Графит.мк, 2 години архива на СК/МК графити

Пред две години ја отворивме групата Графит.мк со едноставна, но амбициозна идеја: да ги документираме, архивираме и споделиме графитите од Скопје и Македонија. Она што на почетокот изгледаше како мала архива за љубителите на уличната култура, денес веќе е нешто многу поголемо: неформална база на податоци, визуелен дневник на градот и сведоштво за една сцена што со децении постои, а ретко кој систематски ја бележел.

Банерот на групата (фото: Зденко Петровски) кој прикажува еден од најпознатите Скопски графити (присутен и во еден расказ на нашиот познат писател Иван Шопов и македонски кандидат за Европската награда за литература за 2026 година)

Групата ја водат Бранко Прља, Го Це Тунт и Небојша Гелевски – Бане, а зад неа стојат стотици часови пешачење, фотографирање, пребарување, разговори, споредување, копање по архиви и обиди да се сочува нешто што по природа е минливо. Графитот денес е тука, утре е префарбан, срушен, заборавен. Токму затоа архивирањето не е споредна работа, туку суштинска.

Што направивме за овие две години?

1) Околу 2.250 објави во групата
Од првата годишнина до денес има уште околу 1.000 нови објави, што значи дека за две години групата стигна до бројка од околу 2.250 постови. Но, како и лани, тоа не значи 2.250 графити, а ќе видите зошто во точка 2 🙂

2) 6.000 фотографии од графити
До 25.03.2026 во групата пребројавме вкупно околу 6.000 фотографии на графити. Тука секоја фотографија е броена како еден графит, иако на многу од нив има цели ѕидови, многу графити, потписи, серија од тагови, ликови, парчиња или цели слоеви од различни генерации цртачи што живеат една до друга.

Пример за типична фотографија од групата Графит.мк. Наградно прашање: колку графити има на фотографијава? Има 4 големи парчиња и 20-30 помали графити, тагови (и чкртаници:) Можеби за некој ова е вандализам, но на фотографијава има неколку културно-археолошки слоеви битни за историјата на графитите кај нас. Имињата како UHC, CK, CPU, Iko и други се битни имиња за графити сцената во доцни 90-ти и рани 2000-ти години.

3) Континуирано ја надополнуваме „Мапата на графитите
Нашата отворена Мапа на графити и понатаму расте. До сега се мапирани околу 330 локации, најмногу низ Скопје. Секој пин на мапата означува една локација, но на секоја локација има многу повеќе графити.

4) На арно.мк објавивме 53 графити приказни
Во овие две години на арно.мк објавивме 53 графити приказни, во кои не само што споделувавме фотографии, туку се обидовме и да понудиме контекст, историја и читање на сцената. Пишувавме за ретро графитите од 1980-тите, за почетоците на домашната сцена во 1990-тите, за бумот од 2000-тите (во голема мера благодарение на цртачот NDRJ), за проширувањето на сцената во 2010-тите (со отворањето на Графити Шоп Хром), како и за новите генерации од 2020-тите до денес.

Еден од најпознатите графити во Скопје, фотографиран веднаш по неговото цртање, што оваа фотографија ја прави вреден архивистички документ (Фото: NDRJ, објавено за прв пат во групата Графит.мк)

5) Објавивме два броја од „ГРРФТ“ магазинот
Во 2025 година го објавивме и вториот број на „ГРРФТ“, првиот македонски магазин/фанзин за графити. „ГРРФТ“ е природно продолжение на она што го правиме во групата: од дигитална архива кон печатен артефакт.

6) Направивме интервјуа со важни имиња од сцената
Во изминатиот период направивме интервјуа со Хром, RASK, Вутар од ЕБСФ, Флим, Зипер, новата екипа од Кавадарци UNC, Зорк и Дамир Ујкановиќ. Преку овие разговори дојдовме до драгоцени информации за почетоците на сцената, за екипите, за локалните логики, за првите материјали, првите ѕидови и првите амбиции.

7) Го направивме првиот „Графити времеплов
Го изработивме и првиот „Графити времеплов“ – плакат за 30 години македонска улична уметност. Тоа беше проект зад кој стои цела година интензивно истражување. Информациите за графити сцената во Македонија се и понатаму скудни, расфрлани и тешко достапни.

Плакатот во целост можете да го видите тука!

8) Започнавме и нови графити-проекти
Во текот на втората година започнавме неколку нови линии на истражување поврзани со графитите:
графити во домашните филмови и визуелни медиуми
графити и возила
анимирани графити
графити врз напуштени градби

9) Ја објавивме книгата „Ѕидови што зборуваат: графити приказни од скопските улици“ од Берт Стајн
Со оваа книга, дел од архивата, теренските белешки, фотографиите и приказните добија и поцврста, трајна форма. Од објави и дигитални траги, графитите преминаа и во книга – како документ за еден град, една сцена и една визуелна меморија што предолго останувала на маргините.

10) Ја создадовме и првата оригинална Википедија статија за домашната графити сцена
Ова за нас беше особено важно. Бидејќи ако нешто не постои ниту во енциклопедиски формат, како да не постои ни во пошироката културна меморија. Со првата оригинална Википедија статија за домашната графити сцена, направивме уште еден чекор кон тоа графитите во Македонија да не останат само на ѕидовите, туку и во знаењето.


По две години веќе е јасно дека Графит.мк не е само група, туку долгорочен архивски проект. Во периодот што следи сакаме уште посистематски да ги мапираме графитите и надвор од Скопје, да откриваме стари траги од сцената, да разговараме со нови и стари цртачи, и да продолжиме да ја градиме оваа архива како отворена меморија на македонската улична уметност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *