Како да се намали загадувањето на воздухот? Просто како 1-2-3!

За да се намали загадувањето на воздухот потребни се три чекори: намалување на загадувањето од домаќинствата, сообраќајот и индустријата, но како да се направи тоа?

1) Намалување на загадувањето од домаќинствата:

Според студиите старите печки на дрва кои најмногу се користат кај нас се голем извор на загадување, поради неефикасно согорување на дрвата. Потребно е тие да се заменат (со субвенциите се обезбедува истото, но не се враќа голем дел од парите и се бара од граѓаните првично сами да платат, што е голема инвестиција). Затоа е потребно:

  1. Реални субвенции за печки на пелети,  при што парите за субвенциите би се давале однапред како ваучери, а граѓанинот да ја доплати само разликата. Ова е потребно зашто ретко кој има однапред да даде 1.000 евра за нова печка.
  2. Цените на пелетите доживеаја голем пораст и се поголеми дури и од европските (со 5-10 пати помали плати кај нас) и граѓаните се демотивирани да вложуваат во нив. Постои големо незадоволство. Државата мора да даде гарант дека цената на пелетите нема да биде повисока од 3 евра за 15 кг на А1 квалитет. Ова може да го направи со купување на големо и дампинг на цената заради балансирање на пазарот.
  3. ДДВ за пелети и печки за пелети од 5% да се намали на 0%!
  4. Таргетиран пристап за добивка на субвенциите (ваучерите), на пример да се почне од населбата Лисиче, како најзагадена во МК со големо присуство на куќи. Потребно е и да се изврши директен увид и посета на домаќинствата, на принципот на попис, наречете го Еко-попис!
  5. Реален мониторинг на квалитетот при увоз на пелетите и казни за тие кои продаваат неквалитетни пелети со лажна декларација.
  6. Субвенции за инвертори да се даваат однапред како ваучери. Субвенциите да се даваат првенствено на граѓани од најзагадените места од Државата.
  7. 0% ДДВ за инвертори
  8. Поволни реални каматни стапки за купување на инвертори на рати.
  9. Стимулација за користење на лед светилки, дестимулација за користење на обичните светилки со плаќање на дополнителна еко такса.

Намалување на загадувањето од сообраќајот и транспортот:

Во нашата средина се возат многу стари и неиспитани возила, техничките прегледи се формалност, а на дизел возилата кои најмногу загадуваат се вадат филтерите заради помала потрошувачка на гориво. Потребно е да се овозможи:

  1. Бесплатен А-тест за коли на плин
  2. Реална проверка на издувните гасови на возилата при технички преглед. Контрола на фирмите кои прават технички преглед и да бидат материјално казнети доколку пропуштаат возила без реално да ги поминат тестовите.
  3. Забрана за увоз автомобили на дизел.
  4. Заменување на семафорите со кружни текови на повеќе локации во Скопје/Македонија. Кружните текови овозможуваат постојано и непречено одвивање на сообраќајот без непотребно задржување.

Намалување на загадувањето од индустријата:

Одамна се шпекулира за недоволните контроли на фабриките, за загаденоста околу нив, но реално не постојат мерила да го потврдат ова. Затоа е потребно:

  1. Поставување на евтини сензори за мерење на издувните гасови од секој оџак кој загадува (мерењата се транспарентни и достапни за сите и во реално време)
  2. Евтини сензори за мерење на аерозагадувањето околу периметарот на секоја фабрика
  3. Повеќе еко-инспектори

Зошто ги предложуваме овие чекори?

Нереално е дека преку ноќ ќе станеме Холандија и сите ќе возиме велосипеди и електрични коли. Не се работи само на недостаток на велосипедска инфраструктура, реално „балканчето“ се плаши од промаја и ладно за да „не настине“.

Во зима практично и да нема велосипедисти. Луѓето на Балканот уште не сфатиле дека ладното го подобрува имунитетот – гуглај „Вим Хоф“!

Зошто пелети? Пелетите не се идеални, но загадуваат 23 пати помалку од стара печка на дрва. Секако најдобро би било старата печка да се замени со инвертор т.е топлотна пумпа, но конфигурацијата на домот не секогаш го дозволува тоа. Пример од парно на дрва се прави парно на пелети. 

Зошто инвертор? Инверорот троши 3 до 4 пати помалку струја од греалка или термо печка. Кој не сака да плати 4 пати помалку струја!

Зошто лед светилки? Бидејки трошат 8 до 10 пати помалку струја од обичните светилки. Плус квалитетните лед сијалици може да траат со години додека обичните класични сијалици траат само неколку месеци. Ама бидејќи „сиромавиот два пати плаќа“ луѓето и понатаму ги купуваат. Затоа предлагаме еко-такса за обичните класични сијалици.

Зошто намалено загадување од автомобили? Имаме премногу дизел автомобили на кои очајно им треба ремонт! Филтри постојат, ама се скапи, плус сите намерно ги вадат за да им „влече повеќе“. Треба да се фаворизираат автомобилите на плин. Сите ги знаеме „дизелашите“ по нашите улици и патишта после кои човек може да се задуши! Се прашуваме како е ова легално? Како го пуштиле на технички преглед!? Не бараме од утре сите коли да имаат ЕВРО5 стандард ама барем „крнтиите“ да се тргнат од улиците!

До кога ќе викаме луѓето немаат пари, а сите го плаќаме двојно со нашето здравје!

Зошто контрола на индустријата? Едно научивме сите, не треба да и веруваме на индустријата – треба реални транспарентни мерења (мерачи на ПМ честички во околина на индустриски објекти) во реално време. Државата не сака да помогне? Помогнете си сами! Пишувавме и за ова.

Ако се воведат овие измени веруваме дека на сите ќе ни биде подобро, и – во духот на рекламата за „Бронхи бонбоните“ – полесно ќе дишеме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *