Повеќе Милчо, помалку Цеца!

Ако сте загрижени за состојбата во културата, уметноста и за младите во нашата држава, тогаш изјавата на нашиот реномиран режисер Милчо Манчевски која кружи по домашните медиуми веројатно ќе ве растажи… можеби и ќе ве посрами.

Зошто тага? Заради младите, заради минатото, сегашноста и иднината на Македонија. Милчо прашува што е со „Загубите предизвикани од македонскиот одлив на мозоци во последните 30 години?“ Загубите ги чувствуваме секојдневно и на сите полиња. Многу способни, креативни и интелигентни луѓе, заминаа во странство и никогаш нема да се вратат. Сите кои имаат моќ да ги задржат ваквите луѓе треба под итно да си го постават прашањето – како да го спречиме одливот на мозоците?

„Повеќето си заминуваат (од Македонија) не само заради повисоки плати, туку и заради тротоари без паркирани автомобили, за чист воздух, фер и ефикасно судство. За место каде што не мораш да си нечиј син или ќерка за да имаш работа и пристоен живот.“ Во овие и слични нешта се крие одговорот на прашањето погоре.

Од друга страна, живееме во еден свет каде што технологијата ни овозможува поголема демократија и пристап кон информациите и светскиот пазар. Се чини дека младите се повеќе се потпираат на себеси и си го градат својот пат, независно од поддршката од државата. Тоа дава надеж.

Но, тоа не значи дека државата треба да биде ослободена од одговорноста за лошата состојба во екологијата, уметноста, науката, дека Македонија е една од земјите со најзагаден воздух, дека ни се увезува штетниот отпад од развиените земји, дека се дозволува нереално висока цена на пелети, откако во името на екологијата масовно се стимулираше замена на печки на дрва… Што е со фактите дека Македонија е една од ретките држави кои немаат научна астрономска опсерваторија, дека ДПМ, ДЛУМ и други здруженија не се борат за подобрувањето на состојбата нивното членство во општеството, туку се занимаваат со политички препукувања… итн?

Независните уметници, културњаци и интелектуалци секојдневно прават нешто за државава, за напредокот во нашите полиња или за промоцијата на државата надвор. Време е и државата да направи нешто за младите. Би можело да се почне со помалку стимулирање турбофолк, а повеќе култура, со враќање на достоинството на интелектуалните професии, пред се помалку Цеца, повеќе Милчо!

2 thoughts on “Повеќе Милчо, помалку Цеца!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.