарни, пред Фејсбук, Инстаграм или Твитер, во времето на Мајспејс (што ли беше тоа?). Се јави како последица на идејата домашните автори (независно од тоа дали објавувале или не) да се промовираат и да добијат „отскочна даска“ која институциите, критичарите и етаблираните гласови не им ја даваа, зашто, да бидеме искрени едноставно не дозволуваа пробивање на млади таленти. Освен тоа, во виртуелниот простор не постоеше ниту една слична идеја или можност, освен сам да си отвориш блог, па да си пишуваш за себе.

Електролит беше духовно дете на Бранко Прља, а спроведено во реалност од тимот на Темплум.

Во воведниот текст на Електролит пишуваше: „Целта ни е да прераснеме во голема архива на текстови која ќе функционира како некој контра/паралелен/виртуелен и динамичен литературен простор и да лансираме млади и неафирмирани, но моќни писателски катапулти кон големиот челичен писателски Титаник, замрзнат и заспан некаде на некоја Антарктадемија и да го распарчиме!“

Електролит згасна по две години, зад него остаа објавени две годишни книги со избор од наградените и подобрите раскази, архива на околу 1.000 раскази, но дали тој ја постигна својата мисија?

Како што посочува Дарин Англеловски од Институтот за Македонска Литература во текстот „Интернетот и литературата: Врз примерот на првиот македонски онлајн книжевен конкурс Електролит“:

„… помеѓу застапените автори, денес препознаваме веќе објавувани и наградувани имиња од помладата генерација македонски прозаисти: Ненад Јолдески, Петар Андоновски, Живко Грозданоски, Иван Шопов, Марта Маркоска, Алекс Букарски, Ирена Цветковиќ и др.“

Од Електролит останаа неколку броја на списанието „Маргина“ каде беа објавени најдобрите и две годишни книги на Електролит. Сите автори беа објавени онлајн (бесплатно достапно), а тие кои беа наградени и подобрите беа објавени во годишна книга.

Што се случува денес и дали Електролит има конкуренција? Се чини дека не. Во меѓувреме се појавија неколку онлајн конкурси кои функционираа во рамките на порталот Окно (екстензија на Точка, Темплум и горе-долу истата екипа собрана околу мецената на домашната алтернативна сцена, Коља).

Во контекстот на конкурстите и зошто Електролит беше нешто сосема поинакво, можеме да го спомнеме и изданието „Карантински приказни“, т.е. раскази настанати и инспирирани од карантинот, како пример за еден актуелен конкурс, или т.н. „предизвик“.

Restricted Area Authorized Personnel Only Wall Sign | 5S Today

Ни падна во очи една реченица од резултатот на предизвикот. „Издание во печатена форма, кое ќе биде гласник на хуманоста и во кое се собрани расказите на докажаните авторски имиња…“ Ова издание ќе биде испечатено и ќе се продава, додека другите (преќутно кажано недокажани автори) ќе бидат достапни бесплатно, ама само ако ја симнете апликацијата на издаваќката куќа!

Ова се чини како одлична стратегија за поттикнување на хуманоста кај луѓето, но и за промоција на издавачката куќа. Освен тоа, делењето на автори според „докажаност“, а не според квалитет на расказите на конкретна тема, се чини малку сомнително.

Електролит ги бираше само најдобрите, ги наградуваше, ги промовираше во печатени изданија, но сите автори беа бесплатно достапни онлајн без услови. Некои од имињата брзо станаа познати во алтернативната уметничка сцена во Македонија. Со текот на времето младите автори ги користеа овие нешта како дел од нивното портфолио (како „отскочна даска“ нели) и дел од нив се докажаа и во светот на фикусите, фотелјите, канцелариите на чии ѕидови некогаш имаше слика на Тито, а денес кој знае чија слика и прилика.

Токму во следниот текст сакаме да ви зборуваме за едно од тие неафирмирани имиња кои се застапени во втората засенета збирка на „Карантински приказни“, таа која е (не)достапна онлајн, а според нас заслужува внимание. Освен тоа се работи за автор кој пишува научна фантастика со оригинален пристап и одлично се вклопува во нашиот серијал текстови за уште една занемарена област – научната фантастика во Македонија.

Та-та-та-електротира!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *