Роботите како слуги или владетели? Кон делото „Реплика.мк“ на Бранко Прља

Веќе пишувавме за делото „Апокалипса.мк“ на авторот Бранко Прља. Споменавме дека делата на Бранко се делат на т.н. циклуси, најчесто трилогии од дела, па така и ова е прво од трите негови „дистописки“ или „научно-фантастични“ дела. Од причини кои ќе ви станат јасни понатаму, прво ќе започнеме со анализа на третото дело.

Романот Реплика.мк се занимава со темата на вештачка интелигенција, во едни одграничени и затворени услови и затоа можеме да кажеме дека се работи за дистописки роман, иако е воедно и еден научно-фантастичен роман за вештачката интелигенција. Сепак, не очекувајте да читате за летечки автомобили и напредни роботи зашто се работи за т.н. „лоуфај“ научна-фантастика каков што писателот Вилијам Гибсон го дефинираше неговиот стил на пишување, иако создаде еден сосема автентичен кибер-панк жанр во научно-фантастичната литература.

Вештачката интелигенција, како и дистопијата е интересна тематика во историјата на уметноста. Еден од првите примери на вештачка интелигенција во литературата е речиси пред 100 години во драмата на Карел Чапек наречена Р.У.Р. (Росумови Универзални Роботи), каде што за прв пат е искористен терминот „робот.“ Етимологијата е секако од чешкиот збор „робота“, што значи „принудна работа.“

Од самото значење на зборот е јасно зошто првите дела во оваа област од научната-фантастика се занимавале со етичноста на замената на човековото работење со роботи, како во филмот Master of the World (1934), или новелата With Folded Hands (1947) каде што раса на хуманоидни роботи му служат на човекот, но ја преземаат контролата врз секој аспект од неговиот живот.

Модерните теоретичари, инжењери, научници и истражувачи предупредуваат на опасноста од вештачката интелигенција, а помеѓу нив е можеби најпознат Илон Маск. Сепак ова не е нова тема и е присутна во уметноста поврзана со вештачката интелигенција уште од почетоците. Се работи за т.н. Франкејнштајн комплекс во кој „роботот“ се свртува против својот создател.


Модерните теоретичари, инжењери, научници и истражувачи предупредуваат на опасноста од вештачката интелигенција, а помеѓу нив е можеби најпознат Илон Маск. Сепак ова не е нова тема и е присутна во уметноста поврзана со вештачката интелигенција уште од почетоците. Се работи за т.н. Франкејнштајн комплекс во кој „роботот“ се свртува против својот создател.

Филмот Metropolis (1927) повторно предничи и во овој жанр, како и во дистопискиот, иако критичарите ја нарекувале неговата приказна премногу едноставна и наивна (вклучително и големиот H. G. Wells). Заедно со Master of the World кој веќе го споменавме, овие се рани примери на научно-фантастичниот со тематика за вештачката интелигенција кој произлегол од Европа.

The Day the Earth Stood Still (1951, 2008) ја означува американската доминација на филмови од овој жанр кои се бројни. Тука се вбројуваат класиците како Blade Runner и Blade Runner 2049, RoboCop, The Terminator, The Matrix, I, Robot, Total Recall, A.I. Artificial Intelligence или помодерните и понеобични Chappie, Ex Machina, Automata или Her. Листата е долга и секако нема да ги наброиме сите филмови, а како некоја прелиминарна листа за истржување на овој жанр може да послужи ова.

Денес се соочуваме со нови предизвици кои можеби ни научната фантастика не можела да ги предвиди. Вештачката интелигенција денес работи за Амазон, а во слободно време компонира музика. Првиот роман напишан од В.И. е веќе реалност и иако не е совршен, зборува за потенцијалот на оваа технологија која веќе вешто пишува статии и вести. Иднината е на повидок.


Во делото на Бранко Прља, на сличен начин како во многу класични дела од жанрот научна фантастика со тематика за вештачка интелигенција, роботите се однесуваат како луѓе, живеат во Реплицирана Македонија и всушност голем дел од нив не се свесни дека се роботи. Се разбира еден дел, тие кои се задолжени за контрола на системот, знаат што се и се обидуваат да живеат со тоа сознание како што знаат и умеат. Нивните дилеми и секојдневни превирања се многу слични на нашите, тие му служат на еден систем, но водат внатрешна борба во која не можат да решат дали се само програмирани или имаат слобода на избор. Што е уште полошо, не се сигурни дали слободата на избор е само програмирана во нив.

Во една таква состојба го наоѓаме главниот лик кој  се обидува да му даде смисол на сопствениот живот и на тој пат открива група луѓе кои живеат скриено во рудникот Алшар, користејќи ја енергијата на мистичниот минерал Лорандит, и планираат да ја вратат власта на луѓето на земјата. Но, во тоа ќе им треба помошта на андроидот со добро срце (како што го дефинира самиот автор). 

Дали нивната револуција ќе успее останува да дознаете од самото дело со непредвидлив крај кој отвора една сосема нова диманзија и нѐ води во сферата на интерактивна литература со повеќе краеви или потенцијално отвора нови дејствија. Ова според мое сознание е прво такво дело во македонската литература, а воедно и прво дело со вештачка интелигенција како примарна тема. Барем така се рекламира самото. 

Делото се случува во 2099 година, а опфаќа еден период од 2050-тите до крајот на 21 век, додека првото дело се случуваше од 2021 до 2043 година. Што се случило во периодот кој недостасува и како тој ги поврзува двете навидум неповрзани приказни останува да дознаете во следниот текст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.