Ставот „на наставничките местото им е во училница“ во време на пандемија е шовинистички колку и изјавата „на жената местото ѝ е во кујна!“

Училницата не е безбедно место за никој, ниту за децата, ниту за наставниците, и наставата треба да се одвива онлајн – од дома! Од училница ќе добиеме само зараза, а квалитетот на наставата ќе биде лош. Слаб интернет во училниците, скратени часови под маски кои никој нема да ги разбере, невозможност за истовремено предавање на физички присутни и тие пред компјутер се само дел од причините кои ќе ја направат оваа настава неквалитетна и во многу случаи неизводлива! Кој ќе биде виновен – наставниците, се разбира.

По нашите медиуми се кршат копјата околу тоа дали и како од септември децата треба да тргнат на училиште. При тоа забораваме дека на многу места во светот каде што се воведе класична настава, независно од протоколите, истата наскоро беше прекината.

По социјалните медими се појавија извесни објави кои укажуваат на тоа дека МОН го следи Фејсбук за совети и почна да ги вметнува во сопствените предлози за начините на кои треба да се одвива наставата од први (пардон петнаесетти) септември.

Како пример, некои од предлозите пренесени тука, се сретнуваат и во предлогот на заменик министерката на МОН.

Со сета почит кон авторот на постовите на Фејсбук, кој во минатото имаше многу совесни изјави за одговорноста на граѓаните едни кон други, последните предлози не одговараат со реалната состојба на терен, поточно во училиштата во Македонија.

Таму се предлагаат работи кои се чинат многу едноставни, а всушност бараат огромни инвестиции. На пример „сите наставници одат на работа и од својата училница да држат регуларна настава во траење од 30 минути, која учениците ЗАДОЛЖИТЕЛНО ја следат онлајн и активно учествуваат во неа.“

Emmett Shear: What streaming means for the future of entertainment | TED  Talk

Се гледа дека ваквите предлози потекнуваат од индивидуи кои долго време не стапнале во ниту една училница. Нашите училишта имаат субстандарден интернет и познато е дека наставниците по училиштата користат сопствен интернет од мобилните телефони. За обезбедување на училниците со брз интернет се потребни огромни инвестиции за кои нема средства, ниту време. Освен тоа, што ќе научат децата (онлајн) на скратените часови од 30 минути без активно да учествуваат во наставата? Дали треба да зборуваме и за греењето во училиштата кое треба да работи само за наставничките?

Исто така, со предлозите како „сите ученици кои немаат можност за следење на наставата преку електронски пат, присуствуваат физички на наставата,“ независно од прашањето дека така повторно се ризикува здравјето на тие ученици и наставниците, се поставува прашањето како наставниците ќе држат истовремено настава за тие кои се физички присутни и за тие кои се онлајн?

Еве да замислиме такво сценарио и да се запрашаме како една наставничка ќе се обраќа на деца пред компјутер од дома, ќе биде статична и во кадар, воедно разбирлива за тие кои следат онлајн, а истовремено (да не заборавиме додека носи маска) ќе ја слушне и дете од последната клупа. Ако треба да напише нешто на табла ќе го носи компјутерот со неа или ќе пишува на компјутер за тие од дома, па ќе го врти за тие во училницата. Или се замислува настава со камера која ќе ја следат сите истовремено? Во ред, тогаш ќе треба камера со висока резолуција и воедно професионален микрофон, каков што користат за онлајн стриминг на подкасти и предавања, зашто инаку никој нема ниту да види, ниту да чуе ништо. Таква опрема чини многу и истото е практично неизводливо!

Истите предлози споменуваат и „во сите рурални и градски средини, каде индексот на контаминираност е низок или го нема да се одвива регуларна настава.“ Се поставува прашањето кој ќе одлучува за ова и како ќе се следи состојбата? Зарем превенцијата не е прв столб на медицината? Предлогот е да се отворат училиштата каде што нема заразени, за потоа (како што видовме во многу случаи во САД) веднаш да се затворат поради појавата на позитивни случаи. Како се планира да се спроведе сето ова практично никој не знае и децата така стануваат предмет на експеримент. Освен тоа, децата, колку и да се, ќе треба да користат јавен превоз за да стигнат во училиштата, што е дополнителен ризик за нив и за наставниците, а преку нив и за другите ученици, наставници и целата популација. А што е со тие кои ќе бидат сместени по интернатите? Повторно нерешливи прашања.

Дали е во ред во име на образовниот процес децата и наставниците да се изложат на ризик? Што кога некој наставник ќе се разболи и што ако има фатални последици? Дали треба некој да снесува одговорност или оваа професија треба да се прогласи за високо-ризична и платите на наставниците да се изедначат со тие на докторите?

Doctors vs. teachers: Who's getting better treatment from the Ontario  government? | TVO.org

Во вториот линк кој е посочен на почетокот на овој текст, се истакнува ставот на заменик министерката на МОН која предлага да се учи „онлајн, освен во оние училишта каде што има доволно простор настава во исто време да следат и деца од повисоките одделенија.“ Со ова се отвора пандорината кутија на прашањата „Кој ќе решава во врска со ова? Дали МОН ќе изврши инспекција на сите училишта во последен момент, или самите директори ќе решаваат за опременоста на нивното училиште и за безбедноста на наставниот кадар и на учениците?“ Кој е виновен ако некој настрада? Директорот на училиштето, советот на родители, самите родители, наставниците, или можеби децата? Прашањава се доведени до ниво на апсурдност, каков што впрочем е и самиот предлог.

Во однос на изјавата дека е „најдобро учебната година да започне околу 15 септември, зашто многу нешта зависат од политичката состојба во државата“ мора да се потенцира дека што повеќе се доближуваме до есента, тоа условите ќе бидат полоши. Со заминувањето на летото (читај: витаминот Д) и настапувањето на ладниот и загаден воздух од кој страдаат и здрави, како и враќањето на сезонските грипови, целата настава ќе биде под постојана закана, ќе има многу отсуства и пореметување на и така лошиот модел.

Понатаму, заменик министерката на МОН предлага „Ако паралелката е со поголем број деца, тогаш децата би биле поделени во две групи. Наставникот прво би ги одржувал часовите со едната група, а потоа и со другата. Пред да дојде во училница втората група ученици, работните простории и целата училница ќе се дезинфицираат.“ Тоа се чини сосема нереалистично и неостварливо. Како ќе се изведе ова практично? Тоа значи дека наставникот треба да одржи двоен број на часови (12 наместо 6, секој ден, да речеме), што дури и со скратената настава е невозможно. Тоа ќе ги доведе наставниците до исцрпеност и ослабување на имуниот систем што ќе ги направи уште поранливи.

Особено е сомнителна изјавата, пренесена од Мета.мк „Според Наумовска, сепак се предлага децата да имаат голем одмор, иако ризикот за ширење на заразата е најголем внатре, во ходниците и во училишните дворови, каде што децата се мешаат. Но, Наумовска вели дека наставниците ќе имаат контрола врз ситуацијата и дека нема да го дозволат тоа“ која го потврдува ставот дека се работи за индивидуи кои никогаш не работеле со деца. Наставниците имаат проблем да ги натераат децата да носат тетратки на училиште, а не маски или да трчаат по нив како полицајци кои ќе викаат „Дистанца!“ Секој знае дека ова е практично неостварливо.

За крај би ја пренеле само изјавата од истиот медиум дека „Наумовска вели дека национална платформа за работа од дома нема да има, туку на ниво на училиште (наставнички совет) ќе се избере платформа за учење која е најприфатлива за наставниците.“ Ова е една од најсомнителните изјави и зборува за тотална неподготвеност на МОН за предизвиците на онлајн наставата (која ќе се покаже како неминовна) и целата топка се префрлува на училиштата и наставниците да се снаоѓаат сами, што се разбира нема да функционира добро, пардон – ќе функционира лошо!

Останатиот дел од текстот и изјавите на заменик министерката на МОН е фокусиран на оценувањето, како тоа да е најбитно нешто во целата борба со опасноста од пандемијата. Да бидеме реални, сите знаеме дека оценките на нашите ученици се незаслужени, а тоа го потврдуваат и меѓународните истражувања. Една година нема ни да се забележи во децениите нереално оценување.

Можеме да заклучиме дека МОН е сосема неподготвено за предизвиците од кој било модел на настава, допрва се опремуваат училниците, а со што и да ги опремат нема да биде доволно, нема национална платформа за работа од дома, па ете, како наједноставно решение е да ги фрлиме наставничките во училниците по секоја цена, па што биде! Тие и така ја сносат одговорноста за наставата која ќе биде со слаб квалитет и ќе ги изложи на ризик.

Unqualified teachers: Honestly, we can't blame them – Wetinhappen.com.ng

Тие кои ги предлагаат овие модели покажуваат основно непознавање на образовниот процес, а за жал го водат! Има толку многу непознати во сите овие равенки кои се форсираат затоа што многу од луѓето мислат дека наставниците се „легачат“ по дома и дека треба да ги пикнеме таму каде што припаѓаат – во училниците! Тоа е еден таков шовинизам кој се граничи со изјавата дека „на жената ѝ е местото во кујната.“

Наместо да им обезбедат услови на сите да предаваат/учат од сигурноста на домот, сега се предлагаат модели на комбинирана настава која нема да биде ни квалитетна, ниту безбедна, а прашање е дали воопшто ќе биде возможна.

За тие кои немаат технички помагала (според проценките на МОН се работи за 3.000 ученици) во групата „Дај, не фрлај“ со 44.000 членови веќе се подаруваат компјутери и технички помагала за следење на онлајн настава, и вакви акции постојат и на други места. Се разбира, на тие ученици и државните институции, како и приватните компании преку донации, треба да им помогнат со овозможување на интернет и технички средства за онлајн настава, а тоа ќе бидат многу помали инвестиции отколку да се опремат СИТЕ училници!

Уште еднаш потенцираме дека единственото решение за здравјето и добросостојбата на сите, учениците, наставниците, родителите и целата популација е онлајн настава за сите – за сите деца и сите наставници!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *