Матрикс 4 му ја скрши кичмата на Матрикс 1

Скоро пишувавме „критика“ на новиот Матрикс 4 врз основа на трејлерот на новиот филм. Уште тогаш нешто не ни штимаше во ова ново продолжение на култната трилогија, но за волја на вистината, пофалби и поплаки за Матрикс се слушаат уште од неговото второ продолжение. Матрикс е толку оригинален и посебен филм, што се чини дека не може (ниту ќе може) да се надмине самиот себеси. Сега, по изгледаното четврто продолжение, донесуваме дефинитивен заклучок – полошо е отколку што мислевме!

Филмот е правен со намера да биде носталгичен (и ги игра сите карти од трите шпила на таа топка), но воедно и да ги задоволи апетитите на младата публика и потенцијално да ги навлече на уште една трилогија.

Во „The Matrix Resurrections“ Нео не е програмер (како што би бил нарекуван во 1990-тите), туку е милениумско-хипстерски „дизајнер на игри“ (како што би го нарекле денес) кој направил игра наречена „Матрикс“. Филмот постојано си игра со „метафикцијата“ и рушењето на 4-от ѕид, а самата игра „филм во филм во филм“ или „ВР во ВР во ВР“ се чини дека е искористена безброј пати.

Од оригиналната филозофија на Матрикс не е останато ништо и тоа што останало е урнато и фрлено на буништето на филмската уметност наспроти индустријата. Се чини дека во филмот постојат само два искрени моменти. Првиот е кога шефот на Нео во Матриксот (spoiler alert: агентот Смит во нова инкарнација) му вели дека ќе направат продолжение на трилогијата Матрикс. Причината, како што открива, е за продолжението да не го направи компанијата која ги има правата на играта. Она што ни се чини е дека овој момент е всушност исповед на режисерката Вачовски (Lana Wachowski) за нејзината „одлука“ да направи продолжение на Матрикс.

Вториот искрен момент е кога ликот на „Французинот“ (The Merovingian) кој во 4-тиот Матрикс се јавува како бездомник кој за својата несреќа го обвинува Нео и, како коментар на новото време, вели:

„Art, films, books were all better! Originality mattered! You gave us Face-Zucker-suck and Cock-me-climatey-Wiki-piss-and-shit!“

Ние од Арно сосема се согласуваме со оваа констатација и децидно тврдиме дека популарните филмови од 1990-тите беа подобри. Се разбира, филмската уметност во секоја деценија дава извонредни имиња, но кога зборуваме за глобално влијание на филмот не можеме да зборуваме за Параџанов, Киаростами, Мизогучи, Ким Ки-Дук или или Џим Џармуш, иако последниот дури и има навлезено во популарната култура.

Сакале да признаеме или не, живееме во англосаксонски глобалистички свет, па и филмовите можеме да ги поделиме на златно-холивудски од 1960-тите, нов Холивуд на 1970-тите, слаткастите 1980-ти, независните 1990-ти, експлозивните (во лоша смисла на зборот) 2000-ти, римејк-на-римејк-на-римејк 2010-тите. Се поставува знак прашање какви ќе бидат 2020-тите. Од се видено до сега се чини дека ништо нема да оди на подобро, но останува да видиме.

Гледајте го Матрикс 4, ако заради ништо друго, тогаш заради филмско-историската перспектива.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *