„Локи“ – нова серија од Марвел, вистинска „американа“ со кафкијански елементи

Новата серија „Локи“ е визуелно возбудлива, интересна приказна која воведува нови елементи во универзумот на „Марвел“. Сепак, нема да зборуваме за заплетот и воведувањето на „Чуварите на текот на времето“, туку за ретро елементите во визуелниот стил и двигателите на дејствието.

Се чини дека Марвел почна да експериментира со таа идеја во Ванда Вижн (WandaVision), иако дејствието таму се случува во различни декади од 1950-тите до раните 2000-ти во САД и ја презема естетиката од нив, заедно со „омажот“ на омилените американски серии од тие периоди.

Од нашите СФ писатели оваа идеја е присутна кај Бранко Прља во неговото дело „Реплика.мк“ (2018). Авторот се поигрува со различните временски рамки и периоди во приказната, на пр. раната транзиција од 1990-ти во Скопје и (Реплицирана) Македонија и го сместува главниот лик во кафкијанските лавиринти на бирократијата од тоа време. Тој е андроид-супервизор, чија улога е да наоѓа „багови“ во системот, но во духот на Blade Runner, на крајот дознава дека тој самиот ќе доведе до рушење (ресетирање) на системот.

На неговиот пат тој ќе се сретне со Градителите на неговиот универзум, кодери кои ги обликувале репликантите според нивниот лик и автори на „надпрограмот“. Главниот лик е збунет и од нивната анахроност, од нивните „комуњарски“ канцеларии со ентериер „од седумдесеттите со дрвени фотелји тапацирани со евтин и веќе излижан материјал, една клуб-масичка со расклатени нозе и задолжитените фикуси и други растенија распоредени во големи саксии по крај ѕидовите.“ Авторот понатаму раскажува:


„Градителите тука ја кроеја реалноста каква што ја познаваме. (…) Се наоѓавме во просторија не поголема од три на пет метри, обложена со ламперија по ѕидовите покрај кои имаше неколку шкафови. На предната страна имаше мал телевизор и на него одеа вести, а централниот дел од просторијата го зафаќаше една голема маса на која беа расфрлани хартии, класери, неколку мапи и карти. Над масата стоеше еден човек, а друг седеше на странична импровизирана масичка над машина за чукање. Не знаев дали некој си поигрува со мене или сонувам, но сцената на која присуствував беше далеку од сите мои очекувања. (…) Двајцата луѓе во години со побелени бради ме набљудуваа. Бев во недоумица дали да се претставам или да ги чекам да проговорат нешто. И двајцата беа прилично загоени и имаа по малку запуштен изглед. Од некаде се слушна звук на пуштање вода и набрзо вратата повторно се отвори и влезе уште еден постар човек, сличен на другите двајца, но поситен и позаоблен и, за моја среќа, малку повесел и зборлест.

„Е, момче, стигна,“ рече срдечно, се насмевна и ми пружи рака. „Јас сум Градителот.“


Се разбира, користењето на ваква естетика во филмот или двигатели на дејствие кога станува збор за литературата не е ново, од „Процес“ на Кафка, преку филмот „Бразил“ на „петтиот монтипајтоновец“ Тери Гилијам како пример, но тоа е веќе друга тема.

Оваа сцена од нашата „Транзицијана“ неодоливо потсеќа на многуте сцени од „Американа“ од 1950-тите во кои ќе се најде Локи во новата серија која по само една епизода изгледа ветувачки. Дали ќе ја повтори инвентивноста, референците кон популарната култура и необичноста на „Ванда Вижн“, останува да видиме.

One thought on “„Локи“ – нова серија од Марвел, вистинска „американа“ со кафкијански елементи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *