Уште 10 најдобри спортски филмови!

Веќе пишувавме за 10 најдобри спортски филмови за одредени спортови, да видиме кои се други 10 најдобри филмови во спортовите како тенис, боб-санкање, борење, тркање и други.

1) Тенис

Match Point (2005) е интересен трилер, филм кој е по малку за тенисот, а повеќе психолошка студија за моќта на парите, алчноста и среќата. Еден од ретките понови филмови на Вуди Ален кои се одлично оценети. Други интересни филмови на тема тенис се Wimbledon (2004), Borg vs McEnroe (2017), Final Set (2021), но филмот King Richard го зема приматот како интересен биографски филм за сестрите Вилијамс, кои доминираа со женскиот тенис долги години и односот со нивниот татко, Кралот Ричард, кој е заслужен за нивниот подем во свет претходно резервиран за богати белци.

Победник: King Richard (2021)

2) Боб санкање

Можеби единствениот филм со главна тема боб санкање, Cool Runnings секако го заслужува приматот во оваа категорија. Симпатичен, паметен, смешен и филм за паметење, кој не го гледал треба да го изгледа заради Џон Кенди, заради биографскиот елемент за неверојатен успех на несудени херои или заради „Ајн, цвај, драј!“

Победник: Cool Runnings (1993)

3) Тркање

Помеѓу листа возбудливи „тркачки филмови“ како Rush (2013), Ford v Ferrari (2019), Days of Thunder (1990), Italian Race (2016), приматот го зема документарниот филм Senna, за еден борец за правата на возачите кој се обидувал да ја зголеми безбедноста на трките, а иронично самиот настрадал во една, легенда на Формула 1, кој бил најсреќен кога возел картинг, фасцинантно! „Алене, опрости.“

Победник: Senna (2011)

4) WWE (Кечери)

Помеѓу комедиите како Nacho Libre (2006), The Peanut Butter Falcon (2019), Fighting With My Family (2019), филмот The Wrestler се истакнува како сериозна студија на жртвата, премрежјата и трагедијата која ја преживуваат борачите на едниот од најомилените американски „спортови“.

Победник: The Wrestler (2008)

4) Карате и кунг-фу

Drunken Master (1978) и Drunken Master 2, AKA The Legend of Drunken Master (1994) се едни од најинтересните и комични кунг-фу филмови на сите времиња – легендарно! Филмовите како Fist of Fury (1972) и Five Deadly Venoms (1978) се култни класици од ерата на „истепај ги сите додека стигнеш до босот“ филмови, додека The Karate Kid (1984) е култен класик, достојно наследен со серијата Cobra Kai (2018-) која на вистински начин ја балансира носталгијата со модерното. Во листата секако спаѓаат и Once Upon a Time in China (1991), Kung Fu Hustle (2004), Kill Bill (2003), Ip Man (2008) итн. Police Story (1985) и Police Story 3: Super Cop (1992) се само уште некои филмови на легендата Џеки Чен, а за вториот и Тарантино има кажано дека е филм со најдобри акциони сцени на сите времиња.

Бидејќи филмот Enter the Dragon (1973) го ставивме во нашата листа како најдобар ММА филм (поради историското значење), се решивме за филмот Херој (Hero) заради неговата уметничка вредност. Навистина едно аудио-визуелно ремек-дело со интересен стил на раскажување и филм кој вреди да се изгледа во кино. Единствено би можел да му парира Crouching Tiger, Hidden Dragon (2000), кој има и значење како претходник на еден цел жанр акциони филмови.

Победник: Hero (2002)

5) Велосипедизам

Breaking Away (1979) е американска драма и комедија за одраснувањето кој освои многу награди, додека Wadjda (2012) е прв долгометражен филм снимен целосно во Саудиска Арабија, филм за уривањето општествени норми, а Bicycle Thieves (1948) е класик на Фелини, кој нема врска со спортот, но има со филмската историја и уметност. Уште некои филмови вредни за споменување се American Flyers (1985) и The Kid with a Bike (2011), но Breaking Away како инспиративна приказна со комични елементи го носи приматот.

Победник: Breaking Away (1979)


Помалку познати „спортови“.

7) Борење на рака

Pulling John (2009) е филм за легендата на борењето на рака Џон Брзенк, додека Vendetta dal futuro (1986) е италијански „б-филм“ во стилот на Терминатор и Блејд Раннер со андроид кој знае карате – не пропуштајте! Елементи од Vendetta dal futuro се преземени во филмот кој е синоним со „спортот“ на борење на рака – Over the Top (1987). Сталоне глуми камионџија кој се бори на рака за екстра кеш, лик инспириран од Џон Брзенк, а музиката е на Џорџо Мородер (“My name is Giovanni Giorgio, but everyone calls me Giorgio”).

Победник: Over the Top (1987)

8) Билијард

The Hustler (1961) е заснован на книга, добил многу награди и главниот лик го глуми Пол Њуман. The Color of Money (1986) е филм на Мартин Скорсезе, каде што исто така глуми Њуман, но ја предава „штафетата“ на Том Круз. Сепак, поради значењето на првиот филм за враќањето на билијардот на сцената во САД, како и бројните награди овој филм го зема приматот. Други филмови вредни за споменување се The Baltimore Bullet (1980), Poolhall Junkies (2002) и Turn the River (2007).

Победник: The Hustler (1961)

9) Голф

Happy Gilmore (1996) е еден од легендарните „глупави-лесни“ (Суперхикс, ви текнува?) филмови на Адам Сендлер кој здодевниот спорт на голфот го прави интересен и хумористичен и затоа е на врвот нашата листа. Други филмови вредни за споменување се комедијата Caddyshack (1980), Seven Days in Utopia (2011), From the Rough (2013), A Gentleman’s Game (2002), The Legend of Bagger Vance (2000), The Greatest Game Ever Played (2005), класиците како Pat and Mike (1952) и The Caddy (1953), Tommy’s Honour (2016), биографскиот филм за еден од најдобрите голфери на сите времиња Bobby Jones: Stroke of Genius (2004) и Tin Cup (1996). Ако не верувавте дека има толку филмови на тема голф, сега знаете.

Победник: Happy Gilmore (1996)

10) Скејтање

За крај, но не и на последно место, филмовите за скејтањето некогаш беа „ин“. Спорт кој сè уште опстојува, но сепак не е толку популарен. Во 1980-тите и 90-тите овие филмови инспирираа толпа млади луѓе да лудуваат по улиците на модерните градови, меѓу кои и Скопје. Пред некогашното Цека се збираше скопската младина, кој на „скирол“, кој на Беемикс, и сите се обидуваа да се надминат во триковите.

Gleaming The Cube (1989), со неприкосновениот срцекршач Кристијан Слејтер во драма за одраснувањето и одговорноста во животот кога сте соочени со трагедија. Еден од филмовите кои придонесоа за популарноста на скејтањето во 1990-тите. Paranoid Park (2007) е уметничка психолошка драма, додека Dogtown And Z-Boys (2001), All This Mayhem (2014), Bones Brigade: An Autobiography (2012) и Minding The Gap (2018) секако заслужуваат внимание како сериозни приказни за проблемите на одраснувањето и претставуваат вистински социолошки студии на скејтерска позадина. Филмот Mid90s (2018) (неочекувано) на Џона Хил успешно го доловува духот и естетиката на алтернативните 1990-ти.

Иако на листава веројатно има подобри филмови од Thrashin’ (1986) ниту еден друг филм не направил толку за скејтерската култура во САД и светот како овој. Од времето кога на MTV се даваа натпревари во скејтање со треш метал музика во позадината. Денес скејтањето е олимписки спорт – кој можел да предвиди!?

Победник: Thrashin’ (1986)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.