1999: Најдобрата година во филмската индустрија! (дел 1)

Во 1999 година се снимени веројатно најважните филмови во модерната (американска) филмографија. Пред да се нурнеме во филмовите, да се потсетиме што се случи во историјата што ја направи оваа година толку важна.

На „не толку лесната“ страна на нештата во САД се случи масакрот во средното училиште Колумбајн, што ја иницираше дебатата за законите за контрола на оружјето и за малтретирањето ученици. Резултатот беше политика на нулта толеранција и ригорозна безбедност во училиштата… и да, филмот на Мајкл Мур (Bowling for Columbine) кој се појави неколку години подоцна.

Од другата (нашата) страна на океанот, кралицата на Обединетото Кралство го отвори првиот шкотски парламент по 300 години, еврото беше воведено како официјална валута на Европската унија и уште една војна во Југославија (Косово заврши со бомбардирање на Србија од страна на НАТО.

Борис Елцин поднесе оставка од функцијата претседател на Русија и на неговото место дојде Владимир Путин. Истата година Русија изврши офанзива врз Чеченија користејќи ракетни напади.

Во вестите од „полесната страна“, културната икона на велосипедизмот и стероидите во професионалниот спорт, Ленс Армстронг ја освои својата прва Тур де Франс и беше создаден Напстер. Значењето на Напстер во контекстот на интернет слободите кои донесоа вистинска демократија во светот со можности низ целиот свет е важно прашање.

Оваа година се случија и некои други „важни настани“ во светот, а премиерата на Sponge Bob Square Pants на кабелската мрежа Nickelodeon не е еден од нив. Но, кога зборуваме за филмовите, сериите и киното, станува збор за битен момент.

Што се случи во историјата на филмот во 1999 година?

Оваа година беа објавени многу филмови кои не беа нужно на топ листите на заработка или омилени од публиката, но подоцна добија култен статус. Такви филмови беа Канцеларискиот простор, Матрикс, Магнолија, Боречки клуб, Проектот за вештерката од Блер, Шесто сетило, Очи ширум затворени (The Office Space, The Matrix, Magnolia, Fight Club, Blair Witch Project, Sixth Sense, Eyes Wide Shut)… и многу други кои дефинираа цели жанрови. Многумина од нив беа критички настроени кон современото општество и тоа беше време кога филмовите значеа нешто. Но, што точно значи тоа?

Кога дојде интернетот и стана мејнстрим во 2000-тите, тоа измени многу работи. Перцепцијата за уметноста и нејзината улога во општеството беше променета. Немаше повеќе големи револуции, движења, музички жанрови кои ги дефинираа генерациите. Беше сè и ништо одеднаш. Но, што се случи пред таа промена во перцепцијата и улогата на уметноста и филмската индустрија?

Годината на „канцеларискиот филм“

1999 година понекогаш се нарекува „година на канцеларискиот филм“, како што е објаснето во видео есејот на Now You See It. Канцелариски простор, Боречки клуб, Американска убавина и Матрикс се најистакнатите претставници на ваквите филмови. Тие изгледаат како бес против системот, филм за егзистенцијалната тапост на канцеларијата која е речиси кафкијанска по својата природа. Протагонистите се депресивни и немаат мотивација, нивните денови се „копија, копија, копија“ (според Боречкиот клуб). Но, одеднаш се случува нешто, главниот лик се среќава со извонредна личност.

Во Американска убавина за главниот протагонист, Лестер Барнам, тоа е Рики Фитс, тинејџерот и син на угнетувачкиот и тирански марински полковник Френк Фитс и неговата речиси кататонична сопруга Барбара. Рики е сето она што Лестер бил кога бил млад и некако го изгубил во секојдневната работа и грижа за своето семејство. Во Боречки клуб тоа е Тајлер Дурден, сè што Нараторот сакал да биде, но никогаш немал храброст за тоа. Во Канцелариски простор, тоа е сесијата за хипнотерапија на д-р Свансон (не самиот д-р, туку неговата извонредна смрт сред сесијата која го остави Питер во постојана состојба на хипноза). Матрикс е нешто поинаков случај, но сепак Морфеус е оној кој му дава на Нео избор да го промени својот живот на „канцелариски стаорец“ и граѓанин кој го почитува законот во нешто повеќе.

Сите овие ликови бараат нешто, поголемо значење во животот од канцеларијата. Сите тие го победија системот, симболично претставен од нивните газди. Тоа е супервизорот Бред во Американска убавина, Бил Лумберг (или дури и Стен за женскиот лик Џоана) во Канцелариски простор, Ричард Чеслер во Боречки клуб и крајниот шеф – Матриксот!

Сите тие ги презираат материјалните поседувања (чудно, во повеќето случаи, ја задржуваат платата од нивните фирми со уцена) и бараат подлабоко значење во себеси (Канцелариски простор, Американска убавина), во поширока смисла во општеството (Боречки клуб) или дури и во светот (Матрикс).

Заедно со претходно наведените аргументи, за смртта на „канцеларискиот филм“ придонесе и ерата на работа преку интернет. Луѓето најдоа начин да не бидат „канцелариски стаорци“, па повеќе не беше потребно да се снимаат филмови на оваа тема. Денес, еден YouTuber со (или без) оригинална содржина може да живее без да има шеф, канцеларија или работна обврска да присуствува на состанок во сабота. Тоа е само еден од начините за заработка преку интернет и тоа резултираше со се поголема популарност на фантастични филмови за суперхерои и за помалку сериозни теми, со акцент на забавата. Барем нам ни се чини така.

(Во следниот дел повеќе за останатите филмови кои ја дефинираа 1999 година)

One thought on “1999: Најдобрата година во филмската индустрија! (дел 1)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *