Поврзаноста помеѓу пчелите и човекот

Пчелите се едни од најпроучуваните инсекти, се разбира поради единствениот производ кој некој инсект го создава, а човекот може да го користи во исхраната – медот. Во последните години во светот, а во нашата средина особено по документарниот филм „Медена земја“ кој освои голем број награди на реномирани филмски фестивали ширум светот, станавме свесни за значењето на пчелите. Се разбира, тие не се само значајни за луѓето кои живеат од нив, туку и за целиот жив свет и биодиверзитет во една средина и пошироко.

Oдредени извори тврдат дека пчeлите се одговорни за една третина од целата храна во светот. Поедноставено кажано: пчелите ги опрашуваат растенијата, а тие ги хранат животните, а со нив се храни човекот. Всушност, некои истражувачи сметаат дека без пчелите и ние би изумреле. Тоа е совршен пример за значењето на биодиверзитетот и меѓународниот ден на биодиверзитетот (22 мај) можеби е случајно толку блиску до светскиот ден на пчелите (20 мај), но сепак можеби и не.

Но, што ако пчелите навистина изумрат? Токму тоа се случува денес со т.н. синдром на исчезнување на пчелите (Colony Collapse Disorder, CCD). Цели колонии и милијарди пчели исчезнуваат и проблемот е што никој не знае зошто се случува тоа. Како причинители се наведуваат климатските промени, монокултурите и претераната употреба на пестицидите или намалувањето на шумите.

Во текстот „Пчелите изумираат!“ на порталот Арно се спомeнува познатата изрека „Ако ги снема пчелите, во рок од 4 години ќе ги снема и луѓето,“ на Морис Метерлинк, авторот на фасцинантното дело „Животот на пчелата“ (The Life of the Bee) од 1901 година.

Од тогаш до денес, пчелите се многу повеќе проучени и научниците откриле фасцинантни нешта за нив, за нивниот начин на комуникација и нивното значење. Во епизодите 7 и 8 на “Cosmos: Possible Worlds“, Нил Деграс Тајсон зборува за различните начини на комуникација и пренесување на информации помеѓу пчелите, но и кај пониските форми на живот, како габите, особено тие од видот мицелиум.

Во текстот „Како можеме да им помогнеме на пчелите?“ веќе зборувавме за едно решение кое ако се примени глобално би можело да даде резултати. Од примерот на тоа како едни микроскопски и навидум безначајни организми како габите, според истражувачот и микологот (проучувач на габи) Пол Стаметс, можат да им помогнат на пчелите почнуваме да ја насетуваме врската помеѓу сите живи организми на планетата. Тој преку својата компанија Host Defense, која произведува разни додатоци во исхраната на база на габи, има создадено хранилка за пчели која содржи екстракт од габата мицелиум која треба да го подобри имунолошкиот систем на пчелите. Според него, феноменот CCD е предизвикан од пандемија на вируси кои ги напаѓаат пчелите.

Според Мајкл Полан и негиовиот документарец „Исчезнувањето на пчелите“ (Vanishing of the Bees), причината за овој феномен се монокултурите. Повеќе на таа тема прочитајте тука.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *