Училиштата не ги бива, ама според Мајкл Мур тоа не е единствениот проблем во Македонија

Мајкл Мур го сакам и почитувам уште од 1990-тите. Неговите филмови откриваат значајни проблеми во американското општество, а верувам дека потекнуваат од идеја за подобрување на истото и љубовта кон сопствената татковина.

Овој светски познат режисер неодамна напиша една објава на twitter и на Facebook во кој ја спомнува нашата земја. Нашиве портали кои паѓаат во несвест што ја споменал Македонија, би требало да го препрочитаат уште еднаш со посебно внимание на зборовите:

„…нема карантин, нема тестирање, нема виза, нема ништо!“

Зарем треба да се гордееме со такви нешта кои се една од причините за големите бројки заболени кај нас? Дали сме ние „мека на слободата“ и на граѓанските права или сме само една заостаната земја без никаков ред? Дали кај нас се игра со животите на луѓето само за економски или политички цели?

Навистина, по тоа не се разликуваме многу од САД, како што ќе дознаете од филмовите на Мајкл Мур во кој се покажуваат лавиринтите на здравствениот систем, играњето со добросостојбата и здравјето на граѓаните, уништувањето на образовниот систем.

Не, драги мои, образовниот систем не е уништен кога настапи пандемијата и нашите училишта се затворија, а децата во удобноста и сигурноста на домот ги совладуваа училишните задачи, а наставниците им беа достапни во секое време од денот и вечерта. Нашиот образовен систем е уништен одамна, со воведувањето на т.н. Кембриџ (кој патем речено нема никаква врска со познатиот универзитет), со лошите учебници од кои не може да се научи ништо, а истите подразбираат користење на опрема која нашите училишта ја немаат. Екстерните тестирања, таа глупост без преседан не е ни вредна за споменување, но е вредна за ставање во равенката која значи експериментирање со учениците.

Како што сведочат многу членови на групата „ПОДДРШКА ЗА ОНЛАЈН НАСТАВА ВО УЧЕБНАТА 2020/2021 година“ нашите школи се застарени, дури и новите градени со неквалитетни градежни материјали, смрдат на влага и канализација, прокиснуваат, санитарните чворови (ако ги имаат) протекуваат, а училниците и потребите на учениците ги подмируваат самите родители – од прочистувачи на воздух, до клима уреди, преку тоалет хартија или сапуни. Нашите училишта и образовниот систем бараат комплетна реформа и особено сега не е време да ги вратиме децата во училиштата.

Сега треба да ги заштитиме од опасност која можат, несакајќи, да ја рашират насекаде, во целата држава. Не можеме да зборуваме за образование и за писменост на деца под маски, со скратени часови на кои нема да научат ништо. Не можеме да зборуваме за социјализација на дистанца, страв едни од други и од наставниците, кои взаемно ќе се плашат од тие на кои треба да им пренесат знаење. Не можеме да им ветиме на вработените родители кога и колку ќе бидат ослободени од работа во случај на зараза или затворање на училиштата. Но, пред се, не можеме да им ветиме право на живот на сите, ако свесно го ризикуваме нивното здравје.

Мајкл Мур ќе не заборави за брзо време, со целата наша „…нема карантин, нема тестирања, нема изолација, нема ништо!“ филозофија која и не донесе до ова дереџе, а ние ќе останеме да живееме со нашите проблеми.

Науката одамна кажала – затворените простории со слаб проток на воздух и многу луѓе во нив се рецепт за ширење на заразите, а со затворањето на училиштата државите се справувале со епидемии од памтивек!

За сите овие нерешливи проблеми постои едно решение – онлајн настава!

One thought on “Училиштата не ги бива, ама според Мајкл Мур тоа не е единствениот проблем во Македонија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *