Тексас како Македонија, во филмот Vengeance (Одмазда)

„Проблемот не е што луѓето се глупави. Проблемот е што се паметни. Толку многу креативни светла, а нема каде да се вклучи нивната енергија. И така таа се канализира во теории на заговор.“ Квинтен Селерс, лик од филмот „Одмазда“

Vengeance (Одмазда) е американска црна комедија од 2022 година, според сценарио и во режија на од Б. Џеј Новак.

Се работи за филм првенец на Новак кој на пошироката публика и е познат како Рајан Хауард од американската верзија на „Канцеларија“ (The Office). Во „Одмазда“ освен Новак, играат Бојд Холбрук, Дов Камерон, Иса Реј и Ештон Качер. 

Главни карактери (Spoiler Alert)

Б. Џеј Новак го глуми Бен Маналовиц, Њујоршки новинар со писателска криза, во потрага по вистинска приказна. Тој ненадејно добива телефонски повик од Тај Шо (Бојд Холбрук) во кој го известува дека неговата „девојка“ Аби Шо починала од предозирање со дрога. Бен најпрво воопшто не може да се сети за кого станува збор, а потоа му текнува дека таа била една од низата безначајни, куси врски кои ги имал во животот.

Бен е безличен њујорчанец во потрага по добра приказна. Според зборовите на Тај, тој изгледа како многу од ликовите во филмот „Шиндлеровата листа“ (кој патем речено е негов најнеомилен филм на Лиам Нисон). Животот на Бен нема некоја поголема суштина, тој е површен лик со површни односи со луѓето, а такво е и отворањето на филмот. Еден безличен, интелектуален муабет кој укажува на човек кој не преживеал ништо вистинско и се провлекол низ животот заради неговите интелектуални способности. Но, Тексас ќе го смени тоа.

Споредните ликови како носители на дејствието

Тај Шо е отворен, искрен тип, како и сите тексашанци, со себе секогаш носи „телефон, клучеви, новчаник, пиштол.“ Другите споредни ликови се семејството на Аби: освен братот Тај, тука е мајката Шерон, сестрите Парис (покрупната сестра) и Канзас Сити (поразгалена сестра), помладиот брат познат како „Ел Ступидо“ и бабата Керол. Секој од нив е лик за себе. Филмот по малку ги исмева, но секој од овие ликови има повеќе карактер во нивниот мал прст отколку Бен.

Како добра илустрација е сцената во која Бен зборува со Парис за користењето оружје (омилена тема во Тексас) и користи паралела со драмите на Чехов.

Ben: There’s this playwright, Anton Chekhov, and he says that if there’s a gun in act one of a play…
Paris: There’s no guns in any one of his plays I can think of. Cherry Orchard, no. Uncle Vanya, no. 
Ben: I’m not actually that familiar with his plays. Uh, I’m more familiar with his theory.

Животот на Бен е многу теорија, малку пракса и бабата Керол веднаш го гледа тоа. Сепак, колку и да е поразличен од нив, тие го прифаќаат затоа што се на иста мисија – одмазда!

Се разбира идејата на Бен за одмазда не е иста како нивната. Тој сака да извлече што е можно повеќе од ситуацијата за да направи подкаст. Кога му кажува на Тај за идејата (секако не признава дека подкастот го прави од себични причини, а не заради сестра му), тој веднаш смислува план како да се одмаздат на убиецот. Тој верува дека сестра му не се предрогирала (таа земала само адвил, побогу!), туку дека е убиена.

Ben: I’m gonna stay with you guys for a couple of weeks. I’m gonna record everything that you think happened to Abilene. Okay?
Ty: Hell yes. Then we kill him.
Ben: No. I’m gonna put it on a podcast… and it will be on podcast platforms.
Ty: That’s fucking brilliant! Once people on Reddit find out… they’ll kill him for us.

Квинтен Селерс, кантри-филозоф

Тексас се чини многу сличен на Македонија.

The problem isn’t that people aren’t smart. The problem is that they are. The problem is, you get all these bright, creative lights and nowhere to plug in their energy. And so it gets channeled into conspiracy theories.

Вели Квинтен Селерс, како да зборува за Македонија, земјата на арни луѓе со малку можности за исполнување на потенцијалот.

Ликот на Аштон Кучер (Квинтен Селерс) е продуцент на кантри музика кој работел со Абилен. Бен, се разбира, никогаш не ја слушал музиката на Абилен иако таа му праќала линкови. 

Квинтен е модерен филозоф. Човек заробен „богу иза леѓа“ (god forsaken place) кој зборува за Теоријата на голема експлозија кога сака да ги инспирира пеачите да пеат подобро или го именувал неговото студио „Фабрика“ според истоимената градба на Енди Ворхол.

Тој има теорија дека Новак е „плејлиста тип“, човек кој слуша музика која му ја препорачува некој алгоритам според неговите преференци. Тогаш не ги слушаш другите луѓе, туку сопствениот глас (избор) кој ти се враќа на тебе.

Тој го прашува Новак дали луѓето кои го цитираат Оскар Вајлд ги читале неговите дела или тие кои споделуваат сцени од филмови на Одри Хепберн ги гледале нејзините филмови. Се разбира не. Новак никогаш не го читал Чехов.

Според Квинтен уметноста е како археологијата. Кога една цивилизација ќе се распадне, остануваат само фрагменти од неа (цитати, слики, сцени…).

Но, цивилизацијата може да се изгради повторно преку снимки на вистински луѓе. А токму тоа го прави Новак и тука за прв пат ја сфаќаме смислата на неговиот бесмислен живот.

За пишувањето Квинтен има став:

Nobody writes anything. All we do is translate. So if you ever get stuck and you don’t know what to say… just listen. Even to the silences. Listen as hard as you can to the world around you and… repeat back what you hear. That translation, that’s your voice.

Тексас како пулсирачка, дива животна сила

Преку „Одмазда“ ги дознаваме не само деталите за животот во Тексас (родео, оружјето, „сељаците“), туку и за начинот на кој размислуваат тие навидум прости луѓе. Тие се полни со ентузијазам и животна енергија. Имаат јасен и недвосмислен став за се. Тие се спротивност на се она што денешниот свет тежнее да биде.

Тексас е голем, суров, не простува и кој има шанса да помине низ неговата виулица ќе биде трансформиран за цел живот. Се разбира филмот „Одмазда“ не е сериозен, тој на хумористичен начин му приоѓа на целото прашање, се поигрува со апсурдот. Тоа особено се гледа преку ликовите на кантри-продуцентот-филозоф или мафијашот со добро срце кој сака да изгледа добро пред картелите па измислува убиства. Сепак, филмот поставува некои значајни прашања за автентичноста и искреноста на еден живот.

Преку „Одмазда“ се запознаваме и со внатрешните механизми на создавањето на еден аудио подкаст. Меѓу другото дознавме дека Richard Linklater дипломирал на University of Texas и дека секој добар тексашанец со себе носи: „Phone, keys, wallet, gun.“ Очекувано, дознаваме и дека Џо Роган е популарен во Тексас.

Не би сакале да откриеме дали го фаќаат убиецот и како завршува филмот, за да не го лишиме гледачот од возбуда. „Одмазда е филм кој секако треба да се изгледа. На прв поглед се работи за комедија, но се работи за многу повеќе.

Оценка: 4/5

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.