Имате панични напади? Еве две техники кои ќе ви помогнат лесно и брзо да се справите со нив!

Дали ве фаќа паника и не можете да спиете? Се будите од сон и срцето ви бие како лудо, или одеднаш, без причина, рацете почнуваат да ви се потат, се гушите и мислите дека во секој миг срцето ќе престане да ви работи?

Да, вие имате паничен напад. Пред да помислите на Хелекс, Дијазепам или некој друг лек кој ви ветува сонце, а ви дава црна дупка во душата, обидете се со неколку едноставни техники на дишење.

Секој кој преживел или имал некој близок кој се соочил со панични напади знае за какво безизлезно чувство се работи. Разумот не помага, „паничарот“ чувствува дека навистина му е дојден судниот час и најчесто завршува на клиника, со доза Дијазепам од 5mg. Дијазепамот помага моментално, но суштински само го маскира проблемот до неговото следно јавување. Постои само еден брз и ефикасен начин да се справи со ова, а тоа е дишењето!

Се разбира, прво отидете на лекар, испитајте и елиминирајте ги сите физиолошки можности за овие напади. Ако немаат органска позадина, обидете се со долуопишаните техники на д-р Марија Каранфилова, јунгист и невропсихијатар со долгогодишно и големо искуство. Техниките се испробани на стотици пациенти и се ефикасни во сите случаеви.

Чекор 1. Техника на нуркање

Оваа техника е „quick fix“ и се практикува вака:

  1. Затворете ги очите
  2. Без да земете воздух надујте го стомакот и задржете го здивот 30 секунди
  3. Ова го активира парасимпатичниот нервен систем и ги лачи хормоните кои се асоцираат со среќа и смиреност.

„Нуркањето“ е природна алтернатива за Дијазепамот, дејствува моментално и силно, но на долги патеки не помага. Како и кај методот на Вим Хоф, за подолготрајни решенија е потребна упорност и истрајност.

Чекор 2. Техника на релаксација

Секој ден одвојте два пати по пет минути, наутро пред станување и навечер пред заспивање за да ја изведете техниката на „абдоминално дишење“ или „релаксација“. Научниците одамна забележале дека новороденчињата и бебињата дишат „со стомакот“ при што постигнуваат состојба на тотална опуштеност, состојба во која организмот се регенерира.

  1. Легнете на грб и затворете ги очите
  2. Ставете ја едната рака на стомакот, а другата на градите
  3. Дишете така што раката на градите треба да мирува, а таа на стомакот да се движи
  4. Дишете споро (околу 5-6 секунди еден циклус на вдишување и издишување)
  5. Додека дишете во мислите повторувајте стереотипна кратка реченица за да ја
    потиснете потсвеста (да не буричка!)

НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ!

  • Дишете „со стомакот“
  • Вежбајте дишење секој ден, 2-3 пати по 5 минути, нема да ви одземе повеќе од 15 минути дневно!
  • Телото ќе ви биде благодарно
  • Мозокот ќе ви врати со смиреност

Овие техники го смируваат духот и телото, и загарантирано се справуваат со паничните напади, и што е најбитно – не ги маскираат, како лекарствата, туку ги спречуваат трајно.

Ако сте некој кој, и покрај сите животни премрежја никогаш не се напил каков било медикамент антидепресив, овие техники се за вас. Но, и ако сте се напиле, вреди да се обидете. Овие техники се особено важни за нашиот народ, кој заспива со Дијазепам, а се буди со Лексилиум, сосема несвесен за штетноста на овие лекови и за бенефитот на алтернативните пристапи кон проблемите.


Техникиве се изработени од д-р Марија Каранфиловска, а за прв пат (со дозвола од д-р Марија) во јавноста пренесени во делото „Брадосани хипстери во карирани кошули се подготвуваат за зомби апокалипсата (30 практични совети за живеење во време на изолација и пандемија!)“ на Бранко Прља

Нова книга на Бранко Прља - „Брадосани хипстери во карирани кошули се  подготвуваат за зомби апокалипсата“! - Арно.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *