За наставниците К-15, ама на Тошо!

По неколкугодишна борба за подобри права на просветниот кадар наставниците се чувствуваат игнорирани и заборавени.

Тие се уште се борат за основни права, за „плата на просветните работници најдоцна до 10-ти во месецот“ и „исплаќање на додаток на плата за наставници кои работат со двојно зголемен фонд на часови“. А, ич да не зборуваме за К-15!

Сепак, да се присетиме на минатогодишниот колективен договор

Според колективниот договор, се уредуваат „поголеми и поповолни права од правата предвидени со Законот за вработените во јавниот сектор“ и тоа:

ЗА – „вработени во органите на државната управа, судови, јавни обвинителства, воспитно-казнено-поправни установи, државно правобранителство, општини, (општини на) Град Скопје, агенции, фондови…“

Но, НЕ и за: „вработени во безбедност, одбрана и разузнавање, здравство, образование и наука, култура, труд и заштита на деца, јавно информирање, комунални дејности…“

Значи, образованието, културата, науката, безбедност… не се примарни општествени функции.

Во еден од моите поранешни текстови се истакнува дека реформите во образованието се за пофалба, но не треба да бидат избрзани, ниту да преземаат изолирани аспекти од другите општества и да се обидат вештачки да ги имплементираат во нашето. Тоа може да вроди само со штета.

Во развиените држави буџетот за образование, платите и правата на наставниците се на многу високо ниво. Во нашето општество наставникот има плата на рамниште на општ работник, а буџетот за образование е двојно помал од тој на земјите од кои се инспирираме за реформите во образованието. Последниот удар е со новите измени во колективниот договор кој се однесува на вработените во јавниот сектор.

Наставниците, по неколкугодишна борба за своите права, повторно се изоставени, игнорирани и понижени. Нивната работа во голема мерка се состои од обврски активности, дури и во денешни услови ако работат од дома, нивните обврски не завршуваат со последниот час. Наставниците мораат да ги пополнат уредно дневниците (физичкиот и електронскиот), да направат подготовки за часовите, да ги прегледаат домашните и писмените задачи, да држат обуки итн. За сите овие активности тие не се дополнително платени зашто тоа е дел од нивниот договор.

Наставникот е преработен, демотивиран, малку платен и незаштитен. Наставниците треба да имаат – а немаат – бенефициран стаж, треба да имаат – а немаат – К-15, треба да имаат синдикат кој со сите сили и жестоко ќе се бори за нивните права – а немаат!

Ако ова е дел од реформите во образованието, тешко ни се пишува!

Како што би кажал Тошо Малерот од хумористичната серија „К-15“: „Тоа ти е, батка!“

Славните фраерски цитати на Тошо Малерот

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *