Прва фотографија на црна дупка!

Терминот „црна дупка“ е одамна преминат од сферата на академските и научни кругови во доменот на популарните медиуми. Веќе пишувавме текст на оваа тема.

Навистина е интересна фасцинацијата со оваа појава кога во вселената постојат многу други интересни феномени кои се сосема непознати. Дали знаете што е пулсар, квазар, неутронска ѕвезда?

Се разбира, во вселената нема други такви екстремни објекти како што се црните дупки. Просторот и времето во нив губат значење, а самата светлина, најбрзото нешто во вселената, не може да избега од нивното гравитациско влијание. Родени во пеколната експлозија наречена супернова која во еден кус временски период може да засвети колку една цела галаксија и во нејзината утроба се раѓаат сите познати хемиски елементи од кои е направено сѐ во вселената, па дури и ние.

Related image

За црните дупки постојат различни теории, а научниците како Алберт Ајнштајн или Стивен Хокинг имаат изградено цели научни кариери врз нив. Некои велат дека црната дупка е влез во друга димензија која може да биде толку „откачена“ што таму времето тече обратно.

Но, колку и да (мислиме дека) знаеме за нив, сепак досега не е направена фотографија на црна дупка. Клучниот збор е „досега“.

Тимот на Event Horizon Telescope (EHT) со помош на глобална мрежа на телескопи и повеќе од 200 соработници ја изработи првата фотографија на супермасивна црна дупка во центарот на галаксијата М87. Се работи за прв директен визуелен доказ дека црните дупки постојат.

Црната дупка се наоѓа на 55 милиони светлосни години од Земјата (што оваа фотографија ја прави 55 милиони години стара!) Иако велиме дека се работи за фотографија, треба да се има во предвид дека телескопите со кои е добиена сликата се радио-телескопи, што значи дека го гледаат оној спектар од светлината кој ние не го гледаме, а после сликата се „конвертира“ во видливиот или оптички дел од спектарот.

Собраните податоци биле толку многу што не можеле да ги пратат преку интернет, туку морале да ги зачуваат во хард дискови и да ги пратат во центар за процесирање.

Супермасивната црна дупка има маса од 6.5 милијарди сонца и има радиус од 40 милијарди км, што е три милиони пати од големината на Земјата, според што се работи за вистинско вселенско чудовиште.

И да не должиме многу, еве ја првата фотографија од црна дупка!

One thought on “Прва фотографија на црна дупка!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *