Водич низ депониите на Македонија: МВР

Го продолжуваме нашиот серијал текстови за депонии, овој пат со нешто помала депонија, но секако симболично место – МВР („телевизија“).

Во Македонија постојат казни за фрлање отпад, но и на птиците им е јасно дека тие ретко се применуваат, особено за помали количини отпад.

Кај домот на органот кој би требало да ги спроведува тие казни, МВР, состојбата е очајна. На местото, наречено „телевизија“, каде поголем број од граѓаните на Скопје и Македонија вадат лични документи, секое слободно ќоше е искористено за фрлање ѓубре. На локацијата може да се најдат секакви отпадоци, па дури и пелени!

Народот си е таков, ќе речете, но за тоа постојат казни нели. А вториот чекор е надлежните да исчистат, па да ни биде убаво на сите.

Во однос на шутот и градежниот отпад состојбата е подобра. Во муабет со неформалните собирачи на отпад, откривме кај нив постои се помала доверба во тоа да го фрлат овој вид отпад на нелегалните депонии, зашто „ги казнувале“. Oсвен тоа, во изминативе години, голем број на депонии се исчистени. Тоа е нешто добро.

Сепак, на периферијата на градот Скопје, како и во другите градови и природните површини во Македонија има уште многу работа.

Од друга страна, цените на легалното фрлање отпад се превисоки, обичен граѓанин не може да си дозволи 50 евра за да исфрли кауч од домот. тука значајна улога играат групите како „Дај, не фрлај“, но само за работи кои се употребливи. Откако ќе им измине векот, многу од граѓаните се чувствуваат приморани истите да ги фрлат нелегално, што не е во ред.

Жално е кога се шетаат низ град или излегуваат на излет младите генерации да сведочат на ѓубре и несреденост насекаде околу нив. На тој начин тоа станува нормалност и пример кој го следат.

Со позитивни примери можеме да ги научиме децата во каков свет треба да живеат и тоа да им стане нормалност, за да можат да се занимаваат со некои поубави нешта, да не речеме наука, култура или уметност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.