Што можеме да научиме од Италија за ковид-19?

Живеам во Верона, град од регионот Венето во северна Италија.

Верона има вкупно 5.110 случаи од ковид-19, што е најмногу во целиот регион Венето. Но, интересно е да се посочи дека веќе две недели има 0-2 новозаболени случаи и активно болни се само 155 луѓе.

Мора да се спомене дека регионот Венето заедно со Ломбардија беше прв по бројот на случаи, а бројот на вкупни случаи е речиси 20.000. Прашањето е како во Венето, регион од 5 милиони жители, денес има само 1 нов случај на ковид-19 дневно?

Што направи Венето да ја симне бројката на практично 0 нови случаи? Одговорот е лесен.

Тестирање, тестирање, тестирање. Во Венето се правеа многу повеќе тестирања од другите региони во Италија. Но, тоа не беше доволно, па беа купени дополнителни машини за тестирање со капацитет од речиси 10.000 тестови дневно.

Тестирањето е тајната состојка!

Италија прави 40.000 до 60.000 тестови секојдневно. Македонија прави 800 до 1.200 тестови дневно.

Следејќи го италијанскиот модел, огромен број тестирања направија и Шпанија, Франција, Германија и Велика Британија. И не случајно бројките се минимални во сите овие земји.

Зошто тестирањето е толку битно?

Бидејќи во корен се спречува ширењето на болеста. Мора да се знае реалната ситуација на терен, а тоа е единствено можно преку тестирање. Особено на работни места каде што луѓето се во постојан контакт и во затворени простории, а таму ризикот е најголем. Со голем број тестови може веднаш да се изолираат сите индивидуи кои го носат вирусот, а не знаат, со што се спречува ширењето на вирусот. Подобро да се спречи, отколку да се лечи, нели?

Зошто една држава не би правела тестови? Одговорот е едноставен – за да заштеди пари. Но, секој заштеден денар на тестови се плаќа со камата, бидејќи вирусот се шири како пожар и ги оштетува сите работни капацитети на државата, вклучително и индустријата, поради што трпи економскиот сектор, а да не зборуваме за човечките жртви.

Ако мислите дека тука, во Италија, луѓето повеќе ги почитуваат мерките, се лажете. Сите луѓе сакаат да се дружат и да комуницираат. Сѐ додека не се најде вакцина, тестирањето останува единственото ефикасно решение за ситуацијата.

Ако ве интересира повеќе, машината за која зборуваме се вика Echo 525 со капацитет од 9.000 тестови дневно и во Италија чини околу 400.000 евра, а троши 4 пати помалку реагенси од стандардните. Цената можеби изгледа голема, но таа е многу помала од долгорочните последици по економијата, стабилноста и животот на луѓето во една земја.

4 thoughts on “Што можеме да научиме од Италија за ковид-19?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *