Возењето велосипед во населбата Драчево е опасно по живот!

Скопје е Велоград, со околу 110 километри велосипедски патеки (заедно со патеките на Водно), но ниту еден метар од нив не е во Драчево!

110 км можеби изгледа многу, но во споредба со некои европски градови, не сме ни блиску. На пример, градот Копенхаген е 3 пати помал од Скопје, а има 4 пати повеќе велосипедски патеки. Сепак, мораме да признаеме дека последниве 10-тина години се работи на велосипедската инфрастуктура во Скопје и тоа е добро. Голем дел од градот е покриен со овие (какви-такви) патеки, од Ѓорче Петров, преку Чаир, Карпош, Бутел, Гази Баба, Центар, Аеродром, итн. Иако дел од овие населби имаат многу малку велосипедски патеки, сепак ги имаат.

Mythbusting Marketing: If You Build It, They Will Come - Signalfire

Колку велосипедски патеки има Драчево?

Одговорот е нула! По ова прашање, како и по многу други, Драчево е игнорирано од Општина Кисела Вода и Град Скопје. По завршувањето на велосипедската/пешачка патека по населбата Пинтија, треба да стои знак „Вози на сопствен ризик!“ Да се надеваме дека со изградбата на булеварот до мостот пред Драчево состојбата ќе се подобри (ако воопшто се изгради – а во меѓувреме се вози по дупки, а патниците чекаат автобуси на кал). Но, бидејќи булеварот не е планиран по мостот (во самата населба), тоа значи дека таму состојбата ќе остане иста.

По мостот речиси и да нема тротоар, а „граѓаните“ може на свој ризик да одат покрај коловозот, додека за негово преминување на пешачките патеки, кои се одамна избледени, се надеваат (честопати залудно) дека ќе им застане некој автомобил. А автомобилите таму не се шега! Велат дека над 50.000 автомобили поминуваат по овој пат секој ден.

Но, затоа веднаш на влезот во населбата ги чекаат весели полицајци подготвени да казнат секого. Се разбира, полицијата работи за вас, зошто да возите автомобил, да си ги трескате амортизерите по раскопаните патишта и скапо да плаќате за поправки, кога можете да возите велосипед!

Дупки и пукнатини кои се отвораат и затвораат, епска битка која трае со децении поради недостаток атмосферска канализација

А можете ли да возите велосипед во Драчево? Ве предизвикуваме да пробате! Тоа е прашање кое подразбира храброст, бунтовност и по малку лудост. Можете да возите по дел од тротоарите кои постојат (а на многу улици ги нема), но таму се паркирани возила. Обидете се на улиците, но таму најчесто се одвиваат автомобилски трки или има дупки-кратери. Кој е за адреналинска тура, може да се обиде, за другите со слабо срце не се препорачува.

Возачите на велосипеди во Драчево се „ѕверки“ пред истребување кои треба да ги заштитиме!

„Тротоар“ пред училиштето „Рајко Жинзифов“ – опасно за деца и за велосипедисти!
Вака се прави велосипедска патека во Центар – помалку место за автомобили, повеќе за велосипеди!

Што останува? Да се реновира и прошири булеварот во самата населба кој е многу прометен, да се направи атмосферска канализација за да не се отвораат нови дупки. Секаде каде што може да се ограничат патеки за велосипеди, ако може во тесните центарски улички може и во драчевските. И што друго?

Сите повеќе да возиме велосипеди, здраво е и за нас и за околината!

2 thoughts on “Возењето велосипед во населбата Драчево е опасно по живот!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.