Образованието денес е како рашрафената кола на Мамли!

Кој вели дека само кај нас работите во образованието се хаотични? Пред да донесат одлука за онлајн настава (со одредени, многу, некои!??) исклучоци, изјавите на МОН, СОНК, комисијата за заразни болести, министерот/заменичката на МОН беа рашрафени и пред распаѓање, како колата на Мамли од некогаш популарниот цртан филм The Mumbly Cartoon Show.

И во САД* работата не е баш најсјајна! Според Futurism.com, американските колеџи ги повикуваат јавно нивните ученици да се вратат на настава, а истовремено ги ограничуваат часовите со физичко присуство и им кажуваат на учениците да се изолираат во нивните соби! Можеби (поточно сигурно), причината е во појавување на многу кластери (еден од омилените зборови на денешнината!) на заразени насекаде по колеџите во САД и како последица на тоа стотици ученици завршија во карантин.

Потоа два познати универзитети, University of Notre Dame (поради 146 студенти позитивни на Ковид-19 на осмиот ден од почетокот на семестарот) и Michigan State University известија дека се префрлуваат на онлајн настава!

Бројот на примерите се многу и веќе не можат да се игнорираат. Овие приватни колеџи, сепак, зависат од школарините кои ги плаќаат студентите и се приморани да работат, прашањето е: зошто некои земји ги отвораат државните училишта, макар и со протоколи!? Ова прашање е комплексно и подразбира мешавина од социјални, економски, образовни и, искрено, нездраворазумски причини, кои на долго и на широко веќе ги обработивме на нашиот портал и заклучивме дека ризикот и цената на отворањето на училиштата се прескапи!

Кај нас се уште се дефинираат работите во врска со тоа кој, каде, зошто, колку и како ќе учи, но ако го следиме разумот и сакаме да ги заштитиме луѓето (децата, родителите, наставниците, бабите и дедовците, ризичните и целата популација) одговорот е едноставен:

Онлајн настава од дома за сите деца и за сите наставници!


* Ако паралелата со САД не ви се допаѓа, зашто се работи за една дијаметрално спротивна земја со нашата, прочитајте го нашиот текст „Училиштата не ги бива, ама според Мајкл Мур тоа не е единствениот проблем во Македонија“. Паралелата не е случајна, штом и Мајкл Мур ни оддаде признание како една од ретките земји кои се толку гостопримливи кон Американците, па ги примаат без услови за тест, карантин, виза и без никакви други услови! И нашето образование и здравство, како и нивното, според меѓународни испитувања, е прилично лошо!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *