Кој го „измислил“ атомот?

Во делото „Атом и Ева“ од 2012 година на Бранко Прља, со жанрот на едукативна проза, авторот се обидува на малку поинаков начин да ја раскаже историјата на атомизмот.

На прашањето од каде потекнува идејата за атомизмот, во духот на Европоцентризмот, идеја готвена во алхемистичките кујни на Средниот век во Европа, се што вреди произлегло од Европа. Но, вистината е далеку од тоа. Атомизмот, елементите, филозофските идеи како „Се тече, се се менува,“ како и многу други кои се сметаат за основа на западната мисла, потекнуваат од истокот, поточно од Индија. Да тргнеме од почеток.

Филозофската Ваишешика школа основана од индискиот филозоф Канада во 600 г. пне., како што можеме да прочитаме во текстот „Ваишешика-сутра“, пропагирала дека универзумот е во состојба на постојана промена и дека со сè во светот раководи каузалитетот, принципот на причина и последица кои се различни, но поврзани. Ова потсеќа на прочуеното Panta Rei на Хераклит Мрачниот, или на популарното „Се тече, се се менува“.

Канада, исто така, тврдел дека постои врска помеѓу целината и нејзините делови, т.е. кога материјата се дезинтегрира, делчињата продолжуваат со сопствена егзистенција, но, воедно велел дека целината има сопствено постоење и не постои како одвоени делчиња. Oва тврдење може да ви се чини како контраинтуитивно, но, како што ќе видиме понатаму, токму таква е и квантната теорија денес.

За вас кои мислите дека античките Грци ја создале атомската теорија, зачинетата индиска кујна на трансцендентални мисли ви има приготвено изненадување. Ги предупредуваме тие со послаби стомаци веднаш да го затворат атомистичкиов готвач и да земат полесна литература. Другите би требало да знаат дека Демокрит и атомистите биле чести посетители на Истокот и на тие патувања случајно го фатиле вирусот на атомизмот.

Ваишешика филозофијата гледала на светот како на врски помеѓу атомите, создала теории за тоа како атомите се комбинираат во покомплексни објекти и постулирала дека сите објекти во физичкиот универзум може да се сведат на ограничен број атоми.

Оваа школа, исто така, тврдела дека сите елементи – земја, вода, оган и воздух (да, исто така пред античките Грци), се направени од невидливи параманус (атоми). За тоа тие имале едноставен аргумент.

Да претпоставиме дека материјата не е изградена од невидливи атоми, т.е. дека е континуирана. Да земеме еден камен. Секој може да го подели овој камен на бескрајно мал број парчиња (бидејќи материјата е бесконечна). Хималаите, исто така, имаат бесконечно многу делчиња, според што секој може да направи уште едни Хималаи со бескраен број делчиња. Ако започнеш со камен, ќе завршиш со Хималаите, што е парадокс – според тоа, оригиналната претпоставка дека материјата е бесконечна мора да биде грешна, според што сите објекти мора да се направени од ограничен број на атоми. Овa елегантно аргументирање е далеку поуверливо од млечниот силогизам на Грците ко наводно тврделе дека ако го сечеш кашкавалот доволно долго, конечно ќе дојдеш до неделиво парче кашкавал.

Според старите Индијци атомите се неделиви и вечни, не можат да се уништат, ниту да се создадат. Секој атом поседува сопствена индивидуалност. Ова неодоливо потсетува на грчката атомистичка доктрина и навистина, постои дебата помеѓу научниците за потеклото на Индискиот атомизам. Во историјата на филозофијата денес се смета дека Индиската и Грчката верзија на атомизмот се развиле независно. Сепак, постои сомнеж во врска со тоа, поради сличностите помеѓу Индискиот и Грчкиот атомизам и блискоста на Индија до сколастичката Европа, како и фактот дека (според Диоген Лаертие, грчкиот историчар на филозофијата) Демокрит „бил запознаен со делата на Гимнософистите (голите филозофи) од Индија“.

Интересно е да се забележи, иако модерната наука докажала дека и атомот е делив и се состои од помали елементи, потрагата по тоа да се „види“ атомот била научниот свет грал. Сепак, постоел проблем – брановата должина на светлината е поголема од големината на атомите. На помош дошле електронските микроскопи, но и тие немале доволна резолуција. Истражувачите Binnig и Rohrer дошле до генијална идеја – да наострат игла толку прецизно што ќе дојде до големина на еден атом и резолуцијата ќе биде одредена од острината на иглата. Сето ова, иронично, многу потсеќа на мисловниот експеримент на грчкиот атомизам. Повеќе информации во видеото подолу:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *