Што велите за јавна градина наместо пазар до Центарот Лиса во Ново Лисиче?

Пишувавме за просторот до ТЦ Лиса во Ново Лисиче, на место каде што има недоградена црква и голем простор, запуштен и затрупан со ѓубре. Отворивме и група за ширење на идејата за средување на тој простор.

Но, Бранко Прља, како автор на иницијативата имаше поинаква идеја за овој простор пред 5 години, што го има споделено на неговиот ФБ профил:

Овој простор го гледам запуштен од Општината, Градот и народот, заграден и оставен сам на себе како некој кутар сирак. Овој простор може да се оплемени со т.н. community garden, или по нашки „јавна градина“.

Бранко за Арно.мк сподели: „На овој простор се соочив со многу проблеми. Голем дел од тревнатите површини беа затрупани со ѓубре и шут. Околу 2016 отворивме неколку групи како „Не фрлај, не загадувај“ преку кои го документиравме отпадот, апелиравме кон Општината, комуналното, Градот итн. Нешто се потсреди, другото го чистевме сами преку акции. Ова се некои од нашите документации и акции од 2017 (1, 2, 3) и 2018 (1, 2, 3, 4, 5, 6) година.“

No photo description available.
No photo description available.

„За жал на акциите не учествуваа многу луѓе зашто набрзо станав свесен дека луѓето од оваа населба не ги интересира ништо повеќе освен нивниот личен двор или стан. Дури и ходниците од зградите се секогаш полни со големи кеси ѓубре оставени од станарите!“ се пожали Бранко.

Моите надежи за градење „јавна градина“ во која секој би можел да засади што сака и секој да набере така спласнаа зашто изгубив доверба во моите сограѓани и соседи, и нивната желба да си помогнат едни на други.

„Така мојата идеја на за „јавна градина“ на овој простор остана неостварена, но бидејќи гледам дека во Скопје последниве години веќе во пракса функционираат слични идеи се решив да го објавам повторно, па можеби и ќе има заинтересирани.“

На прашањето зошто ја објавува оваа негова идеја по 5 години ни одговори дека е заради три причини:

1) Започнав нова група со цел правење пазар на запуштеното место околу црквата до ТЦ Лиса. Ако општината не одговори предлагам герила акција на пролетно садење и разубавување на просторот!
2) Во време на криза е паметно луѓето да размислуваат за сопствен извор на храна и генерално за самоодржливост.
3) Бев инспириран од дечките од Бостание и нивната активност.

Photobucket
Photobucket
Како момче длабок впечаток ми остави филмот „Зелената карта“ (1990) каде што главниот лик со Зелените герилци прави јавна градина.

Во продолжение делови од манифестот за јавна градина од 2017 година:

Зошто заедничка градина?

  • Затоа што постојат големи затревени, запустени и неискористени површини околу зградите во моето маало кои што не се користат за ништо
  • Затоа што сме пораснале јадејќи овошје и зеленчук од градините на нашите соседи
  • Затоа што децата од блиското училиште наместо да купат евтин и неквалитетен чипс полн со конзерванси можеби ќе наберат јаболко или круша од градината
  • Затоа што грижејќи се за нешто заедничко од што сите би имале корист ќе се зајакне чувството на одговорност за околината (кое што моментално отсуствува) и одговорност на едни кон другите

Конкретно

  • Идејата е да се искористат тие површини додека не се изгради нешто на нив за садење различни земјоделски култури (патлиџани, краставици, салати и слично), како и дрва со плодови (јаболка, круша, праска, цреши и слично)
  • Градината ја одржуваат сите кои сакаат и од неа берат сите кои имаат потреба
  • Ниту еден производ од градината не е наменет за продажба
  • Градината е на сите и за сите, се грижиме за неа затоа што имаме корист од неа

Проблеми

  • Проблеми со газдите на земјиштето (Скопски пазар?)
  • Наводнување (систем капка по капка приклучен на водата која се користи за прскање на паркот во близина)

Ако сакате да помогнете приклучете се во групата, споделете искуства и идеи.

Некои инспиративни линкови:
https://communitygarden.org/resources/funding-opportunities/
http://www.imdb.com/title/tt1252486/
http://www.bullfrogfilms.com/catalog/lot.html

2 thoughts on “Што велите за јавна градина наместо пазар до Центарот Лиса во Ново Лисиче?

  1. Убава замисла,ама има едно мало,или поточно големо проблемче има во вашата замисла.Во тој дел од Ново Лисиче,како и во цело Скопје,добар дел од жителите на населбата се доселени од селата,кои како од чума бегаат од садење и одгледување на садници и градинарски култури.па тие луѓе затоа и дојдоа да живеат во град.Е сега да ги натерате тие жители да садат овошки или зеленчук е равно да добивање на лото премија.Чест на исклучоци,ама тие на една рака ќе ги изброите.Ви посакувам успех и реализација на Вашата замисла,иако тешко ќе успеете да ги убедите или да ги предизвикате на таква активност вашите сожители од Ново Лисиче.

    1. Има логика тоа што го велите 🙂 Дали според вас пологично би било да се засади просторот со грмушки, дрвца, цвеќиња, да се вклучуваат децата и да се учат како се садат цвеќиња?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *