Ски мапа на Попова Шапка

Неодамна бев на скијачкиот центар Попова Шапка и се намачив да најдам релевантни и скорешни информации како: ски мапа, како може да стигне до Попова Шапка без кола (одговор: тешко), кои ски лифтови работат, каде да се сместам итн. Овој текст се обидува да ги одговори сите овие отворени прашања.

Попова Шапка е најголемиот зимски ски-рекреативен центар во Република Македонија. Се одликува со голем број на сончеви денови и снежна покривка од октомври до мај. Попова Шапка располага со прекрасни скијачки терени со површина од 35 км2.

Ски мапа Попова Шапка

Мапа на скијачкиот центар Попова Шапка
Мапа на скијачкиот центар Попова Шапка

Кликнете овде за поголема Ски Мапа

Попова Шапка Ски Стази – Писти

Најлесни ви се стазите „Дол“ (не ви треба ски карта) и „Аеродром“ или по ново „Бабин Извор“ кои се одлични за почетници. Малку потешки се стазите „Поток 1“ и „Поток 2“, „Пионерско Брдо“, потоа „Ајдучка Рамнина 1“ и 2, а најтешка и најдолга стаза е „Церипашина“.

Стаза Аеродром – Бабин Извор
Стаза Пионерско Брдо

Попова Шапка – ски карта

Колку чини ски билет на Попова Шапка?

Цената на ски пасот на Попова Шапка е 1100 денари за возрасни, а вон сезона чини 900 денари. Плус 400 денари депозит. Додека за деца дневната ски карта е 800 денари. За повеќе информации најдобро е да ја проверите facebook страната на Попова Шапка како најапдејтуван извор на информации. Внимание – официјалната страна на ЕЛЕМ Турс не е често апдејтувана!

Како да стигнете на Попова Шапка од Скопје?

Наједноставно е да одите со сопствен превоз (кола). Под услов да имате зимски гуми. Не постои директен редовен автобус Скопје – Шапка. За жал нема ни редовен превоз Тетово – Шапка. Жичарата Тетово – Шапка со години не работи, ниту па има најави дека конечно ќе се реновира. Алтернативно можете до одите до Тетово со автобус, а таму да се договорите со локалните таксисти за цена. Некогаш има и организирани комбиња од локалните Скопски туристички агенции, обично за викенди.

Попова Шапка – сместување

Попова Шапка за жал има лимитирани сместувачки капацитети. Најдобри хотели близу до стазите се: Конак, Тетекс Арена и Скардус. Но ако сте ЈУ носталгичари и сакате повторно да го осетите „мирисот на Тито“ срдечно ви го препорачувам хотелот Славија кој ќе врати во времето бидејќи ништо не е сменето од времето на Тито. Додека хотелот Попова Шапка моментално не работи. Ако не ве мрзи да ги „мкнете“ скиите, добра алтернатива се приватните викендички кои можете да ги најдете на Airbnb и Booking.

Попова Шапка – камери live

Повеќе камери ќе најдете на порталот на skimacedonia.

Попова Шапка – временска прогноза

Не ви требаат апликации. Доволно е да напишете на Google „попова шапка прогноза“ и оставете го Google да ја направи својата магија.

Изнајмување на скии

Изнајмувањето на скии за возрасни ќе ве чини околу 400 денари.

Што очајно треба, а може лесно да се направи на Попова Шапка?

Организиран и редовен превоз на релација Тетово – Шапка и Скопје – Шапка. Не е научна фантастика ниту инвестиција да се земе едно комбенце што ќе вози редовно на релација Скопје – Шапка или барем Тетово – Шапка. Како сакате странци да ја посетат Шапка ако нема организиран превоз? Плус ако секој земе кола се прават ненормално долги колони од паркирани коли и доволно е една кола или автобус да го блокира со саати целиот проток на возила.

Инвестици за Шапка на подолг рок

Обновување на гондолата Тетово – Шапка и повеќе сместувачки капацитети. Нормално има мал милион работи кои можат да се направат, но приоритетот мора да биде лесно и безболно да се стигне и да се најде место за спиење за тие што сакаат да скијаат неколку дена.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *