Претседателот на Ел Салвадор најави дека ќе користи геотермална енергија за копање крипто-валути.

Ел Салвадор е нација со богата и бурна историја, на повеќето луѓе од „Западниот“ свет познат од „тој филмот со Џејмс Вудс“ (Salvador, 1986, Oliver Stone) за граѓанската војна (1979-1992). Денес Ел Салвадор се најде на врвот на светските магазини како прва држава која го легализира копањето крипто-валути.
Сепак, постои еден проблем, ова т.н. „копање“ е процес кој бара многу енергија и заради тоа се соочува со многу контроверзи во еден свет кој се обидува да стане енергетски-ефикасен и воедно еко-пријателски. Пишувавме на оваа тема и на обидите на основачот на Етереум, една од најпопуларните крипто-валути, Виталик Бутерин да го направи овој процес поеколошки.
Ел Салвадор има друга идеја – да не се „замара“ многу со намалувањето на трошоците за „копањето“, туку да обезбеди енергија за истото – од вулканите! Претседателот на неговиот Твитер профил изјави државната геотермална електрична компанија LaGeoSV ќе изготви план за префрлување на објектите за копање на крипто-валути на геотермална енергија.
Претседателот на Ел Салвадор изјави дека се работи за „100 проценти чиста, 100 проценти обновлива“ енергија од вулканите, која воедно испушта 0 проценти стакленички гасови.
Како за пример, еден геотермален „бунар“ ќе обезбедува 95MW енергија и околу него ќе направат центар за копање биткоини.
„Тоа што излегува од бунарот е чиста водена пареа“, дополни тој.
Храбар чекор, со оглед на непредвидливата природа на крипто-валутите.