А да ги прашавте наставниците што мислат?

Деновиве се донесуваат одлуки за онлајн наставата, за нејзините исклучоци, за правата на родителите и на училиштата, но што е со правата на наставниците? Дали нив некој им дава право на избор и зошто се инсистира толку да бидат присутни во училниците, под стрес и под маски, со слаб интернет (за кој нема да има дополнителни инвестиции од надлежните, а училиштата ќе бидат оставени сами да се снаоѓаат) и во затворени простории?

Се споменува и случај доколку нема услови за стриминг. Часот ќе се снима, како? Ќе има камерман кој ќе ги следи наставниците и ќе се погрижи се што предаваат тие да биде добро видливо, па дури и тоа што го пишуваат на табла, или да се слуша добро за сите? Се разбира не, одговорот е овој: „Во однос на техничката реализација на часовите, задолжени ќе бидат училиштата. Наставниците ќе ја реализираат наставата со службените лаптопи, а ако има потреба некаде, ќе инвестира училиштето. МОН не планира капитална инвестиција за техничка опременост на училниците.“ Тоа значи дека ако часот не чини крив е лаптопот на наставникот со кој тој истовремено, носејќи маска, ќе се шета и ќе се снима, или да се откаже од пишувањето на табла? Можеби да пишува на лаптопот, па да го врти тоа што го напишал и кон тие ученици кое се дома пред компјутерите? На ваков начин никој нема да добие квалитетна настава, ни тие во училиште, ни тие дома.


Израснат сум во време во кое се почитуваа наставниците и професорите. Ако ни велеа нешто, ние ги слушавме, иако бевме млади и бунтовни. Но, најважно од се, бевме свесни за трудот кој го вложуваат за ние да добиеме правилно образование и да направат луѓе од нас. Се разбира има секакви професори, не сите се добри, но кој ја избере таа професија значи дека решил својот живот да го посвети на другите.

Giving — Fleet Baptist Church

Во денешно време, за жал, тоа се разбира буквално и наставниците се сметаат за слуги на еден несовршен едукативен систем, како и на нељубезни и неблагодарни родители. Денес се смета дека наставниците секогаш треба да бидат подготвени без приговор да одговорат на барањата на овие два ентитети кои лебдат над нив како темен облак. Јас велам – не треба да биде така!

Постоеше време кога наставниците беа третирани со почит и имаа цело лето вистински одмор, зашто системот знаеше колку е стресна и напорна нивната професија. Да застанеш пред 30-тина деца и да предаваш треба да бидеш експерт во психологија на толпата која понекогаш знае да биде сурова, како да е „извадена“ од книгите на францускиот социолог Гистав ле Бон.

Во едно друго време, родителот не одеше на родителска средба да се жали од наставникот, туку да добие информации за поведението и оценките на неговото дете. И во случај наставникот да се пожали на неговото дете кое станува сред час, не слуша и не реагира на опомени, родителот не коментираше надмено и незаинтересирано: „Тоа е Ваш проблем, а не мој!“, како што е чест случај денес.

Денес живееме во време кога се чини дека на наставниците се гледа како на безработници кои треба да бидат казнети и по секоја цена да одат на работа (дури и во празни училници). Никој не се прашува какво образование ќе добијат децата во тие услови, туку тоа се смета за „дифолт“. Се бара комбинирана настава или настава за деца на тие родители кои сами решиле нивните деца да одат на настава, како наставниците да немаат никаков удел или право на избор во целиот процес. Тоа понекогаш наликува на некоја лична одмазда кон тие наставници кои претходно не се снашле најдобро со онлајн наставата. Според мене – тоа не е во ред!

Во САД наставниците се оставени без избор и веќе даваат отказ, а се става под знак прашање и целата професија која веќе се смета за поризична од таа на докторите, а прогнозите одат до таму што се предвидува егзодус на наставниците!

Можеби треба да се замислиме кога бараме право на образование, дека истите кои го овозможуваат тоа право на нашите деца, се токму наставниците! Затоа треба да се прогласи универзална онлајн настава за сите од дома, каде совесно, без страв, без маски, во правилна атмосфера, со добра организација децата и наставниците ќе се посветат на образованието. Само со таква одлука ќе изградиме подобро образование какво сите го заслужуваат.

Се додека образованието не е еднакво и унифицирано за сите, нема да биде квалитетно за никој!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *