Bad Religion, Скопје, скејтери, Це-Kа, Big Bang! #1

No Control” е четвртиот албум од старите рокери Bad Religion.
Како најдоминантни претставници на панк-рокот, скејт-панкот, а воедно и мелодичниот хардкор, во Скопје во доцните 1980-ти и рани 1990-ти овој албум беше еден од најслушаните во друштвото скејтери кои се собираа пред тогашното автентично Це-Ка, денешното неокласицистичко чудовиште наречено Влада.

BadReligionNoControl.jpg

Мало, Боули и тогашната тајфа скејтери беа помеѓу првите кои ги слушаа ваквите бендови и скејтаа по скопските улици со звуците на Bad Religion, Gorilla Biscuits, Spermbirds (со песната која стана химна на скејтерите My God Rides A Skateboard), Suicidal Tendencies, NOFX и многу други бендови слушани на касети кои премногу пати се преснимуваа додека не се добиеше познатиот хардкор звук на шуштење посилно од звукот на ту-па-ту-ту-па.

“No Control” е албум кој типично хардкорски трае 26 минути и во таа кондензирана форма се среќаваат теми како политика, филозофија, современ живот, општество, човечки права, медиуми, консумеризам, па дури и наука! Тоа е просечно под 2 минути по песна!

Си реков, ако можат Bad Religion во помалку од две минути да пеат (свират?) за толку комплексни теми, тогаш можам и јас да ги раскажам нивните песни во моментот додека ги слушам – моќно и брзо, хардкорски!


“Change of Ideas” (0:55), новиот милениум доаѓа и потребни се промени на идеи, очекуваме со возбуда, но исполнети сме со страв! Новиот милениум дојде, возбудата исчезна, стравот остана…


“Big Bang” (1:42), за мене, како љубител на астрономијата, оваа песна беше доволна да се заљубам во бендов! Тие се панк-рокери кои пеат за Big Bang и Big Crunch, и за идејата дека „сѐ се враќа, сѐ се плаќа,“ – затоа подготви се за судниот ден! Нашите постапки имаат последици – карма бејби!


“No Control” (1:46), епонимска политичка песна која прашува дали воопшто имаме контрола врз животот? Немаме перспектива, а историјата нѐ теши, но сегашноста треба да се живее! Сепак, немаме контрола!


“Sometimes I Feel Like” (1:34), песна за сиромаштијата и неправедното богатство. Утре можеби ќе биде подобро, но денес не е. Твојата неделна плата е утеха, но ти си без глас, сакаш да кажеш многу работи, но мозокот ти се испречува. Не си сам, на сите ни е исто, збунети сме и покорни… ненадеен крај!


“Automatic Man” (1:40), тој е суперхерој со длабоки моќи, безумен модерен човек со бесмислен живот, тој е Автоматскиот човек и тој е мртов. Бенг-бенг! Тој е твојот пријател – си го сретнал сигурно, пуши три кутии цигари дневно и нема оригинални мисли. Но, живее без грижи. Тој е обичниот човек – тој е твојот брат!


“I Want to Conquer the World” (2:19), дали си толку морален колку што велиш? Дали имаш сочуство како што глумиш? Дали науката е поморална од религијата? Дали ни треба нова религија? Крај на сиромаштијата и нееднаквоста! Дали е возможно или е само шега? Политиката ги расплакува децата, а моралните војници први праќаат луѓе да гинат. Нечистотијата е насекаде, китови умираат, планетата страда, дали некогаш ќе има мир на светот?


“Sanity” (2:44), песна со побавен ритам за да си го зачуваме менталното здравје. Стрелките на часовникот се скршени. Безлични лица насекаде, збунетост како основна состојба на умот и постојан сомнеж. Тешко е да бидеш разумен во свет кој постојано се менува! Веруваш ли во разумот? Ја гледаш ли сенката на ѕидот? Депресија те фаќа, постојано се сомневаш во себеси независно од тоа што правиш. Но, ако веруваш во разумот ќе бидеш посилен – веруваш ли во него?


“Henchman” (1:07), дали си следбеник во борбата за прифаќање?
Бори се за своите идеи наместо да ги следиш туѓите! Почитувај го доброто во луѓето, за доброто на сите луѓе! Следи ги моите идеи!… иронично нели?


Текстот продолжува тука.

One thought on “Bad Religion, Скопје, скејтери, Це-Kа, Big Bang! #1

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *