Топ 10 најдобри спортски филмови!

Кои се најдобрите филмови за популаризација на спортовите, но и такви кои обработуваат социјални или историски тематики и имаат пошироко значење? Кој е (во спортски термини) „победник“ во секоја категорија?

1) Бокс

Тука секако спаѓаат неприкосновениот Raging Bull (1980) во кој Де Ниро го покажува својот талент како „актер на методот“, но и Скорсезе како „мастер раскажувач“. Уште еден класик е Rocky (1976), првиот филм од сагата за Роки кој е дел од движењето Нов Холивуд (New Hollywood) во 1970-тите – сериозни филмови со социјална тематика (како реакција на слаткастите филмови од Златните холивудски години), како и неговиот наследник Creed (2015). Тука можеме да ги сместиме и филмовите како The Fighter (2010), Cinderella Man (2005), Ali (2001), Rocky Balboa (2006), The Boxer (1997), When We Were Kings (1996), Million Dollar Baby (2004) итн. Сепак, се чини дека, поради културолошкото влијание и наследството кое го остави врз филмовите од тој жанр Роки треба да биде на пиедесталот на филмовите за боксот.

Победник: Rocky (1976)

2) ‘Рвање

Vision Quest (1985) е можеби најпознатиот филм за овој ценет американски спорт кој го става телото и духот на децата на огромни искушенија и ја тестира нивната издржливост до екстремни граници. Кој станал ‘рвач за него ништо повеќе не е тешко, но дали може да живее и функционира во нормалниот свет? Тоа се прашањата кои ги поставува драмата Foxcatcher (2014), заснована на вистински случки. Затоа тој треба да биде на прво место.

Победник: Foxcatcher (2014)

3) Бејзбол

“If You Build It, He Will Come е реплика од филмот Field of Dreams (1989) која продлела длабоко во свеста на љубителите на популарните медиуми и е одлично пародирана во Wayne’s World. Заради неговиот допир во другите сфери на филмот и живеењето овој филм е најдобар претставник на бејзболот. Во овој жанр спаѓаат многу филмови, бидејќи се работи за значаен американски спорт, а тие се од широк дијапазон: сериозни, смешни, глупави или слаткасти и тоа A League of Their Own (1992), Bull Durham (1988), Moneyball (2011), The Natural (1984), The Sandlot (1993), The Bad News Bears (1976), Major League (1989), Eight Men Out (1988), Sugar (2009).

Победник: Field of Dreams (1989)

4) Рагби

Спорт кој носи милиони (ако не милијарди), а се врз грбот на илјадници млади и силни луѓе кои (буквално) си го ризикуваат животот за корпорациите. Помеѓу впечатливите филмови на оваа тематика се: Remember the Titans (2000), The Blind Side (2009), Friday Night Lights (2004), Jerry Maguire (1996), The Longest Yard (1974) итн. Повеќето листи го наведуваат филмот Rudy (1993) како најдобар од овој жанр. Момче кое сонува да биде рагбист иако нема физички капацитети, сепак (во типичен „американски“ развој на настани) успева. Лимонада без преседан, но со последици врз мозоците на млади луѓе инспирирани од овој филм. Токму затоа филмот Concussion (2015) раскажува една поинаква приказна, за големиот бизнис кој не се грижи за овие спортисти.

Победник: Concussion (2015)

5) ММА

Во море лоши „тепачки“ филмови тешко е да се избере добар и квалитетен филм. Самиот факт што филмот Fighting (2009) има оценка 39% на Rotten Tomatoes зборува во прилог на тоа. Можеби на овие филмови не треба да им се суди според квалитет, туку според „културолошкото“ влијание или тоа на колку луѓе влијаеле. Во таа листа секако спаѓаат Bloodsport (1988), Kickboxer (1989), Lionheart (1990) – сите филмови на Жан Клод Ван Дам, или како што ММА борачот од Хрватска Мирко Крокап еднаш го нарече „балетан кој научил карате“. Секако треба да се спомене Here Comes the Boom (2012), кој од сите споменати филмови во ММА листата можеби најмногу припаѓа тука. Од посериозните секако е подобар Warrior (2011). Сепак, поради културолошкото влијание, историско-филмското и фактот што во тој филм за прв пат се демонстрирани вештини кои можат да се окарактеризираат како модерно ММА, победник е Enter the Dragon (1973).

Победник: Enter the Dragon (1973)

6) Кошарка

NBA е вториот по големина бизнис во САД по NFL, и филмовите за овој спорт се разновидни, од комедиите како White Men Can’t Jump (1992) или Teen Wolf (1985), до Hoosiers (1986), Coach Carter (2005), Love and Basketball (2000), He Got Game (1998), Blue Chips (1994) итн. Hoop Dreams (1994) е мотивирачки филм кој им дава соништа на младите, што сепак во овој случај (бидејќи не се работи за опасен спорт како рагбито) е оправдано и затоа е на прво место.

Победник: Hoop Dreams (1994)

7) Атлетика

Marathon Man (1976) е филм според подеднакво добра книга. Кој може да ја заборави сцената “Is it safe?” Возбудлив политички трилер кој не е стриктно поврзан со атлетиката, но поради начинот на кој се поврзани настаните, одличното сценарио и историската вредност се најде на оваа листа. Други интересни филмови од жанров се Gallipoli (1981), Without Limits (1998), Children of Heaven (1997). Сепак Chariots of Fire (1981), како филм за самопожртвуваност и морална храброст, религиозна толеранција и желба за постигнување над се е интересна студија на спортската психологија и тоа што е потребно да бидеш прв.

Победник: Chariots of Fire (1981)

8) Фудбал

Montevideo, Bog te video! (2010) е класик од „нашите“ простори кој вреди да се изгледа, повеќе како историски документ, додека комедијата Bend It Like Beckham (2002) и инспиративниот The Damned United (2009) секако треба да се најдат на листата. Сепак Maradona (2018) на Кустурица е интересен социолошки експеримент кој го прикажува Марадона во вистински светло – култот кон неговата личност, дело и значењето кое го имал за спортот и за светот пошироко.

Победник: Maradona (2018)

9) Хокеј

Како и многу груги филмови од 1970-тите филмот Slap Shot (1977) е навидум комедија, но преку смеата се маскирани социјални тематики и сериозни проблеми. Затоа е прв на листата на хокејарски филмови. Погледнете ги и Miracle (2004), The Mighty Ducks (1992), Mystery, Alaska (1999), The Rocket (2005), Youngblood (1986) итн.

Победник: Slap Shot (1977)

10) Уметничко лизгање

Да се задржиме на мразот… уметничкото лизгање изгледа префинето, но од филмот I, Tonya (2017), заснован на вистинска приказна, научивме дека може да биде брутален спорт. Всушност секој спорт на високо ниво бара големи жртви, самоконтрола, откажување од нештата кои другите луѓе ги сметаат за неопходни и колку и да страда телото, умот трпи многу повеќе. Токму затоа овој филм е прв на нашата листа од овој жанр. Други интересни филмови се комедијата Blades of Glory (2007), како и The Cutting Edge (1992), Ice Castles (1978) итн.

Победник: I, Tonya (2017)

Тоа е нашата листа на интересни спортски филмови во 10 категории. Спортските филмови се популарни, особено во САД, бидејќи на нив се гледа како на дел од спортската индустрија која започнува уште во средните училишта. Да не заборавиме дека филмот (особено американската кинематографија) е пропаганда преку која се „продаваат“ материјални нешта, но и соништа, филозофии, трендови, начини на размислување итн.

Во 1990-тите училишните програми беа реформирани со фокус на спортот, за сметка на уметностите. И за тоа има филмови (на пр. Mr. Holland’s Opus, 1995), а се чини дека истиот систем се реплицира и во Англија и во други места во светот. Реформите во нашите основни училишта исто така се на сметка на уметничките предмети. Светот во кој спортот е иднината, а уметноста минатото не делува надежно, но останува да видиме.

ПС: Наскоро листа на уште 10 интересни спортски филмови од други категории.

One thought on “Топ 10 најдобри спортски филмови!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *