Дали рокенролот во Македонија пропадна 30 години по „Архангел“?

Каква е состојбата во (музиката на) Македонија 30 години по деби-албумот на Архангел?

Првенецот на Архангел одекна длабоко во колективната (уметничка) сцена во Македонија. Тоа беше време кога еден бенд или музички жанр можеше да стане мејнстрим и да владее долго време во етерот. Денес тоа се чини невозможно.

Зошто првенецот на Архангел беше посебен?

Од каде да почнеме? Осамостојувањето на Македонија. Прв голем македонски бенд по Леб и Сол (се разбира не ги заборавивме Мизар, Лола в Штајн, Инола X, Кисмет итн.) Архангел можеше да наполни стадион, а воедно беше суштински рокерски бенд. Денес тоа во македонската сцена е невозможно.

Првенецот на Архангел по повторно слушање децении подоцна звучи сосема современо и може да стои барабар со модерните бендови.

Албумот се отвора со „Ладно оружје“ кое е вистинско музичко ремек-дело. Ритам секцијата е одлична и генијалноста на бас линиите доаѓа до израз дури со слушањето со слушалки, нешто што поранешните генерации не го практикувале. 

Енергијата со која се отвора албумот е отсликување на состојбите во Југославија и Македонија на времето. Југославија беше држава во распаѓање. Војната започна само неколку месеци по објавувањето на овој албум. Стиховите се силни и со двосмисленоста поттикнуваат на размислување, а воедно звучат модерно.

Боже, овде гледам само робови!
Нови градови,
крвни садови
Боже, овде гледам само гробови
И мислиш, важно е што е вистина
Важно е само како изгледа
И јас сум нечие ладно оружје!

Песната „Гордост“ наликува на ЕКВ (или кој и да е генерички екс-Ју рок бенд) и треба да се гледа во контекст на наследството од Југословенската рок-музика. „Исус“ е невообичаена песна, динамична, со неправилен и често променлив ритам, во неа се гледа виртуозноста на музичарите. „Златно жолто“ се отвора со повторно одличниот бас и ја држи енергијата до крај, а солажите исполнети со дисхармонични, но моќни звуци на Драган Гиновски доаѓаат до полн израз,.

„Превез“, „Молк“ и „Луна“ се светото тројство на овој албум кои треба да бидат позлатени во македонската рок-музичка историја. Стиховите параат како нож, гласот на Ристо Вртев го покажува својот дијапазон до максимум. Со измените во ритмот и интензитетот, песните се вистински музички пандан на едни Нирвана (иако дел од друга и поразлична музичка традиција) кои честопати го применуваа пристапот ладно-топло.

Во твојот свет без љубов
се ќе се престори во смрт
и се почесто тоа те радува
…
Понекогаш, понекогаш љубовта е
совршено циничен убиец, убиец!

„Превез“ ги содржи сенките предвесници на „Милион долари“? „Молк“ е можеби една од најпрепознатливите мелодии во модерната македонска рок музика, а „Архангел“ е совршен крај на албумот, иако повеќе наликува на едни подобрени Мизар

Секогаш вон тебе,
секогаш вон мене
Ти не си логичен,
Архангеле

Возобновување на македонската сцена?

Со плејадата нови и млади бендови предводени со Хајка, се чини дека македонската музичка (условно кажана рок) сцена повторно живее. И не само тоа, таа живее како да се 1990-ти! Чекавме 30 години повторно да се случи тоа.

Интересно е дека најголемите фанови на Хајка (освен младата генерација) се тие кои се растени со со Архангел и целата таа рокенрол сцена на 1990-тите. Сега веќе тие се средовечни луѓе, а некои од нив токму Хајка ги исмеваат во своите песни.

Денес е друго време, во какофонијата звуци и дразби, невозможно е да постојат големи музички или филмски движења. Одредени стилски или тематски преокупации во индустријата (суперхерои, зомби апокалипса и слично), да! Но, невозможно е истото да прерасне во движење, како Гранџ или Независна филмска сцена во 1990-тите.

Архангел се можеби стари рокери, но засекогаш ќе имаат заслужено високо место во историјата на македонската рок музика.

Додајте го Арно како претпочитан извор на Google

Читајте нè бесплатно на Viber

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *